Муцунски: Новата организациска поставеност ќе донесе дополнителна енергија и кохезија
- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски преку својот фејсбук профил изрази благодарност до премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да биде дел од Извршниот комитет на партијата.
Скопје, 7 февруари 2026 (МИА) - Новата организациска поставеност ќе донесе дополнителна енергија и кохезија, бидејќи силна и стабилна партија е важен предуслов за силна и стабилна држава, оцени министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски кој синоќа беше избран за член на новиот Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ.
Муцунски преку својот фејсбук профил изрази благодарност за искажаната доверба до премиерот и претседател на партијата, Христијан Мицкоски.
- Вистинска чест и одговорност е да се биде член на Извршниот комитет на партијата која работи во интерес на граѓаните и цврсто ги штити националните интереси. Во изминатиот период, како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, со целосна посветеност и капацитет се вложив во работата на партијата. Поминавме низ значаен политички циклус во кој од опозиција прераснавме во владејачка политичка сила, и на локално и на централно ниво. И во периодот што следи ќе продолжам со истата посветеност да придонесувам кон реализацијата на програмските определби и политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Убеден сум дека новата организациска поставеност ќе донесе дополнителна енергија и кохезија, бидејќи силна и стабилна партија е важен предуслов за силна и стабилна држава, пишува Муцунски на фејсбук. мд/мч/
Фото: Фејсбук на Муцунски