• недела, 22 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден
22 декември 2020 (МИА) 69.- Приврзаниците на Тит Флавиј Веспазијан, кој во Египет се прогласил за цар, во Рим го убиле царот Аула Вителиј. 1639.- Роден е францускиот писател Жан Расин, истакнат претставник на класицизмот кој во своите дела до совршенство ја довел француската трагедија. Пишувал со многу мелодичен стил. Дела: трагедиите „Андромаха“, „Федра“, „Британикус“, „Берениса“, „Митридат“, „Аталија“, комедијата „Парничари“ и други. 1666.- Умрел италијанскиот сликар Гверчино, припадник на болоњската сликарска школа, водечки мајстор на барокот. Најмногу сликал цркви и палати, а особено е познат по композицијата „Аврора“ во римската палата Касино Лудовизи, која е еден од најубавите примери на илузионистичкото сликарство. 1858.- Во Лучи е роден Ѓакомо Пучини, по Верди најголем италијански оперски композитор. Се здобил со светска слава со оперите „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Манон Леско“ и „Боеми“. Умрел во Брисел, на 29 септември 1924 година. 1880.- Во Лондон умрел Мери Ан Еванс, позната под псевдонимот Џорџ Елиот, англиска писателка. Авторкa е на многу познатите романи за англиското село, меѓу кои се „Воденицата на Флоси“, „Сајлес Марнер“, „Адамс Бид“, „Ромола“ и други. Родена била на 22 ноември 1819 година. 1894.- Францускиот артилериски капетан Алфред Драјфус бил осуден на доживотна робија, врз основа на монтираното обвинение дека на Германија и продавал воени тајни. Во негова одбрана застанал најславниот писател во тоа време Емил Зола кој во отвореното писмо до претседателот на Републиката храбро и одлучно ги образложил сите факти и изразил уверување дека Драјфус е невин. Во 1906 година Драјфус бил рехабилитиран, вратен во војската и унапреден во чин мајор. 1895.- Германскиот физичар Вилхелм Конрад Рендген ја направил првата рендген-снимка. Снимката ја направил на раката на неговата сопруга. 1908.- Во Велес е роден Кочо Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература. Во 1939 година во Загреб ја отпечатил познатата стихозбирка „Бели мугри“, која претставува незаменлив поетски израз на стремежите на македонскиот народ и на афирмацијата на македонската национална култура. Загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница, Кичевско, на 13 јуни 1943 година. 1917.- Во Брест-Литовск во Првата светска војна почнале мировните преговори меѓу Германија и новата руска влада воспоставени со Октомвриската револуција. 1943.- Се одржал првиот конгрес на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ). Одлуките на овој конгрес имале за цел да ја засилат борбата против окупаторот, да се ангажира младината во создавањето на народната власт, да работи на културно-просветното поле и друго. 1979.- Умрел американскиот филмски продуцент Дерил Френсис Занук, кој во 1933 година ја основал филмската компанија „Tventi sencceri foks“. Бил продуцент на низа значајни филмови: „Се за Ева“, „Вива Запата!“, „Најдолгиот ден“, „Корени на небото“, „Младиот господин Линколн“. 1988.- Јужна Африка потпишала договор со Обединетите нации, со кој и дала независност на Намибија, последната колонија на Африканскиот континент, поранешна германска колонија (Југозападна Африка) од Првата светска војна која била под управа на Британија. 1993.- Јужноафриканскиот „бел“ парламент ја окончал ерата на апартхејдот, со што било овозможено одржувањето на првите серасни избори во историјата на Јужна Африка. 1994.- Италијанскиот премиер Силвио Берлускони поради обвинение за корупција поднесол оставка. 1995.- Македонија и Европската унија воспоставиле дипломатски односи. 2001.- Водачот на племето Паштуни во Авганистан Хамид Карзаи на церемонијата во Кабул положил заклетва како претседател на привремената влада. 2005.- Меѓународниот суд за правда во Хаг пресудил дека Уганда е единствена виновна за петгодишната воена инвазија врз ДР Конго (1998-2003) и дека треба да плати отштета од 10 милијарди долари. Во Конгоанската војна, во која настрадале околу три милиони цивили, учествувале дури девет странски војски и бунтовнички движења. 2017.- По кратко боледување почина д-р Јосиф Наумовски, доктор на медицински науки истакнат интернист-кардиолог и еден од основоположниците на коњичкиот спорт во Македонија, хуманист и вљубеник во уметноста. ###

Остани поврзан