• понеделник, 23 декември 2024

МФ: Нов закон за решавање банки за зајакнување на финансиската стабилност

МФ: Нов закон за решавање банки за зајакнување на финансиската стабилност

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) – Собранието на Република Северна Македонија го усвои Законот за решавање банки, предложен од Министерството за финансии, а со кој земјава воспоставува регулаторна рамка за зајакнување на финансиската стабилност во земјава и навремена интервенција во кредитна инститиуија која е во проблем.

-Станува збор за сосема нов закон кој има за цел воспоставување инструменти за ефикасно решавање на проблемите на нестабилни и проблематични кредитни институции  неопходни за спречување  несолвентност, односно за ублажување на негативните последици настанати поради несолвентноста, а се со цел зачувување на одржувањето на функционирањето на кредитната институција. На тој начин се избегнува спасување на овие институции со користење на средствата на даночните обврзници, односно со новото законско решение ќе се воспостави сет на алатки за доволно рана и брза интервенција во кредитна институција којашто се соочува со проблеми во работењето, информират од Министерството за финансии.

Законот покрај одржување на финансиската стабилност и избегнување на значително негативно влијание врз финансискиот систем, ќе обезбеди и континуитет на критичните функции на банката, заштита на јавните средства преку сведување на минимум на можноста за користење вонредна државна финансиска помош,  заштита на депонентите коишто имаат обезбедени депозити, како и заштита на средствата на клиентите на банката.

Со законот се воспоставува Фонд за решавање банки, и ќе се дефинира начинот на користење на средства, ќе се утврдат процесот, условите и инструментите за решавање банки, начините на финансирање на решавањето и слично, а орган надлежен за решавање на банките ќе биде Народната банка. Со предложеното законко решение предвидена е можноста за примена на државни инструменти, меѓу кои и директна интервенција, но тие ќе се користат само во исклучителни можности и тоа само како последна можност, откако ќе се исцрпат сите останати инструменти пропишани во Предлогот. Повратот на средствата кои ќе се користат за интеревенција ќе се врши со продажба на влогот на државата во банката која државата би го стекната со примена на инструментите.

Со Законот се сака да се постигне пазарна дисциплина и доверба на јавноста во банкарскиот сектор, унапредување на регулаторната и супервизорската рамка, заштита на јавните средства, непристрасност и независност во вршење на активностите на надлежниот орган за решавање на банки, како и стручност, професионалност и висок степен на професионална одговорност на вработените во банките и на вработените во Народната банка на Република Северна Македонија.

Новиот закон, исто така, претставува доследна примена на европското законодавство, односно  усогласување со Директивата  2014/59/ЕУ на Европската комисија за формирање на рамка за заздравување и решавање на кредитни институции и инвестициски фирми. дма/са/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан