• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
10 март 2021 (МИА)   1452.- Роден е шпанскиот крал Фердинанд Католички (како Фердинанд II владетел на Арагонија, а како Фердинанд V од Кастиља). Неговото доаѓање на престолот на Арагонија во 1479 година го означи почетокот на историското обединување на Шпанија. Настојувајќи да ја зајакне римокатоличката црква и монархијата, во 1480 година го втемелил судот на инквизицијата, а во 1492 година ги протерал Евреите од Шпанија. Борбите со Маврите победоносно ги завршил во 1492 година, протерувајќи ги од јужната шпанска покраина Гранада. Истата година ја спонзорирал експедицијата на Кристифор Колумбо кој ја открил Америка, а во 1503 година го презел Неаполското кралство (Кралството на двете Сицилии). 1628.- Роден е италијанскиот лекар и ботаничар Марчело Малпиги, творец на микроскопската анатомија. Тој го пронашол микроскопот кој зголемува до 180 пати. 1772.- Роден е германскиот писател Фридрих фон Шлегел, најзначаен теоретичар на германскиот романтизам и еден од првите европски модернисти. Заедно со неговиот брат Аугуст Вилхелм Шлегел го уредувал романтичарското списание „Атенеум“. Дела: романот „Луцинда“, „Историја на старата и новата книжевност“. 1872.- Во Пиза умрел Џузепе Мацини, италијански револуционер и демократ. Во 1831 година во Марсеј го основал револуционерното здружение „Млада Италија“. Учествувал во борбите за обединување на својата земја и до крајот им останал верен на републиканските начела, протестирајќи против обединувањето на Италија врз монархистички основи. Роден бил во Џенова, на 26 јуни 1805 година. 1872.- Во Струга бил роден е Христо (Апостолов) Матов, професор, револуционер и еден од идеолозите на Македонската револуционерна организација. Се образувал во машката гимназија „Св. Кирил и Методиј" во Солун и на студиите по словенска филологија на Софискиот универзитет. Бил професор и директор во Сер и во Скопје. Бил покрстен од Даме Груев и станал член на Организацијата во 1895 година). По Солунската провала (јануари 1901), како член на Централниот комитет на Организацијата, бил заточен во Бодрум Кале. Во периодот 1902–1905 и 1907–1908 бил задграничен претставник во Софија. По Илинденското востание е еден од главните идеолози на Конзервативната струја и се залагал за запазување на стариот централистички принцип. Бил претседател на Ќустендилскиот конгрес во 1908 година. По Младотурската револуција бил еден од организаторите на Сојузот на бугарските конституциони клубови во Солун. За време на Првата светска војна, заедно со Георги Баждаров во Скопје го издавале весникот „Родина“. По Првата светска војна се повлекол од политичката активност поради здравствени причини. Автор е на повеќе книги со теоретска, револуционерна, филолошка и литературна содржина. Успешно се занимавал со литературна и со научна дејност, објавувајќи често свои трудови во бугарската периодика под псевдонимот Дримколов. Водел остри полемики со Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Автор е на серија впечатливи политички есеи, во кои се разоткрива како непореклив национален мислител. На овие текстови често се потпишува со псевдонимот Брут. Знаменита е неговата средба со Троцки во Софија. Починал во 1922 година во Софија. 1878.- Во селото Мачуково, Гевгелиско, бил роден Леонид Јанков, македонски револуционер и војвода. Песната „Трба, трби гевгелиска“ е посветена на овој 27-годишен војвода. Во месноста Ѓуров Дол, кај селото Ѓавато, Гевгелиско, на 2 септември 1905 година, во борба против турската војска, откако го убил турскиот јузубашија, со последниот куршум се самоубил. 1922.- На Европската економска конференција во Џенова западните сили го условиле приздржавни заеми и штетите поради национализацијата на странски компании по Октомвриската револуција. По укажувањето на шефот на советската дипломатија Георгиј Чичерин дека западните сили на Советска Русија и нанеле штети со воените интервенции од 30 милијарди златни франци собирот западнал во ќор-сокак. 1940.- Умрел рускиот писател Михаил Афанасјевич Булгаков. Дела: „Белата гарда“, „Мајсторот и Маргарита“, „Белешките на младиот лекар“, „Ѓаволијада“, „Кобни јајца“, „Животот на господинот де Молиер“, „Бекство“, „Адам и Ева“, „Блаженство“, „Иван Васиљевич“, „Последните денови“, „Мртви души“, сценарио за „Ревизор“ и „Мртви души“, како и драматизација на „Мртви души“ и „Војна и мир“. 1945.- Токио во Втората светска војна било уништено со нападот на 300 американски бомбардери Б-29, при што загинале околу 100.000 жители на јапонскиот главен град. 1948.- Шефот на чехословачката дипломатија Јан Гариг Масарик, син на првиот претседател на Чехословачка Томаш Масарик, извршил самоубиство. Мотивот за овој чин на претходниот амбасадор на Чехословачка во САД и во Велика Британија, како и министер за надворешни работи од 1940 година не е расветлен, но се знаело дека не бил наклонет кон комунистичкиот режим кој ја презел власта. 1953.- Во Скопје излегол првиот број на весникот „Просветен работник“, како орган на Здружението на просветните работници на НР Македонија. 1965.- Во Скопје умрел Стале Попов, македонски писател. Богословија завршил во Битола, а Теолошки факултет во Белград. Немал постојана професија. Бил селски чувар, тутунски работник во прилепскиот монопол, службеник во Собранието во Белград, претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, управник на шумска дирекција и професор по македонски јазик. Литературната афирмација ја започнал по ослободувањето на земјата. Во 1953 година го објавил романот „Крпен живот“, а потоа и романите „Толе Паша“, „Калеш Анѓа“ и „Дилбер Стана“. Исто така, познати се и неговите повести „Опасна печалба“ и „Мариовски панаѓур“. Роден бил во селото Мелница, Мариовско, на 25 мај 1902 година. 1969.- Џејмс Ерл Реј бил осуден на 99 години затвор, под обвинение дека го убил американскиот црнечки лидер Мартин Лутер Кинг во април 1968 година. Подоцна независната истрага покажала дека веродостојноста на „доказите“ на ФБИ се многу недоверливи и дека не е сигурно дека Реј е атентаторот на Кинг. 1974.- Јапонскиот поручник Хиро Онаде по 29 година криење во џунгла им се предал на филипинските власти објаснувајќи дека не добил наредба за повлекување и дека не знаел дека завршила војната меѓу САД и Јапонија. 1985.- По само 13 месеци откако станал советски државник, умрел Константин Устинович Черњенко. На најмоќната функција во државата - генерален секретар на советската Комунистичка партија дошол по смртта на Јуриј Андропов во февруари 1984 година со нарушено здравје. Со години бил шеф на кабинетот на советскиот лидер Леонид Брежњев. 1985.- Во Битола умрел Ацо Стефановски, доајен на Народниот театар во Битола и пионер на македонската театарска и филмска уметност. Роден бил во Битола, на 10 декември 1922 година. 1987.- Во Скопје умрел Спасе Чучик, истакнат македонски просветно-педагошки работник, општественик и учесник во НОВ на Македонија. Тој е еден од првите просветни работници во слободна, а особено е значаен неговиот придонес, заедно со други автори, во издавањето на првиот македонски буквар во 1945 година. Роден бил во Дебар, во 1907 година. 1990.- На британскиот новинар Фарзад Базофт ирачкиот суд поради наводна шпионажа му изрекол смртна казна која по пет дена била извршена и покрај протестите во странство и апелите да му се поштеди животот. 1992.- Наместо терминот „милиција“, што се користел во Република Македонија за припадниците на Министерството за внатрешни работи, почнал да се употребува терминот „полиција“. 1995.- Полковник Станоја Богев е промовиран за прв генерал на полицијата на суверена Република Македонија. 1997.- Ватикан воспоставил дипломатски односи со Либија. 2004.- Либија го потпишала протоколот со кој на Меѓународната агенција за атомска енергија и било дадено правото да врши ненајавени инспекции на либиските постројки. 2012.- На 84-та година од животот во својот дом во Калифорнија умрел американскиот хемичар и Нобеловец, Френк Шервуд Роуланд кој прв предупредил за озонските дупки. Добил Нобелова награда заедно со Марио Молина и Пол Круценом во 1995 година за хемија за придонес во атмосферската хемија. Тие тројца научници први алармирале за опасноста од хлорофлуороводородите кои ја уништуваат озонската обвивка на Земјата. Според нив, доколку луѓето продолжат да користат во постоечките количини хлорофлуороводород кој се наоѓа во спрејови, дезодоранси и други предмети за домаќинство, озонската обвивка која ја штити Земјата од преголема ултравиолетова радијација, ќе ја снема за неколку децении. 2020.- Во Сараево почина Изета Беба Селимовиќ, една од најдобрите пејачки или како што ја нарекуваа „кралицата на босанските севдалинки“. Беба Селимовиќ е родена на 27 март 1939 година во Требиње. Ја започнала својата пејачка кариера во Радио Сараево и брзо станала многу популарна. Многумина ја нарекуваа и „дама на севдахот“ заради нејзиниот сериозен и чесен став кон професијата, како и за нејзиното сериозно однесување на естрадата. 2020.- Почина Тања Урошевиќ, авторка на романите „Аквамарин“ (2004), „Превид“ (2008) и „Ура, Арал!“ (2019), збирката раскази „Црвена нишка, магнетен прстен“ (2009), заедничката збирка раскази со Влада Урошевиќ „Размена на пораки“ (2013) и книгата „Три новели“ (2017). Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2017 година. Тања Урошевиќ со децении беше најквалитетна и најплодна преведувачка и афирматорка на руската книжевност во нашата културна средина. Таа има преведено и подготвено две антологии на руски раскази: „Ѓаволијада“ и „Кристален свет“ и за македонските читатели има приопштено бројни изданија на дела од руските класици. Ги подготвила преводите на македонски јазик на: „Мајсторот и Маргарита“ и „Театарски роман“ од Михаил Булгаков, „Доктор Живаго“ од Борис Пастернак, „Руска шума“ од Леонид Леонов, „Село“ од Иван Бунин, „Дарба“ од Владимир Набоков, „Писмата до Пастернак“ од Марина Цветаева и други.   ###

Остани поврзан