• понеделник, 23 декември 2024
На денешен ден
30 мај 2022 (МИА)   1220.- Роден е Александар Невски, новогородски кнез, руски војсководец, познат руски народен јунак. Ја победил шведската војска на реката Нева во 1240 година, а во 1242 година ги победил германските рицари „мечоносци“ на замрзнатото Чудеско Езеро и така го запрел германското напредување кон исток. Умрел на 14 ноември 1263 година. 1498.- Шпанскиот морепловец со италијанско потекло Кристофер Колумбо со шест бродови испловил од шпанското пристаниште Санлукар на третото патување во Новиот свет, за време на кое ги открил Тринидад и брегот на Јужна Америка. 1539.- Англискиот писател Кристофер Марло кој битно влијаел на Вилијам Шекспир бил убиен на мистериозен начин во една лондонска таверна. Дела: „Тамерлан Велики“, „Д-р Фаустус“, „Евреинот од Малта“, „Едвард Втори“. 1574.- Умрел францускиот крал Шарл IX. Со неговото доаѓање на престолот во 1560 година почнале војните помеѓу римокатолиците и хугенотите. Откако неговата мајка Катарина Медичи, која дејствувала во договор со папата Гргур XIII, успеала да го наговори, во 1572 година го одобрил погубувањето на хугенотите во Вартоломејската ноќ. 1640.- Во Антверпен умрел Петар Паул Рубенс, фламански сликар, еден од најголемите мајстори на барокниот стил. Соединувајќи ги најдобрите традиции на италијанското сликарството и сликарството во северниот дел на Европа, тој создал слики полни со драматика, еротика, раскош на костимите и сјај на боите. Роден бил во Зегин, на 28 јуни 1577 година. 1672.- Во Москва е роден Петар Велики, цар на Русија. Бил коренит реформатор на рускиот социјален, економски и општествен живот. Се истакнал како војсководец на копно и море. Бил мошне вешт политичар и дипломат. Основал многу училишта. Престолнината ја преселил во новоизградениот Петербург, односно Петроград. Умрел во Санкт Петербург, на 8 февруари 1725 година. 1778.- Во Париз умрел Франсоа Волтер, француски писател, историчар и филозоф. Негово најпознато дело е филозофско-дидактичкиот роман „Кандид“. Напишал и неколку епопеи, историски дела, трагедии и комедии. Роден бил во Париз, на 21 ноември 1694 година. 1848.- САД и Мексико го ратификувале договорот, потпишан во февруари 1848 година, по поразот на Мексиканците во Американско-мексиканската војна, според кој, за надокнада од 15 милиони долари, во составот на САД влегле дотогаш мексиканските територии Ново Мексико, Калифорнија, делови од Невада, Јута, Аризона и Колорадо. 1876.- Турскиот султан Абдул Азис бил сменет, а на негово место дошол неговиот внук султан Мурат V. 1909.- Роден е американскиот кларинетист и композитор Бенџамин Дејвид Гудмен, познат како Бени Гудмен, еден од првите бели музичари кој и се спротивставил на расната сегрегација. Во 1934 година формирал џез-оркестар во кој повикал и црни музичари. Снимил десеттина филмови, а се бавел и со класична музика, снимил концерт за кларинет Волфанг Амадеус Моцарт и свирел со симфониски оркестри. 1912.- Умрел американскиот пилот и конструктор на авиони Вилбур Рајт, пионер на авијацијата, кој во 1903 година заедно со неговиот брат Орвил, во авион направен од нив двајцата, го извеле првиот лет во историјата на воздухопловството. Летот траел 59 секунди, а авионот прелетал 285 метри. Браќата Рајт во 1905 година конструирале авион кој прелетал 39 километри. Во 1909 година ја основале „Америкен Рајт компани“ за производство на авиони и истата година на војската на САД и го испорачале првиот борбен авион „Сингл Корпс I“. 1913.- Во Лондон бил потпишан мировниот договор со кој завршила Првата балканска војна. 1922. – Во Крушево е роден Александар Матковски - прв доктор на историски науки од Македонија и прв ориенталист. Автор на познатата историска едиција „Патеписците за Македонија“ и на познатото хералдичко дело „Грбовите на Македонија“. Добитник е на повеќе награди и признанија. Членувал во МАНУ од 1985 година. Починал на 15 април 1992 година во Скопје. 1936. – Роден е Димитар Димитров - македонски поет, есеист, критичар, политичар и дипломат. Завршил Филозофски факултет, група философија во Скопје. Доктор по философски науки. Професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Амбасадор на Република Македонија во Руската федерација. Член на ДПМ од 1970 година. Во првата експертска влада (1991-1992) Димитров бил министер за образование. Во периодот 1998-1999 година бил избран за министер за култура во владата на Љубчо Георгиевски. Автор е на книгите: „Овчарче“, „Збогум детство“, „Кога сме деца“, „Животот и уметноста“, „Противставување“, „Македонски работи“, „Уметност и човекување“, „Меѓу тоталитаризам и демократија, „Името и умот“, „Одбрани есеи“ и други. 1937. – Роден е Љубиша Георгиевски - театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист, теоретичар на театарот и професор по театарска режија. Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград. Како театарски режисер има поставено преку 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Досега има објавено десеттина книги. Добитник е на повеќе од дваесетина награди во рамките на поранешна Југославија и во Р. Македонија. Од богатиот филмски опус најпозната е неговата режија на филмот „Републиката во пламен“. На претседателските избори во 1994 година Георгиевски бил претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Бил претседател на македонскиот Парламент и амбасадор на Р. Македонија во Бугарија и Србија. 1960.- Во Переделкино умрел Борис Леонидович Пастернак, руски писател. Познати негови дела се „Збирка стихови без бариери“, „Теми и варијации“, романот „Доктор Живаго“ и други. Во 1958 година ја добил Нобеловата награда за литература за извонредните дострели во современата лирска поезија и на полето на великата руска епска традиција. Роден бил во Москва, на 10 февруари 1890 година. 1964.– Во Куманово е роден Венко Андоновски, македонски писател (романописец, раскажувач, драмски автор, поет), есеист, критичар и книжевен теоретичар. Дипломирал на Филолошкиот факултет "Блаже Конески", во Скопје. Доктор по филолошки науки. Работи како професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Андоновски е член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија. Негови најпознати дела се:„ Нежното срце на варварот“, „Квартот на лиричарите“, „Фрески и гротески“, „Азбука за непослушните“, „Папокот на светот“, „Вештица“, „Ќерката на математичарот“, „Адска машина“, „Бунт во домот за старци“, „Црни куклички“, „Текстовни процеси“, „Структура на македонскиот реалистичен роман“,„Ќерката на математичарот“ и други. За своето книжевно творештво, Андоновски е добитник на бројни награди, меѓу кои: „Рациново признание“, наградата на "Утрински весник" за роман на годината, наградата „Балканика“, „Стале Попов“. 1989.- Во Њујорк умрела Зинка Кунц - Миланов, оперска пејачка, еден од најубавите сопрани во современиот свет. Родена била во Загреб, во 1906 година. 1995.- Русија ги формализирала односите со НАТО, но го повторила предупредувањето дека ширењето на западниот воен сојуз на исток би можело да ја подели Европа. 1998.- Во земјотресот што ја зафатил северната авганистанска провинција Тахар, загинале најмалку 3.000 илјади лица. 2011.- Во Скопје на 73-годишна возраст починал актерот и сценограф Чедомир Христов. Роден бил на 1 мај 1938 година во Струмица. Завршил на отсекот за сликарство на Вишата педагошка школа, работел како актер во Струмичкиот театар „Антон Панов“ (1958 до 1964), а потоа преминал во Македонскиот народен театар во Скопје каде што останал до пензионирањето во 1996 година. 2018.- Во 65. година од животот во селото Леска, Мала Преспа, почина Спасе Мазенковски, голем македонски патриот, писател, новинар и публицист и еден од најголемите борци за правата на Македонците во Албанија. Целиот свој живот го мина и твореше во селото Леска. Спасе Мазенковски беше основач и претседател на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа”, основач и главен уредник на весникот “Преспа”, основач на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција и учесник во сите активности на Македонците во Албанија од 1990 година. Спасе Мазенковски на македонски јазик има објавено неколку поетски збирки, книги, разкази и репотажи “Преспа моја”, “Разбојна китка”, “Торбулетот на татко ми”, “Преспанска убавица”, “Лабид и Преспана”, “Рѓосани бисери”, “Историја на македонскиот народ во Албанија”. На албански јазик ја има објавено книгата “Историја на македонскиот народ”. Беше член на Друштвото на писатели на Македонија и на Друштвото на писатели “Новиот свет” во Албанија. Спасе Мазенковски роден е во 1953 година во селото Леска. ###

Остани поврзан