• недела, 22 декември 2024

Муцунски - Гир: Силен фокус на Владата кон забрзување на евроинтегративниот процес на земјата

Муцунски - Гир: Силен фокус на Владата кон забрзување на евроинтегративниот процес на земјата

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со амбасадорот на Европската унија Дејвид Гир, на која беше реафирмиран силниот фокус на Владата кон забрзување на евроинтегративниот процес на земјата. Исто така, беше укажано и на потребата од испорачување на реформи кои ќе значат напредок за граѓаните, најмногу во делот на обезбедување економски развој, унапредување на владеењето на правото и борбата со високата корупција.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на средбата беше истакната и важноста на евроинтегративниот процес за стабилноста на регионот и, во таа смисла, потребата од што поскоро интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ, имајќи го предвид актуелниот геополитички контекст.

Во врска со Планот за раст за Западен Балкан кој претставува значаен политички и финансиски влог на ЕУ за забрзување на интеграцијата на земјите од овој простор во Унијата, министерот Муцунски подвлекол дека новата Влада за многу краток рок донесе решенија и деновиве ја достави Реформската агенда на земјата до ЕК. 

Од МНР соопштија дека денеска Муцунски остварил средба и со амбасадорите на Италија и Австрија, Андреа Силвестри и Мартин Памер, како и со економскиот советник, шеф на Advantage Austria за регионот, Јирген Шредер.

Во разговорот со амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, беа поздравени билатералните односи и готовноста за нивно зајакнување особено во делот на културата и економијата.

-Воедно, заеднички учествуваа на церемонија по повод доделувањето сертификати на наши дипломати за успешно завршен курс по италијански јазик. Ваквиот пристап претставува уште една дополнителна потврда за готовноста за зајакнување на културните врски и приближувањето на двете пријателски земји, велат од МНР.

Со амбасадорот Памер и економскиот советник Шредер, заеднички било констатирано дека и покрај постигнатиот обем на трговска размена, сѐ уште има голем простор и услови за продолжување на трендот на зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

-Имено, со Австрија, како наш најголем инвеститор, партнер и пријател на нашата земја, економската соработка, инвестициите и трговските односи треба и понатаму да се охрабруваат. Покрај разменета на мислења во врска со билатералната економска соработка меѓу двете земји, беа претставени и економските приоритетите на Владата за привлекување на странски инвестиции, се вели во соопштението на Министерството.

Advantage Austria е организација за промоција на трговијата на Австриската Федерална економска комора, која има повеќе од 100 канцеларии во над 70 земји, меѓу кои и во нашата земја. Обезбедува услуги за развој на бизнисот за австриските компании но и за меѓународните деловни партнери.бт/дма/

Фото: МНР

Остани поврзан