• петок, 22 ноември 2024
На денешен ден
15 август 2022 (МИА)   1057.- Загинал шкотскиот крал Макбет, чиј живот го инспирирал англискиот писател Вилијам Шекспир, да ја напише една од своите најпознати драми. 1769.- Во Ајачио, на Корзика, е роден Наполеон Бонапарта, француски цар, еден од најголемите свтски војсководци на сите времиња. Во 1904 година бил крунисан за цар. Сакајќи да го освои светот, а претходно покорувајќи ја половина Европа, во 1812 година тргнал во напад на Русија, но доживеал тежок пораз. Во април 1814 година бил принуден да адбицира. Во 1815 година се обидел повторно да дојде на власт и, само по сто дена престој во Париз бил интерниран на јужноатланскиот остров Света Елена, каде што умрел на 5 мај 1821 година. 1771.- Во Единбург е роден Валтер Скот, шкотски писател, творец на модерниот историски роман. Собирал народни песни и пишувал по теркот на народните епови за историјата на Шкотска. Меѓу неговите најзначајни дела се романите „Ајванхо“, „Кенилворд“, „Старинар и други. 1893.- Умрел Жан Мартин Шарко, француски лекар, еден од најголемите невролози на сите времиња. Се занимавал со проблемите на хистеријата, хипнотизмот и склерозата. Роден бил во 1825 година. 1894.- Во Ресен (во куќата на Татарчеви) се одржало советување на првенците на ТМОРО. Со советувањето непосредно раководеле Даме Груев и Пере Тошев. Биле донесени значајни одлуки за натамошниот развој на револуционерното движење во Македонија. Ова прво советување на ТМОРО се сметало за „голема предилинденска искра“. 1897.- Во селото Кономлади, Костурско, Егејска Македонија, е роден Стојан Христов, американски писател од македонско потекло, новинар и 12 години државен сенатор во САД. Во 1986 година при посетата на Македонија била основана Фондацијата „Стојан и Маргарет Христов“. Најпознати негови дела се хрониката „Херои и убијци“, романите „Лавот од Јанина“, „Ова е мојата татковина“, „Мојот американски аџилак“ и мемоарскиот роман „Орелот и штркот“. Умрел во Томпсон Хаус, во Бретлборо, на 25 јануари 1996 година. 1911.- Во селото Крушаре, Ениџевардарско, бил убиен Апостол Петков (наречен и како „Ениџевардарско сонце“) македонски револуционер и војвода, учесник во Илинденското востание. Роден бил во селото Бојмица, Солунско, во 1870 година. 1914.- Со поминувањето на бродот „Анкон“ бил отворен Панамскиот канал, прокоп долг 81,6 километри кој во најтесниот дел на средна Америка го спојува Атлантскиот и Тихиот Океан. Каналот официјално е отворен дури во јули 1920 година, а изградбата која во 1789 година ја почнал градителот на Суецкиот канал, Французинот Фердинан де Лесепс, а САД ја презеле во 1901 година, била проследена со финансиски афери, притисоци и воени интервенции. 1947.- Индија стекнала независност. - Национален празник на Индија. 1948.- Јужна Кореја станала независна држава под името Република Кореја. 1962.- Бил пробиен патниот тунел под Мон Блан, највисокиот врв во западна Европа со кој францускиот град Шамони се поврзал со италијанската долина Аоста. 1971.- Бахреин стекнал независност после век и половина британска колонијална власт. 1993.- Во Сондерберг, Данска, на последниот ден од заседанието на Меѓународната федерација на студентите по медицина (ИФМСА), Сојузот на студентите по медицина на Македонија бил примени во полноправно членство. 1998.- Во Скопје се одржало Основачко собрание на Нотарската комора на Република Македонија. За претседател била избрана Зорица Пулејкова. 2004.- Во Краков умрел Часлав Милош, полски и американски поет, белетрист, есеист и литературен историчар, правник, добитник на Нобеловата награда за литература во 1980 година за бескомпромисната јасност со која ја изразува застрашената положба на човекот во еден свет на остри конфликти. Меѓу најпознатите негови дела се „Три змии“, „Спасување“, „Дневна светлина“, „Заробен ум“, „Преземање на власта“ и други. Роден е во Шетејнеј, Литванија, на 30 јуни 1911 година. 2007.- Во земјотресот кој го погоди Перу загинале 510 луѓе. Најголемото разорување било во пустинската област на југот од Перу, во градовите Ика и Писко, на околу 200 километри југоисточно од главниот град Лима. Силата на потресот во епицентарот изнесувала осум степени според Рихтеровата скала. 2008.- Умрел Џери Веклсер, пионер на „ритам & блуз“ и музички продуцент. Бил коосновач на култната музичка куќа „Антлантик Рекордс“ која направила револуција во светот на црнечката музика. Како продуцент Векслер лансирал голем број познати имиња како што се Реј Чарлс, Арте Гренклин, Вилсон Пикет, Отис Рединг, Вили Нелсон, Шер и Дасти Спрингфилд. Му бил продуцент и на Боб Дилан во составот „Лед Цепелин“. Соработувал и со Сантана, Џорџ Мајкл, како и со групата „Дајер Стрејтс“. 2012.- На 64-годишна возраст починал Арбен Џафери како последица од мозочен удар. Неколку години боледувал од Паркинсонова болест. Џафери завршил Филозофски факултет, а до 1990 година работел во Приштина како новинар. Во политиката бил активен прво како претседател на ПДП, а потоа и на ДПА. Партијата ја предводел 12 години се до 2007 година кога од здравствени причини се повлекол од функцијата. За претседател тогаш бил избран Мендух Тачи, а Џафери станал почесен претседател на ДПА. 2016.- По кратко и тешко боледување во Словенија починал големиот промотор на македонската култура во дијаспората и ширум светот, музичарот Љубен Димкаровски, кој беше прва труба во Љубљанската филхармонија, и основач и водач на групата „Пела“ со која ја промовираше македонската музика низ целиот свет. Во последните години светот го запозна Димкаровски како прв и единствен изведувач на праисториска фрула, најстара фрула во светот, со која на музичката јавност и покажа дека големите класици може да се отсвират на праисториска фрула... ###

Остани поврзан