• вторник, 19 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
1 октомври 2021 (МИА) 1207.- Роден е англискиот крал Хенри III кој на престолот застанал на деветгодишна возраст по загинувањето на неговиот татко Џон, наречен Џон Без Земја. Вистински почнал да владее во 1234 година. 1684.- Умрел францускиот писател Пјер Корнеј, творец на класичната француска трагедија. Пишувал и комедии, религиозни поеми и театарски летературно-теориски статии. Дела: трагедиите „Сид“, „Родогин“, „Никомед“, комедијата „Лажливец“. 1754.- Роден е рускиот цар Павле I Петрович Романов, наследник на Катарина Велика. По доаѓањето на власт во 1796 година во борбата против ширењето на идеите на Француската револуција во Русија ја вовел „Втората коалиција“ со Англичаните и Австријците против Французите. Разочаран од пасивноста на Англија, во 1800 година се смирил со „првиот конзул“ на Франција, Наполеон Бонапарта и ги прекинал дипломатските односи со Лондон. Со честото менување на чиновништвото против себе ги свртел офицерите кои во 1801 година го убиле. 1891.- Во селото Смоквица е роден Ангел Динев, македонски општественик и публицист. Во своите дела "Македонските Словени", "Илинденската епопеја" и "Политичките убиства во Бугарија", го истакнал постоењето на македонската нација. Учесник бил во македонското националноослободително движење. Умрел во Скопје, на 17 февруари 1952 година. 1904.- Во Киев е роден Владимир Хоровиц, руски пијанист, еден од најдобрите музичари во 20. век. Во 1944 година станал американски државјанин. Концерти приредувал во Киев, во Берлин, во Лондон, во Њујорк и на други места. Умрел во Њујорк, на 6 ноември 1989 година. 1914.- Турција како сојузник на Централните сили во Првата светска војна ги затворила Дарданелите за бродовите од земјите-членки на Антантата. 1923.- Во Софија, умрел Ефрем Чучков, македонски револуционер и војвода, член на ВМРО. Бил близок соработник на Гоце Делчев и на други македонски револуционери. Роден бил во селото Ново Село, Штипско, во 1870 година. 1924.- Роден е американскиот државник Џејмс Ерл „Џими“ Картер, претседател на САД од 1977 до 1981 година. 1938.- Германската армија, по Минхенскиот договор на Германија со Велика Британија и Франција, влегла во Чехословачка окупирајќи ја Судетска област. 1943.- На планината Буковиќ, Кичевско, околу 4.000 балисти, заедно со германските офицери и војници, извршиле напад врз слободната територија во западна Македонија. Тука тие наишле на жесток седумчасовен отпор од страна на Младинската партизанска чета, која имала 39 борци, предводени од командирот Лазар Лазарески и комесарот Мирко Милески - Урош. Во оваа борба загинале речиси сите борци на четата заедно со командирот Лазарески и комесарот Милески. 1946.- Меѓународниот воен суд во Нирнберг по десетмесечен процес осудил на смрт со бесење 12 германски нацистички старешини поради сторени воени злосторства во Втората светска војна, тројца на доживотна робија, а четворица на затворска казна од 10 до 20 години. 1949.- Во Пекинг било прогласено основањето на Народна Република Кина. За претседател е избран Мао Це Тунг, а за премиер и министер за надворешни работи Чу Ен Лај. - Национален празник на НР Кина. 1960.- Прогласена била независноста на најнаселената африканска земја Нигерија, која дотогаш бил британска колонија. 1979.- Зоната на Панамскиот канал по 70-годишна контрола на САД формално и била предадена на управување на Панама. 1989.- Данска дозволила склучување бракови на хомосексуалци. Со тоа Данска станала првата земја во која оваа можност била легализирана. 1995.- Велика Британија ги напуштила традиционалните мерки за должина и тежина воспоставени во 1812 година. Милја, јард, фит, инч, галон, пинт, либро и унца биле заменети со километар, метар, сантиметар, литар, килограм и грам. 1997.- Израел го ослободил водачот на палестинските исламски терористи и основач на терористичката организација „Хамас“ шеикот Ахмед Јасин и врз основа на договорот со Јордан го депортирал во јорданската престолнина Аман. 2003.- Починал Анте Поповски - македонски академик, поет, есеист, препејувач и публицист. Дипломирал медицина, но целиот плоден интелектуален ангажман го посветил на литературата и општествениот активизам. Учествувал во основањето на првиот политички субјект во плурална независна Република Македонија – Движењето МААК. Бил директор на НИП „Нова Македонија“ и на „Вардар филм“, а во два мандата и претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Член на МАНУ станал во 2001 година. Негови најзначајни поетски дела се: „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Родопис“, „Сина песна“, „Ненасловена“, „Провиденија“, „Света песна“, „Две тишини“. Избори од неговата поезија во посебни книги се објавени во Албанија, Грција, Франција, Русија, Турција, Италија, Германија, Велика Британија, Индија. Добитник бил на наградите „Браќа Миладиновци“, „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Гоцева повелба“, на Меѓународната награда „Premio Europa“ и на многу други. Роден бил на 3 јуни 1931 година во Лазарополе. 2006.- Израел ги повлекол и последните војници од Либан, исполнувајќи го со тоа клучното барање од договорот за прекин на огнот со кој завршила единаесетмесечната војна во Либан насочена против герилците на Хезболах. Во јужен Либан биле распоредени повеќе од 5.000 припадници на мировните сили на Обединетите нации (UNIFIL) и 10.000 либански војници. 2007.- Умрел Ал Ертер, четирикратен олимписки шампион во фрлање диск. Етер кој златните олимписки медали ги освоил во Мелбурн во 1956, во Рим 1960, Токио во 1964 и во Мексико Сити во 1968 година бил единствениот кој заедно со Карл Луис успеал да победи на четири едноподруго Олимпијади. Тој бил единствен олимпиец кој при секое освојување на златото ги соборувал олимписките рекорди. По завршувањето со атлетската кариера се посветил на апстрактното сликарство. 2014.- Руската информативна агенција ИТАР-ТАСС почнала да го употребува своето ново име - „ТАСС“. Ова е кратката форма на името, а целосното име гласи: „Информативна агенција на Русија „ТАСС“ или „Russian news agency TASS“. Генералниот директор на медиумот Сергеј Михајлов изјавил дека била донесена одлука за враќање на „историското име“ на агенцијата, кое, според него, е познато низ целиот свет. Михајлов подвлекол дека „ТАСС“ ќе биде трговска марка, која нема да се дешифрира, односно „ТАСС“ не е скратеница на „Телеграфската агенција на Советскиот сојуз“ 2015.- Во Белград на 73-годишна возраст умрела Уснија Реџепова, пејачка на народна музика. Родена била во Скопје, на 8 август 1943 година. Таа се прославила пеејќи врањански песни, а 25 години на сцената на Народниот театар во Белград ја играла Коштана. Ќе остане запомнета по хитовите „Због тебе мори Лено“, „Од Ниша до Врања“ и многу други. 2017.- Почина писателот Иван Ивановски, кој долги години беше уредник во Македонското радио. Беше член на ДПМ од 1967 година. Зад себе остави богат и разновиден опус како поет, раскажувач, писател за деца и театарски критичар. Автор е на стихозбирките „Ветки од љубов“, „Варијации“ и „Водоскоци на сонот“, како и на голем број книги од областа на театрологијата, меѓу кои: „Волшебникот на сцената“, „Плима и осека“, „Незаборавни средби“, „На своја почва“, „Во чекор со времето“, „Македонската театарска критика и театрологија“, „Пред кренатата завеса“ и „Половина век театар во Македонија“. Меѓу книгите за деца се „Врти се врти вретенце“, „Ах ти мило детенце“ и „Штурчевото дуќанче за музикалии“. Добитник е на високи награди од областа на литературата, театарот и публицистиката, меѓу кои: „Мито Хаџивасилев“, „Крсте Мисирков“, „13 Ноември“, „Војдан Чернодрински“, „Димитар Митрев“, како и на двете највисоки државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“. Иван Ивановски роден е во Дебар во 1930 година. 2018.- На 94-годишна возраст почина легендарниот француски шансониер Шарл Азнавур. Во текот на неговата 70-годишна кариера сними над 1.200 песни на осум јазици, а беа продадени повеќе од 100 милиони копии од неговите албуми. Азнавур многумина го нарекуваа „францускиот Синатра”, а во неговата кариера оствари и над 60 филмски улоги. Тој е роден во Париз во ерменско семејство како Шахнур Вахинаг Азнавуријан и беше познат по острите политички позиции по прашањето за ерменскиот геноцид. Азнавур беше активен на сцената се до последните денови од својот живот. ###

Остани поврзан