• сабота, 16 ноември 2024
На денешен ден
16 јуни 2020 (МИА) 1671.- Под водство на легендарниот јунак Стенка Рјазин, во Русија избувнало востание против спахиите и царските чиновници кои слободните козаци ги претворале во кметови, а на селаните им наметнувале уште поголеми давачки. 1779.- Шпанија и објави војна на Велика Британија и ја започнала опсадата на полуостровот Гибралтар. 1826.- Турскиот султан Мехмед Втори по буната на јаничарите ја укинал институцијата јаничари и вовел низам (редовна војска). Институцијата јаничари била воведена во 1330 година со одлука на султанот Орхан. Имено, ги одземале здравите и силни христијански деца, ги потурчувале и со систематска обука ги обучувале како посебна ефикасна воена единица. Мурат Втори дозволил во јаничари да примаат и Турци, а во 1638 година го укинал одземањето на христијанските деца. Со ослабувањето на Турција се почесто се случувало јаничарите да предизвикуваат нереди кои со време станувале опасни за турската власт, па така султанот Мехмед Втори во 1826 година бил принуден во целост да ги укине. 1858.- Роден е шведскиот крал Густав Петти, кој во текот на владеењето од 1907 па се до смртта во 1950 година и обезбедил на Шведска неутрален статус во двете светски војни. 1890.- Роден е англискиот филмски актер Артур Стенли Џеферсон, познат како Стен Лорел, еден од двајцата актери од познатиот тандем (со Оливер Харди). Филмските продуценти и денеска прибираат профит од нивните филмови, а двајцата актери завршиле во сиромаштија. Филмови: „Музичка кутија“, „Наши односи“, „На дивиот запад“, „Двајца добри другари“, „Ние од Оксфорд“, „Голема работа, „Наша жена“. 1900.- Во Крушево била одржана Првата конференција на македонските социјалисти, на која, меѓу другото, била донесена одлука социјалистите да се приклучат кон ТМОРО. Развивајќи широка пропагандна и револуционерна дејност во редовите на македонската револуционерна организација, македонските социјалисти станале раководни личности во Илинденското востание од 1903 година. 1920.- Во Лондон, во палатата „Сент Џејмс“, била одржана првата седница на новонастанатата Лига на народите. По почетните успеси, поради судирот на големите сили, Лигата целосно се дискредитирала. 1943.- Во месноста Моклиште, Кавадаречко, бугарскиот окупатор стрелал 12 невини младинци од село Ваташа, Кавадаречко. 1958.- Обесен бил унгарскиот државник Имре Наѓ, премиер од 1953 до 1956 година, кога во Унгарија избил антикомунистички бунт. Бидејќи советските трупи го скршиле бунтот за кој Москва го обвинила Наѓ, тој бил осуден на смрт како предавник и бил обесен. 1961.- Рускиот балетан Рудолф Нуреев побарал азил во Франција за време на гостувањето во Париз со ансамблот „Киров“. 1963.- Првата жена-космонаут Валентина Терешкова се вивнала во орбитата околу Земјата со вселенскиот брод „Васток-6“. Таа била шести советски, а десетти светски космонаут. 1977.- Претседателот на САД Џими Картер и панамскиот водач Омар Торихос потпишале договор со кој било предвидено Панамскиот канал да и биде предаден во владеење на Панама во 2000 година. 1977.- Умрел германскиот ракетен инженер Вернер фон Браун, конструктор на нацистичките ракетни проектили „Фау-1“ и „Фау-2“, со кои во Втората светска војна била бомбардирана Британија. По војната емигрирал во САД, каде раководел со производство на ракетините проектили „Редстоун“ и „Јупитер Ц“, со кои во 1958 година бил лансиран првиот американски вештачки сателит „Експлорер-1“. 1992.- САД и Русија потпишале договор за смалување за две третини на арсеналот на далекустрелните нуклеарни ракети до 2003 година. 1993.- Во Скопје умрел Борко Лазески, македонски академски сликар, еден од првите апстрактни автори во Македонија. Тој бил еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на Уметничката школа во Скопје, на Уметничката галерија, на ликовната група „Денес“, професор на Педагошката академија во Скопје и на Академијата во Багдад, во Ирак. Најпознат бил по своите фрески изведени во Скопје, Кичево, Велес, Сиудат Мексико. Автор бил на повеќе мозаици. Роден бил во Прилеп, на 22 октомври 1917 година. 1997.- Република Македонија и Кувајт воспоставиле дипломатски односи на амбасадорско ниво. 1999.- Умрел прим. д-р Киро Мачески, специјалист по општа хигиена и медицина на трудот со професионални болести, еден од доајените на медицината на трудот во Република Македонија и основоположник на медицината на трудот во Прилеп. Роден бил во Прилеп, на 12 април 1921 година. 2001.- По 11 години завршиле комплицираните работи за спас на кривата кула во Пиза, со што била спасена една од најголемите италијански туристички атракции. 2001.- Во Сремска Митровица, СР Југославија, се одржал Светскиот куп на ракетно моделарство. Членот на Аероклубот од Штип, Лазар Андонов, го освоил првото место. За овој и за другите успеси во текот на годината, Светската воздухопловна федерација, со седиште во Париз, го прогласила Лазаров за најдобар моделар на светот за 2001 година. 2014.- Во 78-та година од животот починала Елпида Паковска (1936-2014), балерина од првата генерација на Македонскиот балет која ги постави темелите на танцовата уметност во Македонија. Ќе биде запаметена по нејзиниот „Црн лебед“ на Чајковски, по „Заспаната убавица“, „Жизел“, Јулија во „Ромео и Јулија“, Шпањолка во „Болеро“, по трите улоги: Билјана, Бисерка и Бугарка во „Охридска легенда“, Половецка девојка во „Половецки логор“, „Рајмонда“, но и како репетитор во балетските претстави „Жизел“, „Легенда за љубовта“ и „Мирандолина“. 2015.- Во седумдесеттата година од животот во Скопје ненадејно починал писателот Тодор Чаловски. Работел како новинар во Македонското радио, бил уредник на списанијата „Разгледи” и „Стожер”, бил основач на Книжевната колонија Галичник и член на ДПМ и на Македонскиот ПЕН. Во ДПМ членувал од 1969 година и извршувал високи функции во телата на Друштвото - претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ. Како поет, литературен критичар, есеист и преведувач Тодор Чаловски остави богат и значаен книжевен опус. Меѓу низата впечатливо поетски книги се и стихозбирките: „Ноќ во која те нема”, „Ноќен часослов”, „Сердарски болести”, „Јадро”, „Праг”, „Будна куќа”... Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци”. Поезијата на Тодор Чаловски е објавувана и преведувана на повеќе јазици во одделни книги и во антологии на македонската поезија. Објавен е повеќетомен избор од творештвото на Тодор Чаловски. Чаловски е роден во 1945 година во Гостивар. ###

Остани поврзан