• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
21 мај 2020 (МИА) - Светски ден на културната различност. 1471.- Роден е германскиот сликар и бакрорезец Албрехт Дирер, еден од најголемите ренесансни мајстори. Дела: „Четири апостоли“, „Света Тројца“, „Портрет Холцшуер“. 1471.- Во лондонскиот затвор „Тауер“ бил убиен англискиот крал Хенри Шести, последниот монарх од династијата Ланкастер, симнат од престолот во династичките борби („Војна меѓу две ружи“), а престолот повторно го зазел Едвард Четврти. 1639.- Умрел италијанскиот филозоф, доминиканецот Томазо Кампанела, кој 27 години поминал во темница. Во делото „Држава на сонцето“, напишана по урнекот на Платон и Томас Мор, го изложил сфаќањето за идеалното општество како еден вид остварување на Платоновиот идеал. 1688.- Роден е англискиот писател Александер Поуп, претставник на класицизмот во англиската поезија, кој на англиски јазик ги превел грчките епови „Илијада“ и „Одисеја“. Дела: „Есеј за човекот“, „За критиката“, „За глупоста“. 1858.- УмреЛ Шарл Луј Авас, француски писател, новинар, основач на новинската агенција „Авас“. Роден е во Роан. Тој е еден од основачите на агенциското новинарство. Агенцијата „Авас“ е најстарата новинска агенција во светот, основана во 1835 година. Како новинска агенција „Авас“ постоела до 1945 година, а од неа израснал денешниот француски „Франс прес“. 1860.- Роден е холандскиот лекар Вилхлем Ејнтховен, основач на електрокардиографијата, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1924 година. 1895.- Умрел австрискиот композитор и диригент Франц фон Супе, автор на повеќе популарни оперети. Дела: „Лесна коњаница“, „Бокачо“, „Убавата Галатеја“. 1904.- Во Париз била основана Светската фудбалска федерација - ФИФА. 1921.- Во Москва е роден Андреј Дмитриевич Сахаров, руски физичар и математичар, академик и заштитник на човековите права. Во 1975 година ја добил Нобеловата награда за мир за смелоста и личната одговорност во поткрепа на основните принципи за мир меѓу луѓето и за пожртвуваната борба против употребата на сила и на сите форми на нарушување на човековото достоинство. Умрел во Москва, на 12 декември 1989 година. 1927.- Американскиот пилот Чарлс Линдберг слетал во Париз прелетувајќи 5.850 километри од Лонг Ајленд во Њујорк за 33 часа и 29 минути, со што станал првиот човек кој со авион го прелетал Атлантикот. 1935.- Умрел холандскиот ботаничар Хуго де Фрис, основач на експерименталната генетика. Дело: „Теорија за мутацијата“. 1935.- Умрела американската пацифистка и општествен реформатор Џејн Адамс, добитничка на Нобеловата награда за мир во 1931 година. Се бавела со практично решавање на социјалните проблеми и била претседател на Меѓународната женска лига за мир и слобода. 1952.- Умрел американскиот филмски актер Џулијус Гарфинкл, познат како Џон Гарфилд. Филмови: „Четири жени“, „Хуарез“, „Ме направија злосторник“, „Морски волк“, „Тие живеат опасно“, „Поштарот секогаш ѕвони двапати“, „Хумореска“, „Тело и душа“, „Сила на злото“, „Џентлменски договор“, „Големиот нож“, „Да се има и да се нема“. 1956.- Американците ја исфрлиле првата хидрогенска бомба во Пацификот. 1989.- Кинеските студенти кои го окупирале централниот пекиншки плоштад Тјенанмен, го отфрлиле барањето на владата да го напуштат плоштадот. 1991.- Поранешниот индиски премиер Раџив Ганди бил убиен со бомба сокриена во букет цвеќе, за време на предизборен митинг во јужната индиска држава Тамил Наду, во близина на градот Мадрас. 1998.- Индонезискиот претседател Сухарто по 32-годишното владеење поднесол оставка откако попуштил пред силниот притисок на масовните студентски демонстрации. Овластувањето за шеф на државата му го предал на потпретседателот на Индонезија Јусуф Хабиби. 1998.- Починал Манол Пандевски - македонски историчар и академик. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Бил директор на Институтот за национална историја, главен редактор на проектот за повеќетомната Историја на Македонија. Дописен член на МАНУ од 1976, а редовен од 1981 година. Добитник бил на многу високи награди, меѓу кои наградата „11 Октомври“ за животно дело. Автор е на голем број статии и трудови. Во 1987 година му е објавен повеќетомен избор од научната дејност под наслов „Македонското ослободително дело во XIX и XX век“. 2002.- Починал Слободан Мицковиќ - македонски есеист, критичар, романсиер и преведувач. Мицковиќ бил роден во Битола на 18 јуни 1935 година. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како уредник за уметничка литература во издавачката куќа „Мисла“, како и во Македонскиот народен театар. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Доктор по филолошки науки. Бил професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и раководител на Институтот за македонска литература. Бил претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Член на ДПМ бил од 1965 година. Автор е на книгите: „Размислувања“, „Толкувања“, „Време на песната“, „Поетските идеи на Конески“, „Збор и разбор“, „Александар и смртта“ (роман), „Да се убие Апостол“ (роман), „Канал“ (роман) и други. Добитник на наградите: „Димитар Митрев“, „Рациново признание“, Прва награда на издавачката куќа „Зумпрес“, Роман на годината на „Утрински весник“. 2003.- Во земјотрес кој го зафатил северен Алжир загинале најмалку 2.273 лица. 2006.- Одржан бил референдум за државниот статус на Црна Гора. На референдумот, со тесно мнозинство, било решено Црна Гора да се одвои од рамките на Државната заедница Србија и Црна Гора. ###

Остани поврзан