• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден
18 мај 2021 (МИА)   1800.- Умрел рускиот генералисимус Александар Васиљевич Суворов, еден од најистакнатите војсководци во 18. век, под чија команда руските трупи извојувале 57 победи. Во Советскиот Сојуз во 1942 година бил воведен орденот Суворов за високи војнички вештини. 1803.- Велика Британија и објавила војна на Франција затоа што Наполеон Бонапарта ја продолжил воената кампања во Италија и во Швајцарија. 1804.- Наполеон Бонапарта се прогласил за цар на Франција (на општо изненадување на прореволуционерните кругови во Европа), а во декември истата година, бил крунисан како Наполеон Први. 1868.- Роден е рускиот цар Николај Втори Александрович Романов, последниот монарх на Русија, кој владеел од 1894 до абдицирањето во 1917 година. Со сопругата, петте деца и послугата биле убиени во јули 1918 во Екатеринбург (Свердловск) по наредба на Ленин, по што сите искасапени биле фрлени во необележана гробница. 1872.- Роден е Бертранд Расел, англиски филозоф. Студирал математика и физика во Кембриџ. Во 1950 година ја добил Нобеловата награда за литература. Бил на чело на антинуклеарното движење во Британија и претседател на Судот за утврдување на воените злосторства во Виетнам. Умрел на 2 февруари 1970 година. 1897.- Роден е американскиот филмски режисер од италијанско потекло Френк Капра, трипати добитник на Оскар, автор на комедии со сатирични теми. Филмови: „Се случи една ноќ“ (Оскар), „Господин Дидс оди во град“ (Оскар), „Изгубени хоризонти“, „Запознајте го Џон Дуа“, „Не можете тоа да го понесете со себе“ (Оскар). 1899.- Во Хаг била одржана првата меѓународна конференција против трката за вооружување и спречување на војни. 1908.- Умрел Карл Колдевеј, германски поларен истражувач. Бил водач на првата германска експедиција на Северниот пол. Роден е на 26 октомври 1837 година. 1911.- Умрел австрискиот композитор и диригент Густав Малер, директор на Државната опера во Виена, кој под влијание на Лудвиг ван Бетовен и Рихард Вагнер создавал композиции со изразит драмски набој и силни емоции. Дела: „10-та симфонија“, циклуси соло песни за глас и оркестар, „Песна за земјата“, „Песни за мртвите деца“... 1919.- Родена е англиската балерина Маргарет Хукам, позната како Маргот Фонтејн, една од најпознатите во 20. век, која на секој лик му давала посебна драмска сила. Со извонреден успех ширум светот играла низа улоги во класичните балети „Жизел“, „Лебедово езеро“... 1920.- Роден е римокатоличкиот свештеник Карол Војтила, кој под името Јован Павле Втори во 1978 година, по 455 години, станал првиот папа кој не потекнува од Италија. 1954.- Стапила во сила Европската конвенција за човекови права. 1961.- Во Скопје, во киното „Култура“, била одржана премиерата на „Мирно лето“ - првиот игран филм, режиран од македонски филмски автор, од режисерот Димитрие Османли. 1974.- Индија извршила прва нуклеарна проба во пустината во Раџастан, со што станала шеста држава која извршила нуклеарен тест. 1977.- Во Москва, за време на Дванаесеттото генерално собрание на ИКОМ, 18 мај бил прогласен за Меѓународен ден на музеите. 1980.- Стотици илјади луѓе ја презеле контролата над јужнокорејскиот град Квангџзу, по немирите во кои единиците на воената хунта убиле најмалку двесте продемократски демонстранти. 1981.- Умрел американскиот писател од ерменско потекло Вилијам Саројан. Дела: „Се викам Арам“, „Пет зрели круши“, „Мамо, јас те сакам“, „Доживувањата на Василиј Џексон“, „Предмет на смеата“, „Време на вашиот живот“ (Пулицерова награда 1939), „Моето срце е во гората“. 1990.- Во Виена западногерманскиот канцелар Хелмут Кол и источногерманскиот премиер Лотар де Мезијер ја потпишале спогодбата за монетарна унија, што претставуваше прв чекор кон обединувањето на Германија. 1995.- Умрел рускиот балетан Александар Борисович Годунов, кој по емиграцијата од Советскиот Сојуз во 1979 година се стекнал со светска слава. 2014. – Починал Добрица Ќосиќ, српски и југословенски писател и политичар, член на Српската академија на науките и уметностите. Во српските интелектуални и политички кругови, тој бил познат како „татко на српската нација. За време на распадот на СФРЈ, во текот на 1989 година, Ќосиќ учествувал активно во создавањето на Српската демократска партија во Хрватска, а една година подоцна и на Српската демократска партија во Босна и Херцеговина. По распадот на СФРЈ, на 15 јуни 1992 година, Ќосиќ бил избран за прв претседател на СР Југославија. Сепак, на таа функција останал само една година, зашто по судирот со Слободан Милошевиќ, тој бил разрешен со тајно гласање на двата собора на Сојузното собрание, поради „кршење на Уставот„. Веднаш потоа, Ќосиќ преминал во опозицијата и, на повикот на Зоран Ѓинѓиќ, зборувал на протестните собири во 1996 и 1997 година. Во мај 2000 година му се приклучил на опозициското движење „Отпор“, иако подоцна изјавил дека немало да го направи тоа, ако знаел дека движењето било финансирано од странство.   ###

Остани поврзан