• вторник, 17 декември 2024
На денешен ден
31 јануари 2022 (МИА)   1747.- Во лондонската болница „Лок“ била отворена првата клиника во светот за лечење на венерични болести. 1797.- Во Лихтентал до Виена, е роден Франц Шуберт, австриски композитор, значаен претставник на музичкиот романтизам и најголем композитор на соло песната. Компонирал неколку стотици такви песни, опери, сценска музика, симфонии и камерна музика. Умрел во Виена, на 19 ноември 1828 година. 1808.- Дубровничката Република и формално престанала да постои. Речиси две години градот бил под окупација на Франција. По падот на Наполеон и Виенскиот конгрес во 1815 година, градот и припаднал на Австрија. Во 1918 година го ослободиле Србите кога бил приопен кон Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Во 1991 година по распаѓањето на Југославија, Дубровник и припаднал на Хрватска. 1918.- Во Русија 31 јануари бил последниот ден на сметање на времето по Јулијанскиот календар. Следниот ден датумот беше означен како 14 февруари, според Грегоријанскиот календар, кој од тогаш станал службен. 1933.- Умрел Џон Голсфорди, англиски писател. Автор бил на познатата трилогија на семејството Форсајт ("Сага за Форсајтовите", "Модерна комедија" и "Крај на делото"). Во 1932 година ја добил Нобеловата награда за литература. Роден бил на 14 август 1867 година. 1945.- Со решение број 581 на Президиумот на АСНОМ бил основан Македонскиот народен театар. Првата драмска претстава ја прикажал на 3 април истата година. Тоа била драмската претстава "Платон Кречет" од советскиот драматург Александар Корнејчук, а во режија на Димитар Ќостаров. 1946.- Собранието го изгласало првиот Устав на ФНРЈ (Федеративна Народна Република Југославија) во кој бил усвоен принципот на федерално уредување на земјата. 1950.- Претседателот на САД Хари Труман соопштил дека наредил да се произведуваат хидрогенски бомби. 1958.- САД го лансирале во орбитата околу Земјата, својот прв вештачки сателит "Експлорер 1". 1964.- Кон Месечината била лансирана советската автоматска станица „Луна 9“, која три дена подоцна благо се спуштила и ги емитувала првите ТВ-снимки од површината на Месечината. 1974.- Умрел американскиот филмски продуцент Семјуел Голдвин, еден од пионерите во филмската индустрија. Во 1923 година ја основал филмската компанија „Семјуел Голдвин Продакшнс“, која во 1924 година се здружила со уште две филмски куќи и компании „Метро-Голдвин-Маер“, но потоа повторно станала самостоен продуцент. Филмови: „Стела Далас“, „Темниот ангел“, „Ќор-сокак“, „Западњак“, „Мали лисици“, „Најубавите години од нашиот живот“, „Тајниот живот на Волтер Митиј“, „Момчиња и девојки“, „Порги и Бес“. 1994.- Швајцарската Конфедерација и Принципатот Лихтенштајн воспоставиле дипломатски односи со Република Македонија. 1994.- Во Скопје било формирано Друштвото на македонско-турско пријателство и соработка. 2000.- Харолд Шпилман, сеемен лекар од северозападна Англија, бил осуден за убиство на 15 постари пациенти со смртоносна инјекција. Најголемиот британски сериски убиец, за кој се претпоставува дека убил повеќе од 200 пациенти, се обесил во затворската ќелија во јануари 2004 година. 2001.- Поранешниот либиски таен агент Абде Бесет ел Миграхи е осуден на доживотен затвор поради подметнување бомби во авионот на „Пан Американ“ кој во 1988 година експлодирал врз Локерби во Шкотска, при што загинале 270 луѓе во леталото и на земјата. 2002.- Римокатоличката црква во Ирска се согласила да плати 128 милиони евра обесштетување за луѓето кои биле жртви на злоупотреба од сексуална природа додека престојувале во детските домови под управа на римокатоличката црква. 2012.- На 98-годишна возраст умрел македонскиот фотограф и кинематограф Благоја Дрнков. Бил доајен и уметник на фотографијата и неуморен истражувач и документарист на македонската традиција, уметност и култура. Благоја Дрнков бил добитник на повеќе награди меѓу кои наградата „11 Октомври“ за животно дело на полето на филмот и фотографијата. 2015.- На 94-годишна возраст во Берлин починал поранешниот германски претседател Рихард Фон Вајцекер, еден од најактивните поборници за соочување со германското нацистичко минато. За време на неговиот мандат како претседател на Германија, од 1984 до 1994 година, се случила германската реунификација. Во октомври 1985 година Вајцекер ја направил првата историска посета на германски претседател на Израел, по што неговиот израелски колега Хаим Херцог изјавил дека Вајцекер заслужува посебно место во човечката историја. 2016.- На 91 година во Скопје почина Нада Прличкова, долгогодишна, но и легендарна суфлерка на Македонскиот народен театар. Првите професионални суфлери во 70-годишната историја на МНТ се Нада Стојкова, подоцна Прличкова и Божидар Тодоровски. Била во брак со Петре Прличко, доајен на македонското актерство. ###

Остани поврзан