• понеделник, 23 декември 2024

Надворешниот механизам за контрола, без претставници од граѓанскиот сектор

Надворешниот механизам за контрола, без претставници од граѓанскиот сектор

Скопје, 13 февруари 2023 (МИА) - Надворешниот механизам за контрола на работата на полицијата, воспоставен во 2018 година, како гарант за ефикасно постапување во случаите кога постои сомнеж за сторени кривични дел од страна на лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, повеќе години работи без претставници од граѓанскиот сектор. Освен изборот и номинирањето на претставници од граѓанските организации во Механизмот за граѓанска контрола, тие имаат и мандат од една година.  

Ова беше посочено на денешната тркалезна маса за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) и Надворешниот механизам за контрола, во организација на Министерството за правда и делегацијата на Советот на Европа од Одделението за извршување на пресуди на ЕСЧП.

Државна советничка на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, порача дека за потребата од ваков механизам укажува тоа дека во периодот од 2019 до 2022 година отворени се 42 претставки од Механизмот за граѓанска контрола кај Народниот правобранител, од кои 27 се однесуваат за полициски службеници, а 15 за затворска полиција.

- Поднесени се 18 барања за утврдување на казнена одговорност до надлежното Јавно обвинителство. Ова се бројки што ги има кај Народниот правобранител, дополнително тоа што граѓаните директно преку МВР понатаму ги процесираат, изјави Бајрамовска-Мустафа.

Во сите извештаи, Бајрамовска-Мустафа посочи дека Народниот правобранител укажува и алармира дека Механизмот за граѓанска контрола, кој според законското решение од 2018 година е дел од Канцеларијата на Народниот правобранител е нецелосен и функционира без претставници номинирани од граѓанските организации, кои се избираат во Собранието.

- Граѓанските организации инсистираа дека треба да бидат избрани од внатрешна комисија во Собранието, а не од Народниот правобранител. Во мај 2020 година Народниот правобранител достави барање до избраните здруженија да номинираат по еден претставник за надворешен член, доставувајќи договори кои треба да ги потпишат и тука настана проблемот. Проблемот беше во не прифаќањето на граѓанските организации да бидат работно ангажирани кај институцијата Народен правобранител, ценејќи дека со нивниот ангажман ќе се ограничи нивната независност, односно дека се ставаат под капа на институцијата и се губи независниот елемент, изјави Бајрамовска-Мустафа.

Бајрамовска-Мустафа, смета дека можеби треба да се размисли и за друга можност за нивниот избор, се со цел да бидеме поефикасни, истовремено укажувајќи согласност дека рокот од една година е премногу краток.

- Уште во времето на првиот правобранител кажавме дека имаме краток рок од една година. Само што ќе почнат да ги работат предметите, не ќе може да ги завршат. Се согласуваме со тоа дека треба да биде зголемен мандатот на нивниот избор во три години, изјави Бајрамовска-Мустафа.       

Помошник-министерот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди Игор Арсовски, посочи дека Одделот за внатрешна контрола при МВР воспоставил непречена соработка со специјализираното одделение за истражување и гонење на дела сторени од лица со полициски овластувања во рамки на ОЈО ГОКК, за што зборуваат статистичките податоци за поднесените кривични пријави и известувања.  

- Во случаи на утврдени незаконитости на постапување на овластени службени лица, кои имаат обележје на кривично дело, од страна на Одделот за внатрешна контрола во 2022 година се поднесени вкупно 17 кривични пријави, против 29 вработени во МВР за сторени 20 кривични дела, од кои пет за злоупотреба на службена положба, четири за малтретирање во вршење на служба, две за фалсификување службена исправа, пет за примање поткуп и по едно кривично дело за лажно пријавување, несовесно работење во службата и разбојништво, изјави Арсовски.

Одделот за внатрешна контрола, посочи Арсовски, во изминатата 2022 година до надлежниот ЈО достави вкупно 289 известувања, од кои 93 се за известување на надлежен јавен обвинител за негово запознавање за натамошно постапување, а 196 се изготвени по барање на Основните јавни обвинителства.

Раководителката на Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, обвинителката Лиле Стефанова, посочи дека праксата покажала дека замислата била добра, а и реализацијата на овој надворешен механизам.

- Прво целокупната надлежност ја води едно Обвинителство. Судската пракса се воедначува затоа што суди еден Суд. Како резултат на овој механизмот се воспостави еднаква пракса и во Судот и во Јавното обвинителството, изјави Стефанова.

Добиваме предмети, рече Стефанова, не само од Одделот за внатрешна контрола при МВР, туку многу често и од самите граѓани и адвокати.

- Ако првично замислата беше на пречекорување на овластувањата на полициските службеници, се почесто одделот пушта кривични пријави, не само дела како што е малтретирање во служба, туку се почесто има предмети од коруптивна природа. За жал, има предмети во кои полициски службеници се предмет на кривична обработка со поткуп од 500 до 3000 денари. Меѓутоа имаме пресуди што покажуваат дека сериозно се земаат овие предмети во работа, изјави Стефанова.

Статистиката, посочи Стефанова, покажува дека имаме мал проблем пресудите, доколку е условно осуден, бидејќи очигледно, како што рече, не влијаат да се запре со извршување на кривични дела.

Владиниот агент на Бирото за застапување на Северна Македонија, Даница Џонова, како една од поголемите обврски што ни стои на патот, рече дека е заживување на механизмот за надворешна контрола, каде како држава, имаме сериозен проблем со заживување на граѓанскиот аспект од овој механизам.

- Се поставува прашањето дали, дури и кога би се продолжил мандатот на невладините организации наместо една да биде три години. Значи имаме повеќе причини, кои ни сугерираат, дека реално ова решение можеби и не е најсоодветното и веројатно не е најодржливото, рече Џонова.  

Јулиа Козма, консултантка на Советот на Европа, смета дека главна пречка на овој механизам е недостигот на комуникација и доверба, каде Јавното обвинителство не верува на Народниот правобранител и обратно, додека пак никој не верува на невладиниот сектор.

- Граѓанскиот сектор може да притиска за итност во случаите на неактивност на другите актери, може да даде поддршка на жртвите и нивните семејства и може да го направи целиот систем потранспарентен за јавноста, нагласи Козма.

Тажно е, нагласи Козма, што пет години од законските измени механизмот не функционира целосно и недостига делот на граѓанскиот сектор.

Настанот се организира во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”, дел од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција – Фаза III. аа/сп/

Остани поврзан