• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
31 јули 2020 (МИА) 1483.- Големиот шпански морепловец Кристифор Колумбо, на своето трето патување во новиот свет, го открил островот Тринидат, а потоа првпат стапнал на брегот на Јужна Америка. 1784.- Во Париз умрел Дени Дидро, француски филозоф, енциклопедист, критичар на религиозниот морал и носител на просветителската мисла од предреволуционерна Франција. Со своите дела значително влијаел врз расположението на граѓаните во борбата против феудалниот и апсолутистичкиот режим. Главни негови дела се „Писма на слепите“, „Разговор на Даламбер и Дидро“, „Мисли на толкување на природата“. Роден бил на 5 октомври 1713 година. 1886.- Во Баварија умрел Франц Лист, унгарски пијанист и композитор, музичар со романтичарско определување и предводник на германската школа. Тој бил пијанистички виртуоз кој изградил модерна техника и нов звучно брилијантен клавирски стил. Зад себе оставил симфониски поеми, низа камерни дела за оргули и вокални дела. Роден бил во Доборјан, на 22 октомври 1811 година. 1944.- Во борбена задача како авијатичар загина Антоан де Сент Егзипери, француски писател, автор на најубавата модерна бајка, романот за деца „Малиот принц“. Роден бил во 1900 година. 1954.- Италијанската експедиција која ја предводел Ардито Десио прва успеала да го освои хималајскиот врв К-2. 1964.- Американската вселенска сонда „Ренџер 9“ ги емитувала на Земјата првите снимки од темната страна на Месечината. Овој успех научниците го оцениле како најголем дострел на астрономијата по Галилеј. 1971.- Американските астронаути Дејвид Скот и Џејмс Ирвин, членови на мисијата „Аполо 15“, биле првите луѓе кои се возеле на површината на Месечината - повеќе од шест часа поминале во возење со електрично лунарно возило. 1991.- Претседателите на Советскиот Сојуз и САД Михаил Горбачов и Џорџ Буш во Москва го потпишале договорот за ограничување на нуклеарното оружје со голем дострел. 1994.- Советот за безбедност на Обединетите нации ја одобрил употребата на воена сила во Хаити, овозможувајќи ја на тој начин интервенцијата која против воениот режим ја предводеле САД и враќањето на власт на избеганиот претседател Жан Бертран Аристид. 2001.- Во Тетовско, од нападот на албанските терористи врз полициски пункт кај Радио Тетово, загинал Цоки Стојановски (на 28 г.) од Тетово, припадник на МВР. 2002.- Во текот на посетата на Мексико, папата Јован Павле Втори го прогласил за светец Хуан Диего, селанец од 16 век, кој станал прв римокатолички светец во Америка. ###

Остани поврзан