• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
25 април 2020 (МИА) 1191.- Почнало зографирањето на црквата „Свети Ѓорѓи“ во селото Курбиново, Ресенско. На 19 октомври 1991 година била одбележана 800-годишнината од животописувањето на црквата. 1284.- Роден е англискиот крал Едвард II. Неговото владеење од 1307 до 1327 година било проследено со низа воени порази во Шкотска, посебно во 1314 година во битката кај Банокберн. Пред стапувањето на престолот, во 1301 година станал првиот принц од Велс. Во септември 1327 година во замокот Беркли бил убиен од неговата сопруга Изабела од Франција и нејзиниот љубовник Роџер де Мортимер. Љубовникот на кралицата потоа владеел во име на престолонаследникот Едвард III, од кого во 1330 година бил затворен и убиен. 1599.- Роден е водачот на Англиската револуција Оливер Кромвел. Неговата војска во 1644 година кај Марстон Мура ја поразила кралската армија, а во 1645 кај Незби го заробила кралот Чарлс I. Кралот бил осуден на смрт и погубен во 1649 година. Одбивајќи ја титулата крал, Кромвел во 1653 година станал протектор во Англија, Шкотска и Ирска. Две години по неговата смрт во 1658 година монархијата била обновена. 1744.- Умрел Андерс Целзиус, шведски физичар и астроном. Тој ја вовел поделбата на 100 степени на термометарската скала, денес позната како Целзиусова скала. Во 1736 година учествувал во експедицијата која ги измерила лаковите на меридијаните, прв го забележал дејството на поларната светлина врз магнетната игла и со сопствени средства ја изградил опсерваторијата во родниот град Упсала. Роден е на 27 ноември 1701 година. 1792.- Погубен бил друмскиот разбојник Жак Пелетје на плоштадот Де Грев во Париз, кога за првпат во Франција била употребена гилотината која во Италија била позната уште во 13. век, а подоцна во средниот век и во Шкотска, Англија и во Германија. 1859.- Според проектот на францускиот конзул во Александрија Фердинант Лесепс, започна изградбата на Суецкиот канал, со кој Средоземното Море е поврзано со Црвеното Море. Каналот има големо стратегиско и економско значење, затоа што е најкраток пловен пат од Европа до земјите на Средниот и Далечниот Исток. 1874.- Роден е Гилелмо Маркони, италијански инженер и пронаоѓач, еден од основачите на бежичната телеграфија. Тој прв успеал да го предаде сигналот преку Атлантскиот Океан во 1901 година. Умрел во 1937 година. 1898.- Американскиот конгрес и објавил војна на Шпанија, следниот ден откако Мадрид му објавил непријателство на Вашингтон. На тоа му претходел американскиот ултиматум со кој Шпанија требало да се повлече од Куба. Побројната и подобро опремена американска војска и морнарица брзо ја поразиле Шпанија, а САД со мировен договор ги приграбиле шпанските поседи во Куба, Филипини, Порторико и Гуама. Куба формално станала независна, додека поранешните шпански поседи станале зависни од САД. Порторико и Гуама и денес се имот на САД. 1918.- Родена е американската пејачка Ела Фицџералд, некрунисаната „кралица на џезот“. Прочуена е по „скат“-дијалозите со големите џез музичари како што се Луис Амстронг, Дјук Елингтон и Каунт Бејзи. 1920.- Полската војска навлегла во Украина и на 6 мај истата година го зазела Киев. Со мирот во Рига на 12 март 1921 година Полска од Советска Русија ги добила териториите во кои се населиле повеќе од еден милион Украинци и Белоруси. 1928.- Умрел рускиот генерал барон Петар Николајевич Врангел, еден од најзначајните белогардиски команданти, кој по Октомвриската револуција се борел во Украина против советската власт. По поразот во ноември во 1920 година кога Црвената армија го зазела упориштето на Перекоп ја напуштил Русија. Погребен е, по сопствена желба, во Руската црква во Белград. 1943.- Умрел Владимир Иванович Немирович - Данченко, руски театарски режисер и писател. Заедно со Станиславски, во 1898 година го основале Московскиот художествен театар, најдобриот руски театар и еден од најдобрите реалистични театри во светот. Роден бил во 1853 година. 1945.- Во Сан Франциско, САД, почнала основачката конференција на Организацијата на обединетите нации, во чија работа учествувале 45 земји, членки на антихитлеровската коалиција. Право на учество имале земјите кои до 1 март 1945 година им објавиле војна на силите на Оската. Учесниците на конференцијата ја потпишале Повелбата на ООН на 20 јуни, а ја ратификувале на 24 октомври 1945 година (Ден на ООН). 1945.- Советските и американските трупи за првпат во Втората светска војна се сретнале кај местото Торга во Германија. Тоа биле единиците на Првиот украински фронт и Првата американска армија. Два дена подоцна на западниот брег на Лаба се состанале командите на 58-та советска гардиска и 69-та американска армија. 1960.- Во Битола било основано Друштвото за наука и уметност. Друштвото било основано со цел да го поттикнува развојот на научната мисла, да го проучува минатото, да извршува истражување и унапредување на сите области во развојот на градот и околината. 1971.- Во Вашингтон околу 200.000 луѓе демонстрирале против Виетнамската војна. 1974.- Во Португалија со државен удар, познат како „Револуција на каранфилите“, со акција на вооружените сили без пролевање крв бил соборен автократскиот режим на Марсел Катано. Власта ја презеде Хунтата на националниот спас на генералот Антонио Рибеиро де Спинола, која на португалските колонии им го признала правото на самоопределување. 1979.- Во Битола било прогласено основањето на вториот Универзитет во СР Македонија. На 13 јуни 1993 година Собранието на Универзитетот во Битола донесло одлука од 30 јуни Универзитетот да се вика „Свети Климент Охридски“. 1980.- Мисијата на американските командоси, која во Техеран требало да ги спаси 53 членови на амбасадата на САД (заложници), пропаднала во иранската пустина, по загинувањето на осум Американци во судирот на хеликоптер со авион. 1980.- Данскиот „Боинг 727“ кој со чартер-лет превезувал британски туристи на линијата Манчестер - Тенерифе, удрил во планина околу 30 километри јужно од аеродромот „Лос Родеос“. Во несреќата згинале сите 146 патници и членови на екипажот. 1982.- Последните израелски војници го напуштиле Синај ставајќи и крај на 15-годишната окупација на тој египетски полуостров. 1986.- Се случила хаварија на нуклеарната централа во Чернобил, Украина во СССР. Биле озрачени неколку илјади луѓе. 1991.- Пленумот на Комунистичката партија на Советскиот сојуз одлучил Михаил Горбачов и натаму да ја предводи партијата иако по повеќечасовната остра критика понудил оставка. 1993.- На референдум во Русија 62 отсто од гласачите ги подржале реформите на претседателот Борис Елцин. 1995.- Умрела американската театарска и филмска актерка Џинџер Роџерс, која светската слава ја стекнала како партнерка на Фред Астер во многу романтични мјузикли, со елегантни и пријатни нумери. Филмови: „Свиреж во ноќта“, „Весел развод“, „Полноќна ѕвезда“, „Сакаме ли да танцуваме“, „Приказна за Верон и Ирена Кастл“, „Кити Фоил“ (Оскар), „Мајор и Малена“, „Роберта“. 1996.- Република Македонија и Хондурас воспоставиле дипломатски односи на ниво на амбасади. 2001.- Полицијата го уапсила поранешниот филипински претседател Џозеф Естрад, обвинет за грабеж, претходно истерувајќи ги стотиците негови приврзаници пред неговата куќа во Манила. 2002.- Русија соопштила дека нејзините сили го ликвидирале арапскиот исламски терорист Хатаб, еден од предводниците на чеченските сепаратисти, осомничен за поврзаност со мрежата на Ал Каида на Осама бин Ладен. 2011.- На Гумење, во Крушево за посетителите била отворена Спомен-куќата на Тоше Проевски, во која над 350 автентични експонати ќе раскажуваат за детството, тинејџерските години, врвот на кариерата, вербата и хуманоста на најголемата македонска музичка ѕвезда. Спомен-куќата се простира на околу 870 метри квадратни во форма на крст и изградена од бетон и стакло според проектот на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски.  2014.- По кусо боледување на 66 години починал проф. д-р Миладин Крстаноски, истакнат професор на ФТУ и доктор по правни науки. Крстаноски беше добитник на Климентова награда – награда за животно дело во 2008 година. Проф. д-р Миладин Крстаноски е автор на 50 книги од областа на правото и повеќе од сто научни и стручни трудови објавени во земјата и странство. ###

Остани поврзан