• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
8 септември 2022 (МИА)   1157.- Роден е англискиот крал Ричард Први Плантагенет "Лавско срце", херој на средновековната легенда и еден од водачите во Третата крстоносна војна, кој владееше од 1189 до неговата смрт во 1199 година. 1380.- Големиот московски кнез Димитрие Донски ја победи Куликовата татарска војска. Тоа беше прва победа на Русија над Татарите кои во 13. век ја запоседнаа Русија. 1474.- Роден е италијанскиот писател Лодовико Ариосто. Неговиот витешки еп "Бесниот Орландо" со мотиви на љубовното лудило на јунакот Орландо од времето на Карло Велики, е еден од најблескавите поетски изрази на духот, моралните и уметничките тенденции на италијанската ренесанса. 1645.- Умре шпанскиот писател Франциско Гомес де Кеведо и Виљегас, сатиричар кој поради зајадливиот јазик и острото перо повремено бил повластен во дворот, а повремено прогонуван и затворан. 1664.- Предводени од полковникот Ричард Николс, Англичаните без ниеден испукан куршум ја зазедоа холандската населба Нов Амстердам, која подоцна во чест на Џејмс, војводата од Јорк, подоцна крал Џејмс Втори, е наречена Њујорк. 1760.- Британските трупи под команда на Џефри Амхерст ги поразија Французите кај Монтреал во клучната битка од седумгодишната војна за Канада. 1830.- Роден е францускиот писател и филолог Фредерик Мистрал, добитник на Нобеловата награда за литература во 1904 година. Најмногу пишувал лирски песни, епови и драми. 1841.- Роден е чешкиот композитор Антонин Дворжак, еден од творците на Чешката национална школа. Користел фолклори и на други словенски и северноамерикански народи. Неговите дела се полни со мелодика и оркестарски бои полни со словенски чувства. Беше следбеник на новата класика на Јоханес Брамс. Умре во Прага, на 1 мај 1904 година. 1856.- Во Париз со договорот за мир заврши Кримската војна помеѓу Русија и Отоманското царство започната во 1853 година, а од 1854 година во војната се вклучиле и Велика Британија, Франција и Кралство на Сардинија (Пиемонт). 1900.- Во градот Галвестон, Тексас, од ураган загинаа најмалку 8.000 лица. 1903.- Во Битола, од двајца Албанци - турски стражари убиен е Александар Аркадиевич Ростковски, руски конзул во Битола. Како руски дипломат во Македонија, тој добро ги следеше настаните во Македонија, а особено тие што се случуваа на територијата на Битолскиот вилает. Посебно внимание обрнуваше на дејноста на ВМРО, за нејзината разгранетост на градски и на селски револуционерни комитети, за движењето на револуционерните чети во Македонија, а особено за почетокот на Илинденското востание. Роден е во 1860 година. 1925.- Роден е англискиот филмски глумец Питер Селерс, познат комичар. 1926.- Друштвото на народите едногласно ја прими Германија за рамноправна членка. 1931.- Руските трупи под команда на генералот Иван Паскевич Еривански ја зазедоа Варшава по битката во која беа победени полските востаници под команда на генералот Хенрик Дембињски. Во тридневната битка загинаа повеќе од 9.000 Пољаци. 1941.- Германските трупи во Втората светска војна целосно го зазедоа Ленинград, отсекувајќи го од останатите делови на Советскиот Сојуз. Со тоа почна опсадата која заврши во јануари 1944 година со победа на Црвената армија. За време на опсадата, од глад умреа околу 620.000 жители на градот. 1942.- Во Лавчанската Корија, Битолско, е формиран НОП одред „Јане Сандански“. Овој одред престојуваше и во Егејска Македонија, каде што воспостави соработка со антифашистичкото движење во Леринско и во Костурско и со одредот „Вичо“. 1943.- Радио Алжир ја објави капитулацијата на Италија, а малку подоцна премиерот Бодолјо им нареди на италијанските вооружени сили да го запрат отпорот против Британците и Американците. 1944.- Ослободен е Дебар. 1944.- Првата германска ракета "Фау 2" во Втората светска војна, лансирана од Хаг падна врз Лондон. 1944.- Советските трупи во Втората светска војна ја преминаа границата со фашистичка Бугарија. 1944.- Ослободени се Пробиштип и Крушево. 1949.- Умре Рихард Штраус, германски композитор и диригент. Компонираше опери, оперети, балети, соло-песни, камерна музика и друго. Автор е на оперите "Салома", "Електра", "Кавалер со ружа", на поемата "Дон Жуан" и на други дела. Роден е на 11 јуни 1864 година. 1951.- Јапонија во Сан Франциско, САД, потпиша договор за мир со 49 земји. 1954.- Во Манила САД, Филипини, Австралија, Нов Зеланд, Тајланд, Пакистан, Велика Британија и Франција, на иницијатива на Вашингтон, го основаа СЕАТО-пактот, замислен како алка во американската стратегија за опкружувањето на СССР. Неговото создавање е објаснето како "заштита на Азија од комунистичките опасности". 1967.- Уганда со стапувањето во сила на новиот Устав стана Република. 1967.- УНЕСКО го прогласи Меѓународниот ден на писменоста. 1976.- Во Скопје умре Кирил Ќамилов, македонски учесник во Шпанската граѓанска војна (1936-1939 г.). Роден е во Велес, на 28 јануари 1898 година. 1979.- Во Скопје умре Видое Смилевски - Бато, народен херој на Македонија, истакнат револуционер и општествено-политички раководител. Роден е во селото Никифорово, Гостиварско, на 14 август 1915 година. 1984.- Во Атина умре Рита Буми Папа, истакната грчка поетеса, повеќекратен учесник на Струшките вечери на поезијата и на Меѓународната средба на литературните преведувачи во Тетово. Автор е на триесетина поетски, прозни и есеистички книги, меѓу кои најзначајни се стихозбирката "Љубовни песни", "Нена", "Ново зеленило", "Пулсот на мојата тишина", "Илјада убиени девојки" (во која е поместена и песната на македонската хероина Мирка Гинова) и други. Таа е составувач и на антологијата на светската лирика, во која се поместени и песни од македонските поети (Константин Миладинов, Рајко Жинзифов, Кочо Рацин, Коле Неделковски, Ацо Шопов, Матеја Матевски и Анте Поповски). Родена е во 1906 година. 1991.- Во Република Македонија се одржа Референдум на кој граѓаните со право на глас се изјаснуваа на прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија. На Референдумот учествува 1,2 милиони наши сонародници, а според резултатите кои беа објавени речиси стопроцентно беше поддржана самостојноста на Македонија. Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа ЗА самостојна и независна македонска држава. Текот на Референдумот го следеа 167 домашни и 100 странски акредитирани новинари. Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ, по дефинитивното изјаснување на Словенија и Хрватска дека се определуваат за независност и самостојност. Во Македонија беше спроведено предреферендумска кампања, а на 2 септември беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кои граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на Референдумот. Партиите на Албанците ПДП и НДП не го поддржаа прогласот. Поддршка на Референдумот изрази само Унијата на албанската интелигенција. Во кампањата на Референдумот се вклучи и Македонската православна црква која со семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествена литургија, одржана на 1 септември во Соборниот храм Свети Климент Охридски, го обнароди значењето на Референдумот како трето илинденско послание. Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Македонија. Следуваа признавањето од Турција, Словенија, Хрватска, Русија и Босна и Херцеговина... Инаку на Референдумот му претходеше Декларација за независност што првото повеќепартиско македонско Собрание ја усвои на 25 јануари 1991 година формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се појавија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на Референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од страна на пратениците Албанци. Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, зачленувањето на ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Република Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со 158 држави во светот, а под уставното име е признаена од 117 меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност - Кина, Руската Федерација и САД. 1992.- Промовирана е првата редовна поштенска марка на Република Македонија. 1994.- Сите 132 патника и членови на екипажот на американскиот авион "Боинг 737" кој полета од Чикаго, загинаа при падот на авионот близу аеродромот во Питсбург. 1995.- Министрите за надворешни работи на Југославија, Хрватска и на сараевската муслиманска влада постигнаа устен договор во Женева за поделба на Босна и Херцеговина на два ентитета - Република Српска и муслиманско-хрватска федерација и за основните уставни принципи. 1995.- Во Скопје умре Ристо Марковски, македонски новинар и познат публицист во областа на науката и техниката. Роден е во Галичник, во 1927 година. 1997.- Најмалку 150 лица загинаа во близина на западниот брег на Хаити кога потона натрупан ферибот пловејќи кон островот Гонав. 2000.- На собирот во седиштето на ОН, во Њујорк, учествуваа најмногу светски лидери - кралеви, претседатели и премиери на 150 држави. 2003.- Умре германската режисерка и фотограф Лени Рифенштал, последна значајна фигура на нацистичката ера, официјален синеист на Третиот Рајх и омилен режисер на Адолф Хитлер. 2017.- На 81-годишна возраст почина Љубиша Самарџиќ, актер познат ширум териториите на некогашна Југославија. Самарџиќ студираше право, а потоа се префрли на Академијата за драмски уметности. Благодарение на стипендијата на режисерот Бојан Ступица, започнува да глуми во театарот. Првата улога ја остварува во филмот „Прекобројна“ на Бранко Бауер, а потоа следуваа низа филмови, „Денови“, „Десантот на Дрвар“, „Битката на Неретва“, за која ја доби и наградата Гранд При во Ниш. За улогата во филмот „Утро“ е награден и на филмскиот фестивал во Венеција. Долго време глумеше во партизански филмови, а напоредно оствари и голем број улоги во телевизиски серии „Жежок ветер“, „Есента доаѓа, дуњо моја“, „Враќањето на отпишаните“, „Полицаецот од Петлово брдо“, „Каде одат дивите свињи“. Во 1988 ја доби тогаш највисоката државна награда „АВНОЈ“, кој првпат се доделила на филмски актер. Сите освоени награди ги остави во наследство на југословенската кинематографија. Последната улога која ја имаше беше во серијата „Мирисот на дождот на Балканот“ во 2011 каде се јавува и како режисер. Роден е во Скопје во семејство на рудари во 1936 година. 2017.- Пјер Берж, влијателен француски бизнисмен и филантроп, долгогодишен емотивен и бизнис партнер на Ив Сен Лорен, почина во 86 година. Берж беше и генерален директор на модното царство на Ив Сен Лорен и претседател на УО на магазинот Монд. Берж на Ив Сен Лорен му даде најголема поддршка кога ја напушти модната куќа Диор и благодарение на него, Лорен изгради сопствена империја. 2017.- Трој Гентри, член на музичкото дуо Монтгомери Гентри, загина во пад на хеликоптер само неколку часа пред концерт. Хеликоптерот се урна во шумската област во близина на аеродромот Flying W во Медфорд, само неколку часа пред концертот, кој требаше да се одржи во едно одморалиште. Гентри е роден на 5 април 1967 година во Лексингтон, во Кентаки, каде го запозна Еди Монтгомери, со кој ја формираше групата наречена по нивните презимиња. 2019.- Почина Васил Пујовски, со потекло од Егејскиот дел на Македонија. Во време на Граѓанската војна е отргнат од најблиските и со татко му донесен во Скопје, каде растел и се школувал завршувајќи Филозофски факултет, но преживеаната голгота на растуреното семејство ја носеше длабоко во себе и се обидуваше да ја искаже преку авторството. Својот професионален век го започнал во Нова Македонија, па во Редакцијата на неделникот „Екран“ од каде дошол во Македонската телевизија. Во МТВ поминал долг професионален период и неговата работа како пред се Уредник беше врзана за Програмата за деца и млади, секогаш со нови идеи и отвореност за соработка. Како уредник е потпишан на најпопуларните серии за деца “Шарам-барам“, До-ре-ми, „Чук,чук, Стојанче“, „ Втората смена“, Умни глави (прв дел), „Во светот на бајките“ (прва и втора сезона) и автор на насловната песна , “Дајте музика” двете продолженија, каде е и автор на текстот зa насловната песна, “Здраво генијалци “ и многу други. Тоа што го карактеризираше професионално беше, големиот број на идеи што креативно ги носеше и отвореноста за соработка со други автoри, како и можност за напредување на помладите колеги. Својот работен век го заврши во Mакедонската Телевизија, каде во еден мандат беше и Програмски директор на МТВ. Од неговото творештво се издвојуваат делата: „Светот на детскиот сон“ (поезија за деца, 1967), „Пред божји суд“ (поезија, 1969),во издание на Детска радост, „Ајде да се дружиме“ (тв-серија за деца, 1985), „Кралот Кускуле први“ (драма, 1992),која се играше цела деценија на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје, „Дајте музика“ (поезија за деца, 1994), „Прва лига“ (поезија за деца, 1995), „Ѕвездено дете“ (избор поезија, 1999) и „Ѕверка без мерка“ (поезија за деца, 2000), последните негови четири дела се во издание на Книгоиздателството „Ѕвезда“ (КАТ ПРОДУКЦИЈА) од Скопје. Од 1968 беше член на Друштвото на писатели на Македонија. За децата секогаш велеше: “Нема лошо дете, возрасните се виновни ако е детето лошо“, и премногу ги сакаше, а во поезијата за нив невозможното реалност го правеше. Васил Пујовски е роден на 11. октомври 1946 во Д’мбени, Костурско. ###

Остани поврзан