• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден
6 септември 2022 (МИА)   1522.- Шпанскиот морепловец Хуан Себастијан дел Кано прв ја обиколи Земјата враќајќи се во Шпанија со бродот "Викторија" со само 18 морнари. Со тоа тој ја заврши експедицијата започната во 1519 година. Експедицијата беше составена од пет брода и 270 морнари. 1569.- Умре Питер (Стариот) Бројгел (Брухел), фламански сликар, реалист и колорист, еден од првите пејзажисти во светот според вредноста и според времето во кое живееше. Претежно сликаше сцени од селскиот живот. Зад себе остави 40 слики, 100 цртежи и други дела. Автор е на делата „Ловци во снег“, „Поклонување на кралевите“, „Селска свадба“, „Селско оро“ и други. Роден е околу 1525 година. 1683.- Умре Жан Батист Колбер, француски државник, преродбеник на француската морнарица и основач на поморската и колонијалната моќ на Франција. Роден е на 29 август 1619 година. 1766.- Роден е Џон Далтон, англиски хемичар и физичар, еден од основачите на атомската теорија на материјата, кој прв ја постави врз експериментална основа. Своето сфаќање го изнесе во делото "Нов систем на филозофијата и на хемијата", го објави Прустовиот закон на постојани пропорции и го постави законот за зголемени пропорции. Прв ги одредуваше атомските тежини и хемиските елементи. Ги испитуваше особините на гасовите, го постави законот за парцијалните притисоци и се занимаваше со метеорологијата. Бидејќи страдаше од слепило за боја, ја проучуваше и таа анатомија, која по него е наречена "далтонизам". Умре на 27 јули 1844 година. 1860.- Родена е Џејн Адамс, општествен реформатор, добитник на Нобеловата награда за мир во 1931 година. Се занимаваше со практично решавање на социјалните проблеми и беше пр 1876.- Роден е шкотскиот физиолог Џон Џејмс Рикард Меклауд, кој заедно со канадскиот физиолог Фредерик Грантом Бантинг во 1923 година ја подели Нобеловата награда за медицина за откривањето на инсулинот. 1901.- Во Бафало, во САД е извршен атентат врз американскиот претседател Вилијам Мекенли кој умре по една недела, а на 14 септември истата година Теодор Рузвелт стана нов претседател на САД. 1903.- Кај селото Витишево, Кочанско, во борба против турската армија загина Милан Трајков Стоилов, македонски револуционер, еден од основачите и секретар на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, член на Тајниот македонско-одрински кружок и учесник во Илинденското востание. Роден е во Кукуш, на 14 јануари 1881 година. 1914.- Почна битката на реката Марна, една од најважните во Првата светска војна. Таа го означи пресвртот на боиштето, бидејќи француската војска ја порази германската, која до тој момент бележеше голема предност. 1940.- Романскиот крал Карол Втори Хоенцолерн во Втората светска војна абдицираше во корист на неговиот син Михајло. 1943.- Поради акциите што ги преземаше Вториот кичевски НОП одред низ Копачијата, италијанскиот окупатор заедно со балистичките банди го запалија селото Извор, Кичевско, во пожарот изгореа повеќе куќи и плевни. 1944.- Ослободено е Кратово. 1944.- Царската влада на Бугарија и објави војна на нацистичка Германија. Одлуката е донесена во моментот кога единиците на Црвената армија веќе дојдоа до бугарската граница. Бугарија дотогаш беше сојузник на Третиот Рајх. 1962.- Во Струга започна првата поетска манифестација Струшки вечери на поезијата. Најзначајната награда на Струшките вечери на поезијата е "Златниот венец", која првпат му е доделена во 1966 година на советскиот поет Роберт Иванович Рождественски за најдобра песна. Од 1971 година "Златниот венец" се доделува за целокупен поетски опус. 1966.- Јужноафриканскиот премиер Хендрик Френш Фервуд за време на парламентарната дебата во Кептаун го уби собранискиот курир Димитрик Кафондас. За време на неговото владеење од 1958 година донесени се најголем дел закони со кои се регулира системот на апартхејдот во Јужна Африка. 1968.- Африканското Кралство Свазиленд се стекна со независност од Велика Британија, која со неа владеела од 1881 година. 1970.- Палестински терористи грабнаа четири авиони кои летаа од Европа во Њујорк. Следниот ден во Карио го запленија авионот "Боинг 747" на американската компанија "Пан американ", а двата "Боинга 707" ги дигнаа во воздух на 12 септември 1970 година во Јордан. Четвртиот авион го спуштија во Лондон, а грабнувачката Лејла Калед беше уапсена. 1974.- Претставници на Фронтот за национално ослободување на Мозамбик и претставници на португалската Влада склучија спогодба за независност на Мозамбик. 1975.- Во катастрофалниот земјотрес што ја зафати Турција загинаа околу 2.350 лица. 1989.- При пад на кубански патнички авион во предградие на Хавана, непосредно пред полетувањето, загинаа 170 лица. 1991.- СССР ги призна за независни Литванија, Летонија и Естонија. 1991.- Ленинград го врати старото име Санкт Петербург. 1994.- Ирскиот премиер Алберт Рејнолдс првпат во име на ирската влада се сретна со Џери Адамс, лидерот на северноирската партија Шин Фејн со кој разговараше за политичко решавање на долгогодишната криза во судирот меѓу римокатолиците и протестантите во Северна Ирска. 1998.- Умре јапонскиот филмски режисер Акира Куросава, кој ја прослави јапонската кинематографија. Куросава е единствениот режисер добитник на два Оскара за најдобар странски филм. Успешно ги спои јапонската традиција и култура со европскиот сензибилитет, а критичарите го нарекоа "цар на јапонската кинематографија". Филмови: "Седум самураи", "Крвавиот престол", "Идиот", "Да се живее" и други. Роден е во Токио, на 23 март 1910 година. 2001.- Британецот Питер Бреј прв со кајак го преплива Атлантскиот Океан, за што му беа потребни 75 дена. 2002.- Германската Влада одлучи да им исплати повеќе од две милијарди евра надомест на спортистите од поранешна Источна Германија подложени на систематската програма за допионг од седумдесеттите години на 20. век. 2007.- Во Модена умре светски познатиот италијански тенор Лучано Павароти. На Павароти му беше поставена дијагноза рак на панкреас по што му беше направена операција. Неговата светска слава почна на 17 февруари 1971 година со настапот во њујоршкиот Метрополитен. Во 1990 година се здружи со Хозе Карерас и Пласидо Доминго. Павароти доби неколку „Греми“ награди. Поради здравствените проблеми тој се прости од настапите во 2004 година. Роден е во Модена на 12 октомври 1935 година. 2019.- На 95-годишна возраст почина Роберт Мугабе, првиот претседател Зимбабве откако оваа африканска земја ја стекна својата независност. Мугабе почина по повеќегодишна болест. Тој беше лидер на Движењето за ослободувањето на Зимбабве од владеењето на белото малцинство. Беше соборен од власта во текот на воен удар, во ноември 2017 година, по три децении неприкосновено владеење, период во кој тој прерасна од омилен херој на ослободувањето на земјата до омразен диктатор.   ###

Остани поврзан