• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
21 јули 2020 (МИА) - Национален празник на Кралството Белгија. 1542.- Папата Павле Втори донесол одлука за основање на инквизиција во Рим. 1796.- Умрел Роберт Бернс, еден од најголемите шкотски писатели во 18. век. Во 1786 година излегла од печат неговата прва збирка песни „Песни претежно на шкотски дијалект“. Позната е и неговата збирка од собрани народни песни „Шкотски музички музеј“, како и збирката „Избрани шкотски песни“. Роден бил во Аловеј, близу до Ајр, на 25 јануари 1759 година. 1798.- По победата во битката кај пирамидите, Наполеон Бонапарта стана владетел на Египет. 1816.- Роден е основачот на британската новинска агенција Ројтер - Паул Џулиус фон Ројтер. По потекло германски Евреин, а вистинското име му е Израел Бир Јосафат. Извесно време работел во новинската агенција Авас во Париз, а потоа ја основал новинската агенција Ројтер, која и денес го носи неговото име. Ројтер е втора по француската Аваса (денешната Франс прес) најстара новинска агенција во светот. 1899.- Во Оук Парк, во државата Илиноис, е роден Ернест Милер Хемингвеј, американски писател. Учесник во Првата светска војна, во Шпанската граѓанска војна и во Втората светска војна. За романот „Старецот и морето“ во 1954 година ја добил Нобеловата награда за литература. Извршил самоубиство во својата куќа во Кечам, во американската сојузна држава Ајдахо, на 2 јули 1961 година. 1904.- По 13 години работа завршила изградбата на Транссибирската железница од Москва до Нахотке кај Владивосток, најдолга железница, повеќе од 9.300 километри. 1940.- Во Литва, Летонија и Естонија била воспоставена советска власт. 1960.- Сиримаво Бандаранаике била избрана за премиер на Шри Ланка и така станала прва жена претседател на влада во историјата на британскиот комонвeлт. 1969.- Американскиот космонаут Нил Армстронг стапнал на површината на Месечината. Тој е првиот човек кој стапнал на површината на Месечината. По триесеттина секунди тоа го сторил и Едвин Олдрин. Овој потфат бил реализиран со американскиот вселенски брод „Аполо 11“ и со помош на неговото лунарно возило „Орел“ и космонаутот Мајкл Колинс кој за тоа време кружел околу орбитата на Месечината со матичниот брод „Аполо 11“. Притоа Нил Армстронг ја изговорил историската реченица: „Тоа е мал чекор на човек, но голем скок на човештвото“. 1976.- Во експлозија на бомба подметната под неговиот автомобил, загинал британскиот амбасадор во Ирска - Кристофер Јуарт - Бигс. 1984.- Во Скопје умрел Живко Фирфов, македонски етномузиколог, педагог, диригент и музички деец. За својата богата музичка активност добил повеќе награди и признанија. Роден бил во Велес, на 20 ноември 1906 година. 1994.- Рускиот писател Александар Солжењицин, добитник на Нобеловата награда за литература во 1970 година, по двомесечно патување низ Русија дошол во Москва, првпат после протерувањето од татковината во 1974 година. 2001.- Во Скопје умрел Крсте Црвенковски, народен херој на СФР Југославија, од Македонија. Роден бил во Прилеп, на 16 јули 1921 година. 2002.- Банкротирал телекомуникацискиот гигант „Ворлдком“ поради финансиските проблеми откриени на интерните сметководствени измами. Тоа било најголемо банкротство во американското стопанство, скоро двојно поголемо од „рекордот“ на компанијата „Енрон“ која пропаднала во декември 2001 година. 2013.- Принцот Филип ја положил кралската заклетва пред Парламентот и со тоа станал седмиот монарх на Белгија, откако неговиот 79-годишен татко Алберт абдицирал. Филип (53) ја положил заклетвата на трите официјални јазици - холандски, француски и германски. Белгискиот крал Алберт Втори своеволно абдицираше во корист на синот, после 20 години на тронот, од здравствени причини. ###

Остани поврзан