• петок, 22 ноември 2024

МТСП: Исплатена финансиската поддршка за ранливите категории на граѓани

МТСП: Исплатена финансиската поддршка за ранливите категории на граѓани

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика информира дека финансиската помош согласно Законот за финансиска поддршка е исплатена. Во оваа група на исплати спаѓаат корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари.

Од МТСП информираат дека финансиската поддршка за корисниците опфатени со овој закон, изнесува 2.000 денари месечно за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители кои се корисници на гарантирана минимална помош, за период од пет месеци, започнувајќи од декември 2023 година.

Средствата за корисниците на право на пензија во висина до 19.000 денари, за период од пет месеци, започнувајќи од декември изнесува:           

- 3.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка,           

- 2.000 денари месечно корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 денари до 16.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата  на финансиската поддршка и         

-1.500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 денари до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка.

Оваа финансиска поддршка, како што појаснуваат од Министерството, се извршува без поднесување на барање од страна на корисниците, врз основа на податоците од евиденциите на центрите за социјална работа и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, за остварено право во претходниот месец од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка.

-Доколку, некои од граѓаните односно корисниците во категориите опфатени со овој закон, не добиле финансиска поддршка, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика, во рок од осум дена од денот на извршената исплата на финансиската поддршка, велат од МТСП.

Комисијата, по поднесените приговори одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесување на приговорот. Притоа, Комисијата за одобрените приговори доставува известување до подносителот и до институциите, а за одбиените приговори до подносителот. 

-Граѓаните, приговорите ги доставуваат по електронски пат на следната електронска пошта prigovori@mtsp.gov.mk, или во архивата на Министерството за труд и социјална политика, со назнака „До Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка“, се додава во соопштението. дма/бак/

Фото: МИА архива


 

 

 

 

Остани поврзан