17 октомври 2020 (МИА)
1760.- Роден е Клод Анри Сен Симон, француски социјалист, утопист и филозоф. Без оглед на идеалистичкото сваќање на силите на општествениот развиток, тој се доближил до материјалистичкото сваќање на историјата. Умрел на 19 мај 1825 година.
1797.- Во италијанското село Кампоформио, Австрија и Франција склучиле мир со кој била укината Венецијанската република. Франција ги зела венецијанските имоти во Албанија и островите во Јонското Море, а Австрија - Венеција, Истра, Кварнер, Далмација и Бока Которска.
1849.- Во Париз умрел Фредерик Франсоа Шопен, полски композитор и пијанист, наречен поет на клавирот. Компонирал исклучиво клавирска музика, збогатена со нови изразни средства, особено во поглед на хармонијата, формата и на пијанистичката техника. Роден бил во Железна Вола, кај Варшава, на 1 март 1810 година.
1855.- Англискиот инженер Хенри Бесемер го патентирал својот голем пронајдок - добивање челик од сурово железо – т.н. „Бесемеров челик“.
1878.- Избувнало Кресненското востание на македонскиот народ против османлиската власт, а за ослободување на Македонија и за создавање на независна држава. Околу 400 востаници, предводени од Димитар Поп Георгиев - Беровски и војводата Стојан Карастоилов, го нападнале селото Кресна, каде што се наоѓала османлиската касарна. Притоа ја зазеле касарната и ослободиле неколку места каде што била создадена народна власт. Востанието било задушено дури во јуни идната година.
1907.- Воспоставена била првата радиотелеграфска врска меѓу Европа и Северна Америка. Радиоврската меѓу двата континента се покажала многу попрактична од телефонската врска, за која биле потребни скапи подводни кабли.
1912.- Роден е италијанскиот свештеник Албино Лучиани, кој бил поглавар на Римокатоличката црква само 33 дена, под името Јован Павле I. Умрел под неразјаснети околности, но официјално од срцев удар. Останал сомнежот дека е отруен поради реформските идеи спротивни на интересите на врвот на ватиканската курија.
1915.- Роден е американскиот писател Артур Милер, еден од најдобрите драмски писатели во 20. век. Дела: “Сите мои синови“, „Смртта на трговскиот патник“, „Вештерките од Салем“, „Поглед од мостот“, „По падот“ и други.
1918.- Родена е американската филмска актерка Маргарита Кармен Кансино, позната како Рита Хејворт, холивудски секс-симбол на четериесеттите години од 20. век. Филмови: „Само ангелите имаат крила“, „Никогаш нема да се збогатиш“, Дамата од Шангај“.
1919.- Роден е кинескиот политичар Џао Цијанг, кој како премиер бил архитект на економските реформи во осумдесеттите години на 20. век.
1920.- Умрел американскиот новинар и револуционер Џон Рид. Неговите дела „Десетте дена кои го потресоа светот“ и „Црвена Русија“ претставуваат најдобра хроника за Октомвриската револуција. По смртта од тифус, погребен бил под ѕидините на Кремљ во Москва.
1935.- Д-р Алберт Ајнштајн, познат светски научник, автор на теоријата на релативитетот, допатува во САД како бегалец од нацистичка Германија.
1945.- По бранот масовни протести на обесправените „безкошуљаши“, во Аргентина на власт дошол полковникот Хуан Перон кој на митинг во Буенос Ариес триумфално се обратил пред 300.000 луѓе.
1961.- Во Париз во судирите меѓу француската полиција и алжирските демонстранти кои протестирале против колонијалното владеење на Франција во нивната земја, според официјалната верзија загинале тројца, но според организацијата за човекови права бројот на жртвите бил поголем од 240.
1982.- Во Венеција умрел Марио Дел Монако, еден од најпрочуените еветски тенори. Роден бил во Фиренца, на 27 јули 1915 година.
1991.- По седумгодишна пауза на електропечката, што била вклучена на 3 септември 1991 година, топилничарите на ФЕНИМАК ги произвеле првите тони никел.
1994.- На конференцијата на Меѓународната финансиска организaција на комисиите за хартии од вредност (ИОСКО), што се одржала во Токио од 16 до 22 октомври, Република Македонија била примена за полноправна членка.
1994.- Јордан и Израел постигнале историски мировен договор со кој по 46 години завршила меѓусебната воена состојба.
1997.- Во Куба бил погребен Ернесто „Че“ Гевара (бил убиен во Боливија). Посмртните останки на легендарниот герилски водач биле положени во мовзалеј во градот Санта Клара.
1998.- По барање на Шпанија, поради судење за убиство на стотина шпански државјани во текот на диктаторското владеење во Чиле, поранешниот чилеански диктатор Аугусто Пиноче бил упасен во Лондон, каде се опоравувал од операција.
2003.- Во главниот град на Тајван, облакодерот наречен „Тајпеј 101“ ја достигнал висината од 508 метри, надминувајќи ја дотогаш најголемата кула „Петронас“ во Куала Лумпур, главниот град на Малезија.
2006.- Најмалку 60 лица биле повредени, од кои 15 биле во критична состојба кога се судриле два воза во метро на централната станица во Рим.
2017.- Почина првенката на балетот, Јагода Сланева. Сланева (1949) работеше во балетот на МОБ од далечната 1968 година, до нејзиното пензионирање во 1993 година. Во балетските претстави настапуваше како Ширин во „Легенда за љубовта“, Суламка во „Песна над песните“, Дојрана во „Лабин и Дојрана“, Марија во „Бахчисарајска фонтана“, Китри во „Дон Кихот“, Снежана во „Снежана и седумте џуџиња“, Џулиета во „Ромео и Џулиета“, Ѕвончица во „Петар Пан“, Кармен во „Кармен суита“ и многу други. Како кореограф ги постави „Мансарда“, „Простување со Тања“, „Ричард III“, „Сказна за сказните“ и др. На оперската сцена настапуваше во „Орфеј и Евридика“ и „Продадена невеста“, а како репетитор во „Распучин“, „Дон Кихот“, „Кармина Бурана“ (каде беше и асистент кореограф), „Пинк Флојд Revisited“ и други.
###