• петок, 22 ноември 2024

МОН: Бесплатен пристап до светската научно истражувачка база EBSCO за научната и академската заедница во земјава

МОН: Бесплатен пристап до светската научно истражувачка база EBSCO за научната и академската заедница во земјава
Скопје, 30 август 2022 (МИА) - Министерството за образование и наука соопшти дека ќе продолжи да им обезбедува на јавните универзитети во државава, Македонската академија на науките и уметностите и на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје бесплатен пристап до една од водечките научно истражувачки бази во светот – EBSCO. Владата, како што посочуваат од МОН, го прифати предлогот за потпишување нов петгодишен договор со EBSCO Publishing, од Ипсвич, САД, во вкупна вредност од речиси 625 илјади долари, односно по 125 илјади долари на годишно ниво. Станува збор за иницијатива во рамки на пошироката стратегија за поддршка и придонес кон развој на науката и научно истражувачката дејност во Република Северна Македонија, која ќе подобрува условите и можностите за истражување на научно истражувачките кадри, професорите и студентите. Преку оваа база тие можат да обезбедуваат современа меѓународна литература и списанија со висок фактор на влијание, односно податоци и информации за изработка на соодветно истражување, проект, или било каков труд во одредена област. EBSCO претставува водечки светски агрегатор на електронски бази и банки на податоци, основан во 1944 година. Со потпишувањето на националниот договор, Северна Македонија обезбедува пристап до 14 бази на електронски научни списанија и информации со фактор на влијание кои вкупно опфаќаат над 57,000 списанија-од кои над 22,000 се електронски списанија во целосен пристап (full text) во PDF формат, со над 5.000 високо научни цитирани списанија со фактор на влијание, достапни до државните универзитети и научни институти односно до научните работници и студентите од високообразовните институции и јавните научни установи во Република Северна Македонија. Меѓу базите со податоци овој пат се наоѓа и Computers & Applied Science Complete, која не беше опфатена со претходно склучените национални дговори, а на која укажуваа високообразовните и научните установи, информираат од МОН и додаваат дека ќе продолжат и во иднина да создаваат што повеќе можности за научно истражувачките работници, затоа што развојот на науката, истражувањето и иноваците е една од основите на кои се базира севкупниот развој на општеството. рп/са/

Остани поврзан