• среда, 25 декември 2024

Могерини: Договорот од Преспа инспирација за надминување други нерешени спорови во регионот

Могерини: Договорот од Преспа инспирација за надминување други нерешени спорови во регионот
Охрид, 1 јули 2021 (МИА) – Поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини од Форумот во Охрид посочи дека Договорот од Преспа, во чие постигнување таа беше лично активно вклучена, претставува инспирација за надминување на остананатите нерешени спорови во регионот. Могерини е убедена дека Преспанскиот договор останува не само за неа, туку и за сите колеги од ЕУ и за евроатлантската заедница вистинско решение и пример. - Договорот покажа дека ниту еден проблем не е нерешлив, за секое прашање, спор има решение, за тоа се бара лидерство, храброст, решителност и почит, што е потребно во голема мера во овие времиења и да се гледа напред и да се вложува повеќе за начинот, на кој можете да обезбедите одржлив пат за вашиот народ. Договорите се секогаш тешки, но можни, а Преспа е одличен пример од регионот дека Балканот може да испорачаат резултати и со поддршка на ЕУ и меѓународната заедница можат да се случат невозможни нешта, рече Могерини. Таа нагласи дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и оти не станува збор за процес на проширување, туку пред се за процес на обединување на Европа. Џорџ Робертсон, поранешниот генерален секретар на НАТО, смета дека ниту Договорот од Преспа ниту Охридскиот договор не се доведени во прашање, туку претставуваат како храброста и калкулираната интеревенција можат да донесат победи. - Заев и Ципрас демонстрираа огромна политичка храброст донесувајќи одлука што ќе ги отвори вратите на НАТО и да ја предвижи државата кон европските текови. Европското членство е на дофат, тоа ќе се случи, рече Робертсон. Кога станува збор за Охридскиот рамковен договор Робертсон ја искористи можноста пред учесниците на Форумот да ја истакне храброста на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, како човек што непријателите го нарекувале предавник што ја распродава земјата, а чиј придонес е огромен во надминувањето на кризата и воениот конфликт. Јоханес Хан, поранешниот комесар на ЕУ за проширување, од говорницата во Охрид истакна дека  Северна Македонија служи како пример како договор по договор, чекор по чекор се остваруваат целите. - Ќе биде потребно време, трнлив е патот до успехот, но сметам дека иако патот е кривулест и не секогаш се знае што се крие зад аголот, на крајот на краиштата ќе ги отстраниме сите камења од патот, рече Хан. За Договорот од Преспа тој рече дека е фантастичен пример како се решават спорови, демонстрација на решителност и визија на лидерите на двете држави. - Тоа беше важен сигнал за Регионот дека правичен компромис е возможен. Во многу преговори водени во регионот сум искусил чувство на постоење дијаметрално спротивни црно-бели позиции, поделби на победници или губитници. Но, во реалниот живот и особено како суштинско нешто кај демократиите е дека моѓе да се постигне правична зделка, пример што препознава само победници, рече Хан. Хан изрази жалење што за миг е изгубен моментумот, динамиката на процесите што водат кон напредок на регионот. - Можам да го разберам вашето разочарување, честопати сум имал слични чувства. Знам дека европјаните не сме лесни за соработка, но ние не сме лесни за соработка и меѓусебно, така што верувам дека на крајот на краиштата ќе дојдеме до резултати. Не би сакал од вас повторно да барам да демонстрирате трпение, тоа сте го направиле толку многу пати. Но, треба да се остане истраен на она што сме го започнале, она што сме го започнале ќе го испорачаме. Откако Северна Македонија ќе ги започне преговорите, верувам дека ќе биде она што беше во 200, најдобриот ученик во класот од регионот, рече Хан. Потписникот на Договорот од Преспа, тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, а сега вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров порача дека сега е време оние големи зборови што ги доби Преспанскиот договор, како инспирација за регионот, како голем успех за Европа, како триумф на дипломатијата да се преточат во конкретни чекори. - Не само за нашите две држави, туку и на целиот регион дали вреди да се инвестира политички капитал, кога се потпирате на европските ветувања. Многу често слушаме: вие испорачајте, ние ќе испорачаме. Ние испорачавме, одговорноста е сега ЕУ да испорача без разлика што тоа е сложен организам од 27 земји-членки, меѓутоа мора да најде начин да испорача бидејќи е опасно кога зборовите ќе останат празни, рече Димитров. аб/мч/

Остани поврзан