• понеделник, 23 декември 2024

Награда за животно дело за Квентин Тарантино во Рим

Награда за животно дело за Квентин Тарантино во Рим
Рим, 21 октомври 2021 (МИА) - На американскиот режисер Квентин Тарантино, познат по филмовите „Убиј го Бил“ и „Неславни копилиња“, му беше доделена наградата за животно дело на Филмскиот фестивал во Рим. Одличјето му го додели италијанскиот режисер на хорор-филмови, Дарио Арџенто, кој стои зад насловите „Суспирија“ и „Длабоко црвено“. - Фактот дека 30 години подоцна сум овде во Рим и добивам награда за животно дело, а граѓаните на Рим знаат кој сум, е, просто - посебно!, рече Тарантино. Тарантино (58) присуствуваше на настанот за да ја прими наградата, заедно со неговата сопруга. Во својата 30-годишна кариера, Тарантино напиша и режираше девет хитови, меѓу кои „Џеки Браун“, „Уличи кучиња“ и „Си беше еднаш во Холивуд“. Сценаристот и режисер направи своевидна револуција во начинот на снимање филмови. Тој беше награден со два Оскари за најдобро оригинално сценарио за „Евтини приказни“ во 1995 година и „Џанго без окови“ во 2013 година. Фестивалот во италијанската престолнина беше отворен на 14 октомври со „Очите на Тами Феј“ и ќе трае до 24 октомври. Во сабота награда за животно ќе добие и режисерот Тим Бартон. Официјалната селекција на фестивалот вклучува 23 филма од различни жанрови и различни облици на изразување. Учествуваат 23 земји, меѓу кои Саудиска Арабија, Доминиканската Република и Косово. Фестивалот ќе ја затвори својата програма со филмот „Вечна“ на оскаровката Клои Жао.  си/

Остани поврзан