• петок, 05 декември 2025

Муртезани - Кос: Владата останува цврсто определена за евроинтеграција и динамична реализација на реформската агенда

Муртезани - Кос: Владата останува цврсто определена за евроинтеграција и динамична реализација на реформската агенда

Скопје, 30 јуни 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во пресрет на официјалниот почеток на Самитот на лидерите од Западен Балкан, остварил билатерална средба со европската комесарка за проширување, Марта Кос.

Како што соопшти МЕП, ова е прва официјална посета на комесарката Кос во ова својство, а средбата со министерот Муртезани претставува потврда за континуираната ангажираност и поддршка на Европската комисија за процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.

-Во рамки на средбата беа истакнати резултатите кои Северна Македонија досега ги постигна во спроведувањето на Планот за раст, кој е носечка тема на Самитот, како и Реформската агенда 2024-2027. Еврокомесарката Кос ги поздрави посветеноста и реформските напори на Владата, посебно во делот на успешно реализираните реформи, новоусвоените закони и динамиката на спроведување на приоритетните мерки во повеќе клучни сектори како што се: управување, енергетика, зелена транзиција, дигитализација, развој на човечкиот капитал, бизнис климата и владеење на правото. Комесарката ја охрабри Владата да продолжи со оваа динамика на реформи, истовремено укажувајќи на важноста од искористување на актуелниот момент за натамошен напредок и надминување на преостанатите предизвици, се наведува во соопштението.

Министерот Муртезани, во разговорите со комесарката Кос, се посочува, изразил уверување дека оваа Влада останува цврсто определена за европската интеграција како апсолутен стратешки приоритет, осврнувајќи се на финализирањето на Патоказот за владеење на правото и Патоказот за реформа на јавната администрација, кои се одредници за отворање на првиот преговарачки кластер „Фундаментални вредности“ и ја реафирмираше подготвеноста на Северна Македонија за продолжување на тесната соработка со ЕК во контекст на целосна реализација на овие документи. Муртезани исто така ја нагласи и отвореноста на земјата активно да се вклучи во новите иницијативи што ќе бидат разгледани на Самитот, меѓу кои се подобрување на заштитата на потрошувачите, развојот на квалитетниот туризам и продлабочување на економската интеграција со Единствениот европски пазар.

На билатералната средба, се додава понатму, било заеднички констатирано дека Самитот во Скопје се одржува во период кога Северна Македонија ја потврдува својата водечка улога во регионот, како прва земја што ги заврши сите правни процедури за стапување во сила на финансиските договори од Планот за раст, овозможувајќи исплата на предфинансирање од ЕУ средства во износ од 52,4 милиони евра.

Соговорниците се осврнале и на неодамнешната апликација на Северна Македонија до Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) со четири нови проекти во областите кибер-безбедност, дигитализација и унапредување на образовната инфраструктура, како и на тековното спроведување на законите и мерките од Реформската агенда.

-Министерот Муртезани и комесарката Кос се согласија дека следниот период е клучен за процесот на пристапување, нагласувајќи ја потребата од јасна политичка волја, динамична реализација на реформските обврски и искористување на сите нови иницијативи кои ќе произлезат од Самитот во Скопје. Воедно, беше реафирмирана заложбата на Владата да остане конструктивен и доверлив партнер на ЕУ, со фокус на конкретни резултати во интерес на граѓаните и стабилноста на целиот регион, стои во соопштението. вг/лв/

Фото: МЕП.

Остани поврзан