• сабота, 16 ноември 2024
На денешен ден
25 октомври 2020 (МИА) 732.- Францускиот владетел Шарл кај Поатје и нанесол пораз на инвазиската војска на Сарацените под команда на валијата Абд-ар-Рахман, припадник на екстремно фанатистичката муслиманска секта, што му го донесе прекарот „Шарл Чеканот“ (Мартел). 1154.- Умрел англискиот крал Стивен, внук на Вилијам Освојувачот, кој во текот на владеењето искажал голема храброст предводејќи ја војската во многу битки во граѓанската војна, но и мала политичка вештина. 1400.- Во Лондон умрел Џефри Чосер, најголем англиски поет во средниот век, еден од основачите на англиската литература, современик на Петрарка и на Бокачо. Најзначајно му е делото „Кентерберски приказни“. Тоа е првото и поголемо позначајно остварување на англиски јазик. Други негови познати дела се „Парламент на птици“, „Троил и Кресида“ и други. Роден бил во Лондон, во 1340 година. 1647.- Умрелч италијанскиот физичар и математичар Еванџелиста Торичели, пронаоѓач на живиниот барометар, т.н. Торичелиева цевка. 1825.- Во Виена е роден Јохан Штраус - помладиот, австриски композитор, виолинист и диригент. Тој бил создавач на класичната виенска оперета во која доминирал валцерот. Најважни негови дела се оперетите: „Лилјакот“, „Циганскиот барон“, валцерите „На убавиот син Дунав“ и други. Умрел во Виена, на 3 јуни 1899 година. 1838.- Во Париз е роден Жорж Бизе, француски композитор, автор на многу познатата опера „Кармен“, најуспешното дело на францускиот реализам. Компонира околу 50 соло-песни, една симфонија, свита и една увертира. Неговите опери „Иван Грозни“ и „Ловци на бисери“ (како и „Кармен“) се изведуваат на сите големи сцени во светот. Умрел во Бугивал, во близината на Париз, на 3 јуни 1875 година. 1936.- Нацистичка Германија и фашистичка Италија ја формирале Оската Рим - Берлин, со што бил зацврстен сојузот на водечките фашистички држави во Европа. „Оската“ подоцна со вклучувањето на Јапонија за кусо време станала првокласна меѓународна воена и политичка групација и извор на империјалистички амбиции и на агресивни планови. 1936.- Предаден бил во употреба часовникот на Саат-кулата во Битола. Тој бил подарок од Народниот сојуз на Германија, а во знак на бладораност што битолчани им дале на Германците плац за изградба на Тврдината на загинатите германски војници во Првата светска војна на боиштето на Македонскиот фронт. Инаку, Саат-кулата се претпоставува дека е изградена во 17. век или во 1830 година кога е изградена црквата „Свети Димитрија“. 1944.- Јапонците првпат извршиле напад со „камикази“ (пилоти-самоубијци) против американската морнарица во заливот Лејт на островот Самар, во Филипинскиот архипелаг. Притоа, потопени биле три носачи на авиони и три десантни брода. Јапонија во текот на војната извршила вкупно 2.314 напади од кои целта ја погодиле 474 „камикази“. 1945.- Во Португалија на престолот застанал кралот Мануел I, кој современиците го нарекле „Мануел Велики“ или „Мануел Среќниот“. За време на неговото владеење до 1521 година земјата економски и политички процветала и станала светска поморско-колонијална сила од прв ред. Им дал голема материјална помош на истражувачките потфати на морепловците Васко де Гама, Дијас де Новаес Бартоломеј, Дијего Кам, Педро Алварез Кабрал, со што одлучувачки придонесол во откривањето на поморскиот пат за Индија и откривајќи го Бразил, по што и Индија и Бразил станале португалски колонијални имоти. 1971.- НР Кина била примена во членството на ООН. 1993.- Мелина Меркури, актерката во филмот „Никогаш во недела“, која ја добила функцијата министер за култура во Атина, ветила дека ќе се бори за враќање на мермерните украси од Британскиот музеј, антички орнаменти кои го краселе Партенон. „Никогаш не почнувам борба без да ја продолжам и без да ја завршам“, изјавила Меркури. Сите британски влади одбиле да ги вратат мермерите, бидејќи тоа ќе значело преседан, со кој музеите низ светот ќе ги загубат своите богатства. 1994.- Седум слики на шпанскиот сликар Пабло Пикасо биле украдени од една уметничка галерија во Цирих, соопштила полицијата. Вредноста на сликите била проценета на 250 милиони швајцарски франци, односно 208 милиони долари. 1995.- Амбасадата на Република Турција во Скопје го информирала Министерството за надворешни работи на Република Македонија дека Република Македонија била примена за полноправна членка на Црноморската конвенција за соработка во областа на културата, образованието, науката и информирањето. 2003.- Под обвинение за измама и огромни неплатени даноци бил уапсен најбогатиот руски државјанин Михаил Ходорковски, мнозински акционер на гигантската нафтена компанија „Јукос“. 2011. - Пред изгрејсонце бил погребан либискиот лидер Моамер Гадафи на тајно место во либиската пустина. Заедно со Гадафи биле погребани и неговиот син Мутасим и поранешниот либиски министер за одбрана Абу Бакр Јунис. На погребната церемонија на која исламски духовници прочитале молитви, присуствувале роднини на починатите и претставници на либиските власти. Телата на Гадафи, на неговиот син и на Јунис, кои биле убиени на 20 октомври, неколку дена стоеле во еден ладилник во Мисурата. 2011.- Островските држави Куракао и Сент Мартен биле примени за асоцијативни членки на Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО). Одлуката бил донесена едногласно на првата седница на Триесет и шестата сесија на Генералната конференција на УНЕСКО. Со приемот на овие две држави, УНЕСКО имала 201 членка и таа станала најмногучлена организација во семејството на ОН. 2011.- Умрел првиот претседател на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, судијата Антонио Касазе. Касазе бил првиот претседател на Хашкиот трибунал од 1993 до 1997 година, а потоа бил судија во Специјалниот суд за Либан и една од водечките личности заслужни за развојот на меѓународното хуманитарно право. 2017.- На возраст од 89 години почина Фетс Домино, еден од највлијателните рокенрол изведувачи во 50-те и 60-те години. Славата ја стекна како пијанист, пејач и текстописец, а ќе остане запомнет по хитовите „Ain't That a Shame“, „Blueberry Hill“, „Walkin' to New Orleans“ и многу други. Успешната кариера ја започна во 1949 година со песната „The Fat Man“, која беше продадена во повеќе милиони копии, што не беше случај со тогашната рокенрол музика. Овој музичар од Њу Орлеанс продал повеќе од 65 милиони плочи, тираж кој во 50-те години го надмина само Елвис Присли. Тој имал 40 песни на топ-листите за 10 најдобри ЕренБи нумери и 11 песни на топ-листите за 10 најдобри поп песни. На еден концерт, Присли го претстави како човекот кој извршил најголемо влијание на него на почетокот на кариерата. ###

Остани поврзан