• понеделник, 23 декември 2024

МФ: Приходите во Буџетот во првиот квартал повисоки од лани и во рамки на планираното

МФ: Приходите во Буџетот во првиот квартал повисоки од лани и во рамки на планираното

Скопје, 8 април 2024 (МИА) - Министерството за финансии соопшти дека во првиот квартал од годинава се реализирани приходи во износ од 69,4 милијарди денари што е за 4,8 проценти повеќе во споредба со тој период лани и 22,4 проценти од планираното со Буџетот за годинава.

Расходите се реализирани на ниво од 83,9 милијарди денари  што е 24,4 проценти од планираното и за 20,1 проценти повеќе од лани. Дефицитот реализиран во првиот квартал од оваа година изнесува 14,5 милијарди денари.

- Притоа во првиот квартал се извршени исплати во износ од 1,650 милијарди денари за реализација на антикризните мерки од 9-от пакет, 24,9 проценти повеќе средства се реализирани за исплата на плати и надоместоци, 16,9 проценти повеќе средства за социјални трансфери, 21,1 проценти повеќе за пензии, 28 проценти за активни мерки за вработување, 16,2 проценти за здравствена заштита, 11,9 проценти повеќе средства за блок и наменски дотации кон општините и камати кон домашни и странски кредитори за 100 проценти повеќе во споредба со првиот квартал од 2023 година, се наведува во соопштението.

Вториот квартал од годинава, како што информира ресорното Министерство, стартува со вкупни приходи во износ од 71 милијарди денари што е за 5,6 проценти повеќе во однос на истиот период лани. На 2 април вкупните приходи биле на ниво од 72,1 милијарда денари или за 6,4 проценти повеќе во споредба со лани, на 3 април - 73,6 милијарди денари и на 4 април - 73,4 милијарди денари.

Во овој период се остварени расходи во износ од 93,9 милијарди денари на 1 април, 94,6 милијарди денари на 2 април, 95,6 милијарди денари на 3 април и на 4 април 97,6 милијарди денари. Дефицитот на 1 април изнесувал 22,9 милијарди денари, на 2 април - 22,5 милијарди денари, на 3 април - 21,9 милијарди и на 4 април -  24,2 милијарди денари.

- Податоците кои ги евидентира Министерството за финансии преку Трезорот покажуваат дека на почетокот на месецот активностите се однесуваат на расходната страна, затоа што во првите денови од месецот се одвиваат исплатите како што се плати, пензии и други трансфери, додека активностите, односно приливите на приходната страна се регистрираат во текот на втората половина од месецот, односно на 15-ти во месецот се евидентираат приходите од акцизи, додека после 25-ти во месецот приходите од ДДВ. Заради тоа во почетокот на месецот се јавува повисок дефицит, а потоа со евидентирање на приливите на приходната страна состојбата се стабилизира, појаснуваат од Министерството за финансии.

Остварувањата на приходите по основ на даноци и придонеси заклучно со 31 март изнесуваат 63,7 милијарди денари или за 12,4 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Даночните приходи во овој период бележат пораст од 11 проценти во однос на реализацијата во истиот период претходната година. Приходите од данокот на личен доход се остварени во износ од 7,15 милијарди денари или се повисоки за 20,9 проценти, данокот на добивка е во износ од 5,6 милијарди денари или повисок за 23 проценти, ДДВ е во износ од 17,1 милијарда денари или за 3,8 проценти повисок, акцизите во износ од 6,3 милијарди денари или за 7,8 проценти повисоки и увозните давачки во износ од 2,9 милијарди денари или за 17,6 проценти повисоки во споредба со првиот квартал од 2023 година.

- Буџетот е ликвиден и редовно се сервисираат сите обврските. Приходите се собираат во согласност со планот (25 проценти од приходите во секој квартал). Финасирањето на дефицитот е обезбедено и се одвива согласно планираното со усвоениот Буџетот за 2024 година во Собранието, велат од Министерството. бак/дма/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан