Москва за денеска најави прекин на огнот со цел да се евакуираат цивили од Мариупол
- Руското Министерство за одбрана најави локален прекин на огнот од 9 часот по средноевропско време во Мариупол за да се евакуираат цивилите од градот.
Москва, 31 март 2022 (МИА) – Руското Министерство за одбрана најави локален прекин на огнот од 9 часот по средноевропско време во Мариупол за да се евакуираат цивилите од градот.
Овој чекор треба да овозможи отворање на хуманитарен коридор кон Запорожје, објаснуваат од Министерството.
- За да успее оваа хуманитарна операција, предлагаме таа да се спроведе со директно учество на претставници на Високиот комесаријат за бегалци на ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст, се додава во соопштението на Министерството.
Украинската страна има рок до 6 часот во четврток наутро да прогласи прекин на огнот и писмено да ги извести Русија, ОН и Црвениот крст.
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат дека спречуваат евакуација на жителите на Мариупол, кој е под жестоки напади на руските сили и со недели е опколен. јт/