• понеделник, 23 декември 2024
На денешен ден
7 јуни 2020 (МИА) 1494.- Колонијалните сили на Португалија и на Шпанија во Тордесиљас го потпишале Договорот за поделба на новооткриените земји, според кој териториите источно од 50-иот степен географска должина и припаѓаат на Португалија, а западно од линијата на Шпанија. Границата ја повлекол иницијаторот на Договорот папата Александар Шести за да ги спречи судирите на колонијалните сили во Новиот свет. Младите колонијални сили Англија (од почетокот на 18. век Обединето Кралство), Холандија, Франција и другите оваа поделба не ја почитувале. 1502.- Роден е италијанскиот римокатолички свештеник Уго Боункомпањо, папата Гргур Тринаесетти (од 1672 до 1585 година). Според советот на астрономите во 1582 година го реформирал календарот, наречен грегоријански, бидејќи стариот календар - јулијанскиот премногу астрономски отстапувал од вистинската состојба. Грегоријанскиот календар во прво време го прифатиле само католичките земји, а многу подоцна и протестантските, а дури по Првата светска војна и православните земји. Некои од православните цркви и денеска го користат јулијанскиот календар. 1523.- По победата над Данците, Густав Вас бил прогласен за крал на Шведска под името Густав Први. 1848.- Во Санкт Петербург умрел Висарион Григориевич Белински, руски литературен критичар, филозоф и публицист. Основач бил на руската реалистичка естетика и на литературната критика. Познати се неговите погледи за делата на Пушкин, на Лермонтов и на Гогољ. Тој го формирал новиот правец во руската литература наречен „натурална школа“. Роден бил во Свеаборг, Финска, на 13 јуни 1811 година. 1848.- Во Париз е роден Пол Гоген, француски сликар. Тој се инспирирал од егзотичниот свет на островите Тахити и Фати - Ива. Формите на неговите слики се мирни и монументални, проткаени со еротика. Влијаел врз развојот на експресионизмот и на формирањето на фовизмот, а се занимавал и со скулптура. Умрел на Маркишките Острови, во 1903 година. 1862.- САД и Велика Британија го потпишале договорот за сузбивање на трговијата со робови. 1867.- Роден е австралискиот писател Хенри Арчибалд Ларсен, познат како Хенри Арчибалд Лосон, врвен сликар на австралискиот колорит. Дела: „Кратки приказни во проза и стихови“, „Кога бев крал и други приказни“, „Ѕвездата Австралија“, „Земјата од каде што дојдов“. 1877.- Роден бил Петар Ацев, македонски револуционер, член и војвода на Македонската револуционерна организација. Роден бил во селото Ореовец, Прилепско. На Смилевскиот конгрес, тој бил еден од главните противници за кревање на востанието. По завршувањето на Илинденското востание бил избран за нелегален член на окружниот комитет. Водел неколку борби со отомански сили и со четите на српската и грчката пропаганда во Македонија. Во 1907 година учествувал во битката на Ножот. На Ќустендилскиот конгрес Петар Ацев бил избран за дополнителен член на ЦК. По Младотурската револуција излегол од илегала и се населил во Прилеп. Две години подоцна е уапсен и 15 месеци е носен низ разни затвори низ Македонија и Мала Азија. Бил ослободен во средината на 1911 година по што се населил во Пловдив, Бугарија. Учествувал како доброволец во Балканските војни, а потоа и во Првата светска војна. Петар Ацев учествувал во Привременото претставништво на поранешната ВМРО, а подоцна е член на Илинденската организација. Ранет е во текот на Горноџумајските случувања во септември 1924 година. Починал во Пловдив во 1939 година. 1905.- Норвешкото Собрание донесло одлука за отцепување на Норвешка од Шведска. 1917.- Роден е американскиот филмски актер, пејач и забавувач Дино Пол Крочети, познат како Дин Мартин, кој во почеток славата ја стекнал во тандем со комичарот Џери Луис со кого снимил 18 филмови. Играше и во многу вестерни и криминалистички филмови. Филмови: „Актери и модели“, „Холивуд или пропаст“, „Рио Браво“, „Четворица за Тексас“. 1928.- Убиен бил Алаксандар Протогеров, политичар, генерал и раководител на Внатрешната македонска револуционерна организација. Учествувал како доброволец во Српско-бугарската војна. Бил член на Македонскиот комитет, војвода во Горноџумајското и Илинденското востание. Бил резервен член на Централниот комитет на ВМОРО, претседател на Извршниот комитет на Македонските добротворни братства во Бугарија. Во Балканските војни бил член на Штабот на Македонско одринското ополчение, а во времето на бугарската окупација во Првата светска војна бил заменик началник на Македонската воено-инспекциска област и командант на Моравската воено-инспекциска област, произведен во генерал-лајтнант на бугарската армија. По војната со Тодор Александров и Петар Чаулев ја основал ВМРО. Бил потписник на Мајскиот манифест. По расколот во ВМРО бил убиен во Софија од страна на Михајловистите. 1935.- Умрел Иван Владимирович Мичурин, советски биолог, генетичар. Се занимавал со подобрување на сортите на овошките во централна и во северна Русија, како и со создавање нови сорти. Работел на вкрстувањето меѓу видовите и родовите, притоа користејќи ја и вегетативната хибридизација (калемењето), добивал семе и со вештачко запрашување, при што забележал дека тоа семе е поотпорно. Роден бил на 15 октомври 1855 година. 1939.- Кралот Џорџ Шести станал првиот британски монарх кој стапнал на тлото на САД, поранешна колонија на Обединетото Кралство. 1943.- Кај селото Никодин, Прилепско, во борба против бугарската војска, откако бил ранет, се самоубил Блажо Тодоровски - Чичето, народен херој од Македонија. 1945.- Со решение на Министерството за народна просвета на Демократска Федеративна Македонија бил озаконет Правописот на македонскиот јазик, чиј дефинитивен текст бил усвоен пет дена порано. Утврдувањето и озаконувањето на Македонскиот правопис преставува израз на континуираната борба на македонскиот народ за свој литературен јазик и правопис, кој во понатамошните години се надградуваше со нови содржини. 1948.- Претседателот на Чехословачка Едуард Бенеш поднесе оставка не сакајќи да го потпише новиот устав со кој земјата стана комунистичка држава. 1952. – Роден е Орхан Памук, еден од најпознатите турски писатели. Добитник е на Нобелова награда за литература во 2006 година. Во текот на 2005 година, од страна на две турски асоцијации бил обвинет за неговите тврдења во врска со Ерменскиот геноцид и убивањето на околу 30.000 Курди од страна на турските власти. За истото дело бил ослободен во 2006 година. Денес, Орхан Памук е еден од најпопуларните турски писатели во светот. Најпознати дела: „Снег“, „Нов живот“, „Ме викаат Црвен“, „Белата крепост“, „Истанбул“ и други. 1970.- Умрел англискиот писател Едвард Морган Фостер, познат набљудувач и аналитичар. Дела: романите „Едно патување во Индија“, „Најдолго патување“, приказните „Небески омнибус“, „Вечен момент“. 1971.- Советскиот вселенски брод „Сојуз II“ во орбитата околу Земјата се споил со вселенската станица „Салјут“. 1973.- Канцеларот на Западна Германија Вили Брант допатувал во Израел, како прв западногермански лидер кој ја посетил еврејската држава. 1980.- Умрел американскиот писател Хенри Милер, кој се бавел и со сликарство. Романи: „Црна пролет“, „Мирни денови во Клишиј“, „Недела после војна“, „Книги за мојот живот“. 1990.- Претставничкиот дом на американскиот парламент изгласал забрана за продажба на сметачи и телекомуникациска опрема во Советскиот Сојуз се додека Москва не ги започне преговорите за независност на Литванија. 1991.- Со одлуката на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, одредницата „Социјалистичка“ од името на СР Македонија бил изоставена и Републиката го носи називот Република Македонија. 1993.- На автопатот меѓу Нирнберг и Минхен, Германија, во сообраќајна несреќа загинал Дражен Петровиќ, југословенски и хрватски кошаркар, еден од најдобрите аматери во светот, подоцна професионалец во САД. Роден е во 1964 година. 2006.- Убиен бил лидерот на Ал Каида во Ирак Абу Мусаб ел Заркави во заедничката акција на американската и ирачката војска во Бакуби, северно од Багдад. Неговата глава била проценета на 25 милиони долари. 2013.- На возраст од 84 години починал поранешниот француски премиер Пјер Мороа, кој беше прв шеф на социјалистичка влада на Петтата француска република, од 1981 до 1984 година. ###

Остани поврзан