• петок, 22 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
26 декември 2020 (МИА) 1620.- Стотина населеници, исклучени од верски нетолерантната Англија, пристигнале со бродот „Мејфлауер“ во Америка и ја основале населбата Плимут. Тоа бил почетокот на поинтензивното населување на северноамериканскиот континент. 1792.- Роден е англискиот пронаоѓач и математичар Чарлс Бебиџ, „татко“ на модерниот компјутер. 1805.- По победата кај Аустерлиц, Наполеон и ги одзел на Австрија - Венеција, Тирол и далматинското крајбрежје. За да го отстрани австриското влијание врз германските држави, францускиот император ја создал Рајнската конфедерација, држава-сателит на Франција. Одредбите од овој мир биле поништени на Виенскиот конгрес во 1814 година. 1825.- Во Санкт Петербург на денот на полагањето заклетва на новиот цар Николај Први некои од полковите се побуниле и побарале донесување устав, но буната позната како Декабристичко востание била веднаш задушена. 1827.- Турскиот султан Махмуд II го отфрлил правото на сојузниците да посредуваат во војната меѓу Турција и Грција. 1890.- Умрел германскиот археолог Хајнрих Шлиман, кој во 1868 година ја открил Троја, користејќи се со податоците од Хомеровите дела „Илијада“ и „Одисеја“. Ги открил и Микена, Орхомен и Итака, потрошувајќи го своето севкупно милионско богатство на археолошките ископувања. 1891.- Роден е американскиот писател Хенри Милер. Покрај тоа што  пишувал, тој творел и областа на сликарството. Дела: „Црна пролет“, „Недела после војната“, „Книги за мојот живот“. 1893.- Во селото Шаошан, во провинцијата Хунан, е роден Мао Це Тунг, кинески револуционер, еден од основачите и долгогодишен водач на Комунистичката партија на Кина. Со прогласувањето на Народна Република Кина во 1949 година, тој бил избран за претседател на нејзината влада. Умрел на 9 септември 1976 година. 1908.- Американецот Џек Џонсон, од африканско потекло, со победа врз Канаѓанецот Томи Барнс станал првиот црнец  кој станал светски првак  во бокс. 1939.- Во земјотресот во Анадолија, во Турција, загинале околу 32.000 луѓе. 1942.- Во околината на Кардица, Грција, била извршена смртната пресуда на шестемина македонски првоборци и комунисти: Ристо Андриовски, Живко Кенков, Наум Москов, Стасо Скивински, Наум Журков и Кољо Шекров. На овие револуционери им било судено во Атина, на 12 декември 1942 година. 1945.- Во Солун бил одржан пленум на Бирото на КПГ за Македонија и Тракија. На пленумот, кој траел два дена, генералниот секретар на КПГ, Никос Захаријадис во својот говор, меѓу другото истакнал дека туѓите сили треба да се повлечат од Грција, за да остане народот сам и суверено да ги реши своите проблеми. Во продолжение на говорот Захаријадис ја признал македонската организација НОФ, како демократска и антифашистичка и изразил готовност за соработка со неа. 1971.- Изразувајќи ја огорченоста кон американската авантура во Виетнам, 16 американски ветерани од војната во Виетнам ја окупирале Статуата на слободата во њујоршкото пристаниште. 1972.- Умрел Хари Труман, триесет и третиот претседател на САД, кој за време на своите два мандата (1945 до 1953 година) бил главен креатор на американската повоена политика. Во историјата ќе остане забележан како човек кој го одобрил атомското бомбардирање на јапонските градови Хирошима и Нагасаки. 1975.- Со летот на линијата Москва - Алма Ата, авионот „Tu 144“ станал првиот суперсоничен авион во светот, воведен во редовен сообраќај. 1983.- Умрел шпанскиот сликар, вајар и керамичар Хуан Миро. Бунејќи се против класичното обликување на светот и животот, ја изговорил прочуената реченица: „Треба да се убие сликарството“. Студирал во Барселона, а од 1919 година живеел во Париз. 1989.- Ден по стрелањето на Николае и Елена Чаушеску, Романскиот фронт на националниот спас ја избрал новата влада на чело со Јон Илиеску. 1991.- Сојузниот парламент на СССР на својата последна седница го објавил своето распуштање. По напуштањето на претседателската функција, Михаил Горбачов го потпишал Указот со кој "атомското копче", му го предал на Борис Елцин. 1996.- Во селото Малкоец, Кичевско, умрел Сајко Митревски, најстариот (дотогаш) Македонец (110 години). Роден бил во селото Малкоец, на 16 февруари 1886 година. 2001.- Врховните совети на Руската Федерација и Белорусија во Москва донесле одлука од 2005 година руската рубља да биде заедничка валута и на двете земји. 2003.- Во земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала кој го погодил југоисточен Иран загинале 26.271 лице, повеќе илјади биле повредени, а како исчезнати се воделе 525 лица. Епицентарот на земјотресот бил во близина на туристичкото место Бама, во кое се урнале околу 70 отсто од зградите. 2004.- Повеќе од 227.000 лица загинале во цунами-брановите кои ја опустошиле јужна и југоисточна Азија. Брановите цунами биле предизвикани од катастрофалниот земјотрес со интензитет од 9 степени според Рихтеровата скала, што го зафатил тој дел на светот. 2005.- Умрел американскиот актер Винченте Скјавели, кој снимил 98 филма, меѓу кои: „Лет над кукавичкото гнездо“, „Дух“, „Амадеус“, Блејд Ранер“, „Народот против Лари Флинт“. 2006.- Во експлозија на нафтовод во предградието на Лагос загинале повеќе од 850 луѓе, додека околу 60 биле пренесени во болница со тешки изгореници од различен степен. Нигерија е најголем производител на нафта во Африка, но криминални групи често ги оштетуваат нафтоводите заради ограбување, при што неретко доаѓа до несреќи. При експлозијата изгореле повеќе од 60 куќи кои се наоѓале во близина, како и 52 возила. ###  

Остани поврзан