• сабота, 21 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
15 јуни 2021 (МИА) 1215.- Англискиот крал Џон ја потпишал Големата повелба на слободата (Магна карта либертатум) со која на големците им се гарантирале поголеми слободи. 1752.- Бенџамин Франклин, американски физичар и државник, го докажал односот меѓу молњата и електричното празнење со пуштање на детско летало за време на бура. На овој ден бил пронајден громобранот. 1843.- Во Берген е роден Едвард Григ, норвешки композитор, пијанист и диригент. Во своите музички остварувања користел елементи на националниот фолклор и со нив норвешката музика добила целосна афирмација во светот. Умрел во Берген, на 4 септември 1907 година. 1873.- Германскиот археолог-аматер Харнјих Шлиман, во Мала Азија, ги открил крепостите на Троја, древниот Пријамов град, познат од Хомеровите епови. 1882.- Во Кратово е роден Павел Шатев, истакнат македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атентатори. Подоцна станал еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија - прв министер за правосудство. Основното училиште го завршил во родниот град, а потоа се запишал во прогимназијата во Скопје. Во 1900 година успешно матурирал во Солунската гимназија. Истовремено им се приклучил на Гемиџиите. Бил задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција била успешно извршена, при што бродот бил запален, а сите патници биле спасени. Бил уапсен и на судскиот процес на 6 јуни 1903 година бил осуден на смртна казна. Исчекувајќи го трите години за извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му била заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара. Во 1908 година, по Младотурската револуција, добил амнестија и повторно дошол во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминал во Брисел, каде студирал право. Во текот на Првата светска војна бил мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучил во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се вратил во Македонија и се вклучил во политичкиот живот на македонската република извршувајќи највисоки раководни должности. По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанал на страната на советската партија. На 16 јуни 1949 година Шатев бил уапсен „како непријател на државата“ и набрзо му бил одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје бил задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што бил испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен бил од контакти со надворешни лица и држен во тешки услови. Набрзо се разболел и бидејќи не му било дозволено да се лекува, починал на 30 јануари 1951 година. Властите не дозволувале да биде погребан во родното Кратово. Закопан бил на битолските гробишта. 1899.- Во Фуенте Вакерос е роден Федерико Гарсија Лорка, шпански писател од Гранада, народен драматург, сликар, музичар и еден од најголемите лиричари воопшто. Извршил значително влијание врз развојот на европската поезија. Познати се неговите збирки песни: "Песни", "Цигански романсеро", "Поет во Њујорк" и драмите "Крвави свадби" и "Домот на Бернарда". По трагичната смрт (го стрелале франкистите во првите денови на Граѓанската војна во Шпанија, во 1936 година), тој станал најчитан светски поет. 1919.- Во директен лет од Њу Фаундленд во Северна Америка до Ирска британските авијатичари Артур Браун и Џон Оклок први го прелетале Атлантикот. Летот траел 10 часа и 12 минути. 1927.- Во Римини, Италија, е роден Хуго Прат, еден од најголемите стрип-автори во втората половина на 20. век. Умрел во Лозана, Швајцарија, во август 1995 година. 1967.- Жорж Помпиду бил избран за претседател на Франција. 1994.- Република Македонија и Република Боливија воспоставиле дипломатски односи. Република Боливија била прва земја од Латинска Америка и Карибите со која Република Македонија воспоставила дипломатски односи. 1994.- Израел и Ватикан воспоставиле целосни дипломатски односи по историскиот договор за меѓусебно признавање и помирување, формално окончувајќи го вековното несогласување меѓу Евреите и Римокатолиците. 1996.- Во Беверли Хилс умрела Ела Фицџералд, американска џез-легенда, позната како дама на песната. Родена била во 1918 година. 1999.- Северна Кореја соопштила дека јужнокорејската воена морнарица потопила еден нејзин брод во севернокорејските водени територии на Жолто Море, обвинувајќи го Сеул за предизвикување на првиот поморски судир по завршувањето на Корејската војна во 1953 година со што провоцирала нова војна на поделениот полуостров. 2010.- Трагично настрадал Беким Фехмиу, актер кој во Југославија во 60-те и 70-те години од минатиот век стекнал голема популарност. Често играл и во европски продукции. Остварил околу 45 филмски и ТВ улоги. Ја објавил книгата спомени „Блескаво и страшно“. ###

Остани поврзан