• недела, 22 декември 2024

Молитвена литија на сестрите од манастирот во Рајчица, нудат и помош за жителите од Дебар и Центар Жупа

Молитвена литија на сестрите од манастирот во Рајчица, нудат и помош за жителите од Дебар и Центар Жупа
Дебар, 17 март 2020 (МИА) - Со благослов на Архимандрит Партениј, денеска, сестрите од Обителта на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица по завршувањето на вообичаената великопосна Богослужба, направија литија со чесните мошти на Великомаченикот, на Преподобниот Герасим Јордански кој се слави токму денеска, како и со мошти на други Светии што се чуваат во манастирот. -Опходот со моштите, пропратен со пеење на: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртен, помилуј нè“ и на тропари на повеќе Светии, го заокружи целиот манастирски комплекс, а на сите четири страни беа упатени прозби и молитви, за добриот наш Бог да ја чува нашата света Обител од секакво зло, да ги благослови и спаси жителите на градот Дебар и околните села, како и сите луѓе кои се погодени од искушението со коронавирусот, вели сестра Ефимија. Додава дека сите 10 сестри во манастирот се добри, дека сеуште не се тестирале, но доколку кај некоја од нив се јават симптоми, секако дека тоа ќе го сторат. -Фала му на Бога, сега за сега, снабдени сме со храна, намирници и се што ни е неопходно за да ги поминеме овие триесеттина дена во изолација. Мерката домашна изолација ги затекнаа и две наши гостинки, па така тие ќе останат тука додека трае овој период. Со нас е и едно лице, вработено како обезбедување во манастирот, како и јеромонахот Кирил од Бигорската Свештена Обител. Па така, богослужбениот живот непрестајно си тече, го ползуваме ова великопосно време да ги умножиме молитвите за Бог, со силата на Неговиот Чесен Крст, да го избави не само нашиот народ, туку и сиот свет од ова големо искушение, нагласува сестра Ефимија. Додава дека Архимандрит Партениј, деновиве апелирал до граѓаните преку официјалното манастирско соопштение. -Создадени сме за заедница и живеејќи во неа, сите ние сносиме одговорност и за нашите ближни, за луѓето во непосредна близина до нас, но и за оние кои се физички далеку од нас. Всушност, самопожртвуваната грижа за другите преставува акт на христијанска љубов, стои во соопштението. Во овој контекст, посочува сестра Ефимија сите ние треба да сме потполно дисциплинирани кон мерките на Владата и Министерството за здравство, но и со чиста совест да стоиме пред Бога. -Согласно владините мерки, во Дебар и Центар Жупа функционира и линија за помош околу снабдувањето со храна и лекови по домовите, а која е под раководство на Центарот за управување со кризи при општината. Меѓутоа, доколку се јави потреба, со Божја помош и со благослов на нашиот Старец и ние стоиме на располагање да направиме добро дело кон нашиот народ, изјави сестра Ефимија. Манастирот во Рајчица е целосно затворен за посети, додека, пак, во Бигорски посетите се редуцирани. вт/вг/

Остани поврзан