• петок, 22 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
2 септември 2020 (МИА) 31 п.н.е.- За време на битката во Јонското Море во северозападниот дел на Грција, Римјаните ја победија здружената флота на римскиот војсководец Марк Антониј и неговата сопруга, египетската кралица Клеопатра VII. 1666.- Во Лондон изби катастрофален пожар. Oгнената стихија за пет дена речиси го уништи градот, вклучувајќи и 97 цркви меѓу кои и катедралата "Свети Павле". 1838.- Родена е последната хавајската кралица Лилиуокалани. Пацифистичките острови во 1898 година беа анектирани од САД. 1872.-  На петтиот конгрес на Првата интернационала во Хаг  е одлучено Генералниот совет да биде преместен од Европа во САД. Конгресот во Филаделфија во 1876 година одлучи да се распушти Генералниот совет, а Интернационалата да престане со своето делување. 1901.- Роден е унгарскиот писател Золтан Чука. 1905.- Кај месноста Ѓуров Дол, во близина на селото Ѓавато, Гевгелиско, во борба против триилјадна турска војска, откако го уби турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоуби гевгелискиот војвода Леонид Јанков. Борбата, што ја водеше заедно со уште неколкумина негови соборци траеше цел ден. За херојската борба на Леонид Јанков и ден-денес се пее и се раскажува не само во Гевгелија, туку и низ цела Македонија. Песната "Трба, трби гевгелиска" му е посветена на овој 27-годишен војвода. Уште како селски чувар, Леонид Јанков соработуваше со илинденските востаници и со ВМРО, а учествуваше и во неколку други акции против турската војска. Роден е во селото Мачуково, Гевгелиско, во 1878 година. 1910.- Умре францускиот самоук сликар Анри Русо, викан "Цариник". 1922.- Умре австралискиот писател Хенри Арчибалд Ларсен, познат како Хенри Арчибалд Лосон. Тој беше нарекуван и сликар на австралиските колорити. Патуваше многу по светот а исто така пишуваше и песни. 1922.- Во Скопје е формиран скопскиот спортски клуб „Македонија“. 1930.- Со авионот "Знак прашање" француските пилоти Диедон Кост и Морис Белонт го извршија првиот непрекинат лет помеѓу Европа и САД. 1937.- Умре францускиот историчар и педагог Пјер де Кубертен, обновувач на Олимписките игри според угледот на спортските натпревари во стара Грција. Благодарение на него, во Атина во 1896 година се одржани првите модерни Олимписки игри. Погребан е во Женева, а неговото срце по негова желба  погребано е на Олимп, престолнината на античките Олимписки игри. 1941.- Македонскиот поет и револуционер Коле Неделковски, за да не се предаде жив во рацете на бугарската полиција, фрли бомба и се самоуби, фрлајќи се на улица низ прозорецот од својата соба. Живееше  во стан на шести кат во Софија. Во тој период Неделкоски беше член на една диверзантска група. Најпознати негови дела се збирките песни "Молскавици" и "Пеш по светот". Роден е во селото Војница, Велешко, на 16 декември 1912 година. 1944.- Ослободен е Демир Хисар. 1944.- Президиумот на АСНОМ на својата трета седница, што ја одржа во манастирот Свети Прохор Пчински, еден месец по историското Прво заседание на АСНОМ, донесе одлука за основање на телеграфска агенција на Македонија - ТАМ. Оваа агенција одигра мошне важна улога во ширењето на вистината за праведната борба на македонскиот народ за национално и социјално ослободување. 1944.- Кај селото Отиштино, Велешко, од Велешкиот НОП одред "Трајче Петкановски" и од борците од велешкиот крај е формирана Осмата македонска НОУ бригада. При формирањето имаше четири баталјони со околу 950 борци. Во септември бригадата дејствуваше по должината на железничката пруга Велес - Скопје. 1945.- Кај селото Корнишор, Ениџе-Вардарско, откако беше предаден и поколен од една грчка жандармериска единица, при обидот да го пробие обрачот, загина од непријателски рафал Атанас Коровешов, член на Главното раководство на НОФ, еден од најверните синови на македонскиот народ. Роден е во селото Смрдеш, Костурско, во 1918 година. 1945.- На палубата на американскиот брод "Мисури", во Токискиот Залив, е потпишана безусловна капитулација на царска Јапонија, последна членка на поразените сили во Оската. Со тоа заврши Втората светска војна. 1945.- Прогласена е Демократска Република Виетнам со претседателот Хо Ши Мин. 1947.- Во Рио де Женеиро, на иницијатива на САД, е склучен Рио пактот, воена спогодба на 20 држави од Американскиот континент, кој претставува прва регионална воена спогодба по Втората светска војна. 1971.- Обединетата Арапска Република (САР) го промени називот во Арапска Република Египет (АРЕ). 1973.- Умре англискиот писател Џон Роналд Руел Толкин, професор по англосаксонски и англиски јазик и книжевност на Оксфордскиот универзитет. 1990.- Околу 700 државјани на западни земји, меѓу кои многу жени и деца, заминаа од Багдат. Ирак, според толкувањата на Запад, ги држеше како заложници пред избувнувањето на Заливската војна. 1991.- Во Скопје е формирано Геронтолошкото друштво на Македонија. 1998.- Швајцарски авион падна во Атланскиот океан во близина на канадската провинција Нова Шкотска. Во несреќата загинаа сите 229 патници и членовите на екипажот. 1999.- Кина официјално соопшти дека со вооружена сила ќе го спречи евентуалниот обид на Тајван формално да ја прогласи независноста на островот. 2000.- Умре Александар Каевски, еден од основоположниците на современата македонска илустрација за деца и млади. Роден е во 1932 година. 2007.- Националната противпожарна служба на Грција соопшти дека се изгаснати главните пожари кои со денови беснееја на југот на Грција. Огнената стихија уништи околу 190.000 хектари шума и обработливо земјиште. Вкупниот број на жртви изнесува 65. Штетата од пожарите беше проценета на четири милијарди евра, а околу 4.000 луѓе останаа без своите куќи. ###

Остани поврзан