• понеделник, 06 мај 2024

Мурал со цитат на Марко Цепенков осамна на прилепскиот Центар за култура

Мурал со цитат на Марко Цепенков осамна на прилепскиот Центар за култура

Прилеп, 27 април 2024 (МИА) - На предната страна од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, осамна мурал во рамките на проектот „Јазикот коски нема, но коски крши“ на визуелната уметница Ивана Самандова на која ѝ помогнаа уметниците Методи Исков и Александар Џинго.

Фокусот на муралот е истакнување на величината на Марко Цепенков, како една од најистакнатите фигури во македонската историја и култура. Идејата зад муралот е создавањето „искра“ и љубопитност кон истражувањето и врската меѓу современиот свет и историското културно наследство, соопштуваат од Факултет за работи што не се учат – ФРУ кој е организатор на проектот а е со поддршка на министерството за култура.

Целта на проектот е избегнување на централизираност на културата и уметноста во само еден град, а соработката помеѓу Центарот за култура во Прилеп и локалните уметници е стремеж кон визуелно осовременување и освежување на објектот, создавајќи ликовна композиција која корелира со предизвикот и играта на архитектурата.

Дел од муралот е цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ на Марко Цепенков преку кој може да се интерпретираат неколку перспективи како истрајноста, флексибилноста и настојувањето во потрагата на правдината во општествените пошироки аспекти. Овој концепт на правдина укажува дека и во мигови кога таа умее да биде истанчена, никогаш не може да биде комплетно уништена.

Инаку, ова е втор мурал во организација на Факултет за работи што не се учат – ФРУ. Во март, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на фасада на зграда во центарот на Скопје, изработувајќи мурал посветен на потребата од солидарност. ем/ир

Фото: Факултет за работи што не се учат – ФРУ

Остани поврзан