• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
4 август 2021 (МИА) 1789.- Парламентот на Франција за време на Француската револуција им ги укинал сите привилегии на феудалците. 1792.- Во Филд Плејс бил роден Перси Биш Шели, англиски писател, еден од најголемите лиричари во светската поезија. Во поемата „Кралицата Маб“ му дал израз на својот револуционерен дух „против кралевите“, свештениците и политичарите. Умрел во Лондон, на 8 јули 1822 година. 1859.- Во една фарма во централна Норвешка бил роден Кнут Хамсун, норвешки писател, по Ибзен најпознат во светот. Негови најпознати дела се романите „Глад“, „Мистерија“, „Викторија“, „Пан“ и други. Во 1920 година ја добил Нобеловата награда за литература. Умрел во Нерхолмен, на 19 февруари 1952 година. 1903.- Во Крушево влегол Штабот на крушевските востаници свечено дочекан од народот, пред кој началникот на Штабот Никола Kарев одржал револуционерен говор, прогласувајќи ја првата македонска народна република и го повикал народот да избере привремена влада. Владата била формирана со учество на сите народносни групи во градот. 1903.- Во селото Карбуница, Кичевско, се водела една од најкрвавите востанички битки за време на Илинденското востание. Кичевските востаници, потпомогнати од 150 демирхисарци на чело со војводата Јордан Пиперката, успеале да ги натераат турските сили да отстапат и долго време да не ја нападнат ослободената територија. Во жестоката борба загинале 30 македонски востаници, а турската војска и башибозукот имале 120 мртви. 1936.- Генералот Јоанис Метаксас прогласил фашистичка диктатура во Грција, со што се влошила положбата на Македонците во Грција. Режимот ја забранил употребата на македонскиот јазик и истовремено извршил апсење на голем број Македонци, поради изразување на националните чувства. 1944.- Во Амстердам, Холандија, фашистичката полиција се упатила во тајното засолниште на еврејското семејство Франк, го уапсила и го одвела во концентрационен логор. Меѓу уапсените била и 15-годишната Ана Франк, која со својот „Дневник“ оставила еден од најпотресните напишани документи за човековите страдања во Втората светска војна. „Дневникот“ на Ана Франк се изведувал на многу театарски сцени во светот, а според него е снимен и филм. 1947.- Во Нови Сад фудбалскиот клуб „Вардар“ го одиграл првиот квалификационен натпревар за влегување во Првата лига. Натпреварот го одиграл со „Слога“ од Нови Сад, со резултат 1:1. 1984.- Во Женева, Швајцарија, умрел Ричард Волтер Џеникс Бартон, великан на седмата уметност, прочуен британски актер. Роден бил во Пантрихидифен, Јужен Велс, на 10 ноември 1925 година. 1991.- Во најтешка сообраќајна несреќа во историјата на Зимбабве загинале 80 деца и седум возрасни луѓе кога автобус слетал од пат и паднал во бездна. 1993.- Исламската Република Иран ја признала Република Македонија. 1997.- Во пензионерскиот дом во провинцијата Арлес, во Франција, умре најстарата жена (најстариот човек) во светот дотогаш, Французинката Џин Калмент. Родена била на 21 февруари 1875 година. 1999.- Во месноста Бунарџик, близу меѓународниот аеродром Петровец кај Скопје, во присуство на премиерите на Република Македонија и на Република Кина - Тајван, Љубчо Георгиевски и Винсент Сју, бил положен камен-темелник на првата слободна индустриска зона во Република Македонија. 2003.- Парламентот на Азербејџан го озаконил династичкото наследување на власта избирајќи го за премиер синот на тешко болниот азербејџански претседател Хајдар Алиев. 2020.- На 66-годишна возраст како последица од повредите здобиени во сообраќајна несреќа почина хрватскиот музичар и композитор Рајко Дујмиќ. Дујмиќ беше основач на популарната група „Нови фосили“ и автор на песната „Rock me“, која во 1989 година првпат и донесе победа на поранешна Југославија на Евровизија. ###

Остани поврзан