• понеделник, 23 декември 2024

Мурати: Запленетите апарати за криптовалути во едно село во северно Косово трошат струја колку 500 куќи

Мурати: Запленетите апарати за криптовалути во едно село во северно Косово трошат струја колку 500 куќи

Приштина, 8 јануари 2022 (МИА) – Министерот за финансии на Косово, Хекуран Мурати вели дека 272-те апарати за ископување криптовалути, кои беа запленети денеска во село во близина на Лепосавиќ, област на северот од земјата населена со српско население, трошат електрична енергија колку што во просек трошат 500 домаќинства, јави дописникот на МИА од Приштина.

Мурати на својата страница на Фејсбук напиша дека струјата која запленетите апарати ја трошат за производство на биткоини, според новите цени на електричната енергија кои ги плаќаат косовските граѓани, чини меѓу 60 и 120 илјади евра месечно.

- Утрово 272 Антиминер апарати беа конфискувани во операција на Царините и Полицијата на Косово во северниот дел на земјата. Овие постројки, доколку се остават да работат непрекинато, трошат отприлика 300.000 киловат-часови електрична енергија, односно колку што е просечната потрошувачка на 500 куќи. Со актуелните увозни цени, излегува 60.000-120.000 евра месечно. Тоа е она за што зборуваме кога велиме дека не можеме да дозволиме нечие незаконско богатење на грбот на даночните обврзници, напиша Мурати.

Косовската полиција претпладнево ги заплени 272-те апарати за ископување криптовалути во селото Требица во близина на Лепосавиќ.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља преку својата страница на Фејсбук информира дека во акцијата, која поминала без инциденти, е уапсено едно лице. Тој најави дека таквите акции ќе продолжат и натаму, до целосното спроведување на одлуката на косовското Собрание и Влада за забрана на ископување криптовалути.

Пред два дена полицијата заплени 70 апарати за ископување криптовалути во јужниот дел на Митровица и во Подујево.

Косовската Влада во вторникот, на 4 јануари, објави дека надлежните институции ќе се ангажираат за запирање на производството на криптовалути, со оглед дека апаратите наменети за тоа предизвикуваат висока потрошувачка на електрична енергија, додека земјата се наоѓа во енергетска криза.

Медиумите во Приштина информираат дека нелегалното производство на криптовалути е посебно распространето во северно Косово, каде што голем дел од локалното српско население со години не ги плаќа сметките за струја. Реакции во јавноста предизвика и одлуката на Владата на Албин Курти, од мај минатата година, да го подмири долгот на граѓаните од тој дел на земјата кон операторот на електрична енергија, со околу 11 милиони евра од буџетот. иа/паг/

Остани поврзан