• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
14 јуни 2020 (МИА) - Ден на знамето на САД - Светски ден на крводарителството 1645.- Во граѓанската војна во Англија силите на парламентаристите, под водство на Оливер Кромвел и Томас Ферфакс, кај Нејзби ја поразиле војската на монархистите, лојални на кралот Чарлс Први, која била предводена од принцот Руперт од Палатинејт. Кралот бил заробен, а револуционерниот суд го осудил на смрт и го погубил во 1649. 1777.- Конгресот на САД го прифатил знамето „ѕвезда и пруга“ како официјално државно знаме. 1798.- Роден е чешкиот историчар и политичар Франтишек Палацки, водач на чешката преродба во 19 век. Како лидер на Федералистичката партија се залагал за австрославизам, за федеративно преуредување на Австрија. Бил организатор и претседател на Сесловенскиот конгрес во 1848 годна, еден од основачите на „Матицата на Чешка“, секретар на Научното друштво, покренувач и уредник на списанието „Чешки музеј“. Дела: „Историја на чешкиот народ“, „Почетоци на чешката поезија“. 1800.- Наполеон Бонапарта на чело на француската војска ги победил австриските трупи кај италијанското село Маренго и повторно ја освоил Италија. 1811.- Во Личфилд е родена Хариет Елизабет Бичер Стоу, американска писателка, неуморен борец за ослободување на робовите и за правата на жените. Автор е на познатиот роман „Колибата на чичко Том“, дело кое придонесло за укинувањето на ропството во САД. Умрела во 1896 година. 1904.- Во Сремска Каменица умре Јован Јовановиќ Змај, српски писател, преведувач, новинар, академик и лекар, еден од најпопуларните детски писатели, кој се смета за родоначалник на српската поезија. Негови познати дела се „Пејанија“ и „Трендафилчиња“. Како новинар основал и уредувал повеќе списанија од кои најзначајни се сатиричното дело „Змај“ и списанието за деца "Невен". Роден бил во Нови Сад, на 6 декември 1833 година. 1924.- Роден е рускиот писател Владимир Алексеевич Солоухин. Дела: збирка песни „Како да се испие сонцето“, „Човекот со цвеќе во раце“, „Да се живее на земја“, „Аргумент“, „Лирика“, „Сонетен венец“, прозите „Владимирски патеки“, „Капка роса“, „Писма од Рускиот музеј“, „Време за собирање камења“, „Мед на леб“. 1928.- Роден е аргентинскиот револуционер Ернесто „Че“ Гевара, кој прераснал во симбол на револуцијата во Јужна Америка, но и ширум светот, особено меѓу младите. Дипломирал медицина во Буенос Аирес во 1953 година, а потоа отишол во Гватемала, па во Мексико, каде го запознал Фидел Кастро, со чија експедиција во 1956 година се истоварил на Куба. По победата на револуцијата во 1959 година, во 1961 година станал министер за стопанство, а Куба ја напуштил во 1965 година со намера во Боливија, каде бил убиен во 1967 година, да поведе востание за ослободување на Јужна Америка од доминацијата на САД и домашните олигарси. 1933.- Роден е американскиот писател од полско потекло Јузеф Новак, познат како Јежи Косински. Дела: „Обоена птица“, романите „Чекори“, „Присутност“, „Пилотска кабина“, „Ѓаволско дрво“. 1934.- Во пазувите на Рила Планина, во месноста Динков Дол, во атарот на селото Белица, Разлошко, Пиринска Македонија, бугарските врховисти го убиле Симеон Кавракиров, македонски револуционер, следбеник на Гоцевите идеи и секретар на ВМРО (обединета) за Пиринска Македонија. Роден бил во Солун, на 6 ноември 1898 година. 1941.- Председателот на САД Френклин Розвелт наредил во Втората светска војна да се замрзне сиот имот на Германија и Италија во САД. 1946.- Умрел шкотскиот пронаоѓач Џон Логи Берд. Во 1923 година го извел првиот пренос на ТВ-слика како црно-бела силуета, а во 1925 година како слика со полутонови. Во 1927 година го конструирал уредот за ноќно набљудување со помош на инфрацрвени зраци, а во 1928 година го извел првиот прекуокеански ТВ-пренос меѓу Лондон и Хортсдељ во САД и прв ја конструирал и прикажал ТВ-програмата во боја. 1946.- Роден е Доналд Трамп, американски политичар, стопанственик, јавна личност и 45-ти претседател на САД. Трамп е роден и израснал во подрачјето Квинс во Њу Јорк каде што станал дипломиран економист на факултетот Вартон при универзитетот Пенсилванија во 1968. Во 1971 тој ја презел семејната фирма за недвижности и градежништво „Elizabeth Trump & Son“, која што подоцна се преименила во „Организација Трамп.  Победил на претседателските избори на 8 ноември 2016, освојувајќи мнозинство во американскиот изборен колегиум, и покрај тоа што добил помалку гласови на народното гласање на национално ниво од кандидатот на Демократската партија, Хилари Клинтон. На полни 70 години, Трамп ќе стане најстариот и најбогатиот човек што станал претседател на САД, надминувајќи ги Роналд Реган и Џорџ Вашингтон. Тој, исто така, е единствениот човек во историјата на САД кој ќе биде избран за претседател, а кој притоа не вршел никаква претходна воена или друга јавна дејност. 1948.- Почнала дотогаш најголемата офанзива на грчката владина војска против ДАГ во северен Пинд-Грамос. Во битката на Грамос, се извршени најголемите херојски подвизи на борците на ДАГ и се запишани најсветлите станици на македонскиот и на грчкиот народ за слобода и независност. Оваа офанзива зазема посебно место во ослободителните борби на македонскиот народ, затоа што таа главно се водеше на македонска почва и во неа на страната на ДАГ се бореле многу Македонци. 1962.- Во Париз била основана Европската организација за истражување на вселената. 1968.- Умрел италијанскиот писател Салваторе Квазимодо, добитник на Нобеловата награда за литература во 1959 година. Дела: збирка песни „Вода и земја“, „Да дадеш и да имаш“, „Мирисот на евкалиптусот“, „А вечерта е тука“, „Животот не е сон“, „Потопена обоа“, „Вистинско и лажно зелено“, есејот „Поет и политичар“. 1986.- Во Женева умрел Хорхе Луис Борхес, аргентински писател, фантазер, еден од најголемите интелектуалци на современата култура, која длабоко ја одбележал латинско-американската книжевност, поради што се вбројува меѓу најголемите светски писатели. Најпознати негови дела се "Универзална историја на бесчестието", "Фантазии", "Алеф", "Извештај за Броди" и "Девет есеи за Данте". Роден бил во Буенос Аирес, на 24 август 1899 година. 1990.- Во романската престолнина Букурешт околу 10.000 рудари, по наговор на власта, како што тврдела опозицијата, ја растуриле шаторската населба на студентите кои демонстрирале во центарот на градот и ги демолирале редакциите на одделни весници и седиштата на опозиционите партии. 1993.- Тансу Чилер станала прва жена премиер во историјата на Турција. 1994.- Во Лос Анџелес умрел Хенри Мансини, познат американски композитор на музика за многу филмови. Роден бил во Кливленд, на 16 април 1924 година. 1996.- Во Скопје бил отворен Британскиот информативен центар. 2005.- Австрискиот претседател Хајнц Фишер го потпишал документот на австрискиот парламент со кој и формално бил ратификуван Уставот на ЕУ. 2007.- Умрел Курт Валдхајм, генерален секретар на Обединетите нации од 1971 до 1981 година и претседател на Австрија од 1986 до 1992 година. Од 1968 до 1970 година бил шеф на австриската дипломатија, а од 1982 до 1984 година професор на американскиот Џорџтаун универзитет во Вашингтон. 2016.- На 77-годишна возраст починал Мичу Месарош, актерот што ја толкувал улогата на вонземјанецот Алф во истоимената популарна ТВ серија од 80-тите. Актерот висок само 84 сантиметри го носел костимот на вонземјанецот Алф, но во серијата, гласот на познатиот лик му го позајмувал актерот Пол Фуско. Серијата имала  четири сезони. Актерот Михаил „Мичу“ Месарош бил роден во Унгарија. Во 1973 година се приклучил на циркуската трупа на „Ringling Bros and Barnum & Bailey“. Учествувал и во сериите „Dear John“ и „H.R. Pufnstuf“, како и со мали улоги во филмовите „Look who`s talking“ и „Big Top Pee-wee“. ###

Остани поврзан