• среда, 06 ноември 2024

МОК: Олимписките игри не смеат да предизвикуваат поделби

МОК: Олимписките игри не смеат да предизвикуваат поделби

Берлин, 22 февруари 2023 (МИА) – Меѓународниот олимписки комитет (МОК), во одбрана на својот план со кој се обидува да најде начин за учество на руски и белоруски спортисти на Олимписките игри 2024 во Париз, порача денеска дека најголемата светска спортска манифестација не би смеела да предизвикува поделби и да исклучува спортисти.

„Олимписките игри не можат да спречуваат војни и судири, ниту можат да влијаат на сите политички и општествени предизвици на нашиот свет. Војната во Украина е во доменот на политиката, а Олимписките игри можат да бидат светски пример каде сите би ги почитувале истите правила и би се почитувале меѓу себе“, соопшти МОК.

Во соопштението се нагласува дека меѓународното олимписко движење како своја мисија отсекогаш го имало промовирањето на мирот преку спортот.

„МОК останува посветен на таа мисија и обединување на целиот свет во мирно натпреварување. За градење мир е потребен дијалог, натпреварување во кое спортистите, почитувајќи ја Олимписката повелба, можат да послужат како катализатор за разговор, што секогаш е првиот чекор кон реализација“, порача МОК.

Повеќе од 30 држави, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Франција, се заложија неодамна на руските и белоруските спортисти да им биде забранет настап на меѓународните натпреварувања, а Украина се закани со бојкот на Игрите во Париз доколку на нив им биде овозможен настап на Русите. ег/паг/

Остани поврзан