• вторник, 05 ноември 2024

„Модерното ропство“ е најзастапено во Северна Кореја, Еритреја и Мавританија

„Модерното ропство“ е најзастапено во Северна Кореја, Еритреја и Мавританија

Њујорк, 24 мај 2023 (МИА) - Северна Кореја, Еритреја и Мавританија имаат највисока преваленца на модерно ропство во светот, покажуваат податоците на Глобалниот индекс за ропство што е објавен денеска, а со кој се забележа „влошување“ на ситуацијата на глобално ниво од последното истражување пред пет години.

Во извештајот се проценува дека во 2021 година околу 50 милиони луѓе „живееле во ситуации на модерно ропство“, што е зголемување за 10 милиони во однос на 2016 година, кога последен пат беше измерен идексот.

Се проценува дека 28 милиони луѓе се на принудна работа, а 22 милиони од нив живеат во принуден брак.

Ситуацијата се влошува, меѓу другото, поради „растечките и сè покомплексни вооружени конфликти, широко распространето уништување на животната средина“ и влијанието на пандемијата на коронавирусот.

Извештајот, составен од хуманитарната организација за човекови права „Оди слободно“ (Walk Free), го дефинира модерното ропство како „принудна работа, принуден или ропски брак, должничко ропство, принудна комерцијална сексуална експлоатација, трговија со луѓе, практики слични на ропство и продажба и експлоатација на деца“.

Основниот принцип на ропството подразбира „систематско лишување од слободата на една личност“ - од правото на прифаќање или одбивање работа до слободата да се одлучи дали, кога и со кого да се омажи.

Според оваа мерка, авторитарната Северна Кореја има највисока преваленца на модерно ропство, со индекс од 104,6 на 1.000 жители, се наведува во извештајот.

По нив следуваат Еритреја (90,3) и Мавританија (32), која во 1981 година стана последната земја во светот која наследното ропство го прогласи за нелегално.

Во првите десет земји во светот со модерно ропство се и Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт, каде работните права на мигрантите се ограничени.

Други земји во првите десет се Турција, „која прима милиони бегалци од Сирија“, Таџикистан, Русија и Авганистан. сд/

 

Остани поврзан