• вторник, 24 декември 2024

МПЦ-ОА се враќа во канонско заедништво, разговорите со СПЦ продолжуваат

МПЦ-ОА се враќа во канонско заедништво, разговорите со СПЦ продолжуваат
Скопје, 11 мај 2022 (МИА) - МПЦ-ОА се враќа во канонско единство со другите православни помесни цркви. Вселенската патријаршија одлучи да ја признае Охридската архиепископија како канонска црква. Оваа одлука не значи томос за автокефалност, туку чекор кон конечно решавање на статусот на нашата црква, што сепак, по препорака на Фанар ќе се бара преку разговори со СПЦ. Синодот на МПЦ-ОА изрази благодарност до вселенскиот патријарх Вартолемеј за одлуката на Цариград да ја признае црковната ерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет, со име се кое се потврдува вековниот црковен континуитет и најави продолжување на разговорите со СПЦ до уредувањето на конечниот статус на македонската црква. – САС на МПЦ – ОА изразува најсрдечна благодарност на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј за Патријаршискиот и Синодален акт за канонско и евхаристиско единство на нашата ерархија, при што, прифаќањето е со еклисиолошкото име со што се обезбедува вековниот црковен континуитет. Истовремено ја известуваме јавноста дека продолжуваат разговорите со Српската православна црква до уредувањето на конечниот статус на нашата Црква, како и по препорака на Цариградската Патријаршија, која во рамките на светоканонскиот чин и црковно предание треба да се уредат управните прашања помеѓу двете цркви, соопшти САС на МПЦ-ОА по вчерашната вонредна синодска седница. Одлуката на Вселенската патријаршија ја поздравија и државните власти. Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА, митрополит скопски, aрхиепископ oхридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан по повод признавањето на каноничноста на Охридската Архиепископија од страна на Вселенската патријаршија. 

– Со оваа важна одлука се исправа долгата историска неправда нанесена врз нашата Црква и нејзините верници и се исцелуваат длабоките рани поради децениите изолација со кои се соочи возобновената Охридска Архиепископија. Примајќи ја нашата Црква во евхаристиско општење, Вселенската патријаршија ги избриша вештачки создадените поделби и го отвори просторот за градење на духовно единство на православните верници. Со ваквиот чекор, патријархот Вартоломеј и Вселенската патријаршија не само што ја препознаваат реалноста на нашата жива православна Црква, туку го признаваат и нејзиниот историски континуитет со древната Охридска Архиепископија, која низ вековите била прибежиште и извор на духовна сила и надеж за православните верници, се вели во честитката на шефот на државата.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера на средба со  Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, ја оцени како историски чекор со кој се признава вековното постоење на МПЦ-ОА како наследничка на древната Охридска архиепископија. Оваа историска одлука, според Ковачевски, е донесена по интензивна комуникација на оваа генерација архијереи на МПЦ-ОА со Вселенската патријаршија, во што свој придонес дадоа и претставници на Владата на Северна Македонија. За Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) долгоочекуваната одлука на вселенскиот патријарх е „конечна правда за нашата црква, која никогаш ништо што не и следува не посакуваше, беше пример за кроткост и христијански етос, трпеше, но не нанесуваше неправди, како и признание дека никогаш и не сме имале црковен, уште помалку духовен проблем, туку административни недоразбирања“. Засега нема реакции од останатите православни помесни цркви, па дури ни од Српската со која долги години се водеа јалови преговори околу статусот на МПЦ. Со реакција излезе единствено Руската православна црква, која објави дека ги признава само канонските права на Српската православна црква (СПЦ) во Северна Македонија. Медиумите во регионот, пак, го пренесуваат соопштението од Вселенската патријаршија, како и реакциите од кај нас. Подетално на прашањето се осврнуваат некои од црковните портали во Грција. „Ортодоксија инфо“ во текстот под наслов „Шах- матот на вселенскиот патријарх што го збриша планот на руско- српската оска за нова турбуленција на Балканот“, пишува дека со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија „се става крај на повеќегодишната перипетија на шизматичката црква, која ја врати во рамките на канонската православна црква“. Додава дека и покрај непријателскиот став на Српската патријаршија, Константинопол не навлегува подлабоко во прашањето и му остава на Белград да преземе потези за завршување на постапката по ова прашање. -Со овој одлучувачки потег, Фанар става крај на новите аспирации на Русија да предизвика нова рунда конфронтации околу јурисдиктивните  прашања, а црквата на Србија ја става пред своите одговорности за завршување на напорите за решавање на проблемот според Светите канони, коментира порталот. Во продолжение, пишува дека „во многу храмови во соседната земја, радосно почнаа да бијат камбаните, откако го слушнаа соопштението на Вселенската патријаршија, објавувајќи ја историската одлука за нив“, а ја пренесува и објавата на Фејсбук на премиерот Димитар Ковачевски. Грчката новинска агенција АНА-МПА, пак, ги пренесува изразените ставови, како на премиерот Ковачевски, така и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во Србија и Бугарија засега само се пренесува информацијата за прифаќањето на МПЦ-ОА во канонска заедница со сеправославниот свет, со акцент на тоа дека признавањето е како „Охридска“, а не „Македонска“. Дел од медиумите ја оценуваат одлуката на Вселенската патријаршија како мешање во јурисдикцијата на СПЦ, но и удар врз БПЦ која полага право на древната Охридска архиепископија. Одлуката на Фанар следува по четиригодишното разгледување на молбата за апелација што ја испрати МПЦ-ОА во врска со решавањето на нејзиниот статус, како и по испратените писма и средби што ги имаа македонските државни претставници со вселенскиот патријарх Вартоломеј. Вселенската патријаршија, која има историски и канонски надлежности и привилегии да одлучува во апелација и да доделува автокефалност, реши да се заземе за решавање на канонското прашање на македонската црква. Светиот синод на Вселенската патријаршија ја уважи молбата на нашата црква и донесе конечна одлука за прифаќање на МПЦ-ОА во канонско заедништво. Оваа одлука, сепак, не значи томос за автокефалност, туку преод кон следниот чекор - конечно регулирање на статусот на МПЦ-ОА. Примањето во евхаристиско заедништво на ерархијата, клирот и народот во земјава, практично значи дека МПЦ-ОА веќе не е во раскол и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите православни помесни цркви. За утврдување на конечниот статус на МПЦ-ОА ќе следуваат дополнителни преговори, за што Фанар упатува на СПЦ. - Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание, се наведува во синодската одлука на Вселенската патријаршија. Миторполитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј, вчера изјави дека МПЦ-ОА всушност никогаш и не ги прекратила разговорите со српската црква, но тие не секогаш се објавуваат во јавноста. -Затоа велиме продолжувааат и во соопштението го потенцираме тоа дека разговорите со СПЦ продолжуваат се додека не најдеме конечно решение за тој автокефален статус. Засега останува во рамки на тесен круг на дипломатски преговори помеѓу двете цркви, истакна владиката Тимотеј. За името Охридска архиепископија, пак, под кое Вселенската патријаршија го призна канонското заедништво на нашата црква (со јурисдикција во границите на државата Северна Македонија), од Синодот на МПЦ-ОА го оценуваат како прифаќање на еклисиолошкото име со што се обезбедува вековниот црковен континуитет. - Ние се викаме Македонска православна црква, а го користиме древното име Охридска архиепископија и затоа велиме тие не признаа под еклисиолошко, односно црковно име. Ние ќе се викаме МПЦ-ОА. Охридска архиепископија не е понижувачко име со себе имате една историја од десет века, изјави  портпаролот на МПЦ-ОА, миторполитот Тимотеј. са/дма/

Остани поврзан