• сабота, 23 ноември 2024

Навални потврди дека е префрлен во казнена колонија на Арктикот

Навални потврди дека е префрлен во казнена колонија на Арктикот

Москва, 26 декември 2023 (МИА) - Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, кој отслужува 19-годишна затворска казна за „екстремизам“, ги потврди информациите дека е префрлен во затвор на Арктикот, за кој рече дека е покриен со снег, и додаде дека е добро расположен и покрај исцрпувачко патување од 20 дена.

Соработниците на рускиот опозициски лидер изгубија контакт со него повеќе од две недели, а за тоа време немаше информации за тоа каде се наоѓа Навални.

Неговата портпаролка Кира Јармиш вчера изјави дека 47-годишниот критичар на Кремљ бил одведен во Казнената колонија бр. 3, лоцирана во Харпа во регионот Јамало-Ненец, на околу 60 километри северно од Арктичкиот круг и речиси 1.900 километри североисточно од Москва. 

„Јас сум вашиот нов Дедо Мраз“, напиша шеговито Навални, објавено од неговите адвокати на социјалната мрежа Х.

„Па, сега имам палто од овча кожа, капа ушанка и наскоро ќе земам валенки (традиционални руски зимски чевли). Дваесетте дена што патував беа прилично заморни, но сè уште сум во одлично расположение слично на Дедо Мраз“ додаде Навални.

Новиот дом на Навални, познат како Колонија на поларните волци, се смета за еден од најтешките затвори во Русија. Повеќето од затворените таму се осудени за тешки кривични дела. Зимата е многу студена и во наредната недела таму температурите ќе паднат до околу минус 28 степени Целзиусови. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан