• сабота, 16 ноември 2024

Мобилниот парламентарен карван „Собрание за граѓаните“ го посети Кавадарци 

Мобилниот парламентарен карван „Собрание за граѓаните“ го посети Кавадарци 
Кавадарци, 26 октомври 2022 (МИА) - Мобилниот парламентарен карван, насловен „Собрание за граѓаните“, што е дел од активностите на Собранието на Република Северна Македонија за зголемување на транспарентноста и отчетноста, денеска го посети Кавадарци.
Присутните на градскиот плоштад, имаа можност да земат учество во активностите на карванот, да стекнат знаења за работата на Собранието, историјата на парламентаризмот, законодавната постапка и други теми од работата на институцијата, како и да се сретнат со пратениците Даниела Колева, Зоран Јованчев, Панчо Минов и Златко Пенков.
Во изјава за медиумите, Колева изрази задоволство, од, како што рече, успешниот отворен ден, за средба на пратениците со граѓани.
- Ние во континуитет сме постојано со граѓаните. Лесно е да стапат во контакт со нас, телефонски, преку социјалните мрежи, во пратеничките канцеларии. Достапни сме и за законски решенија и за потреби на граѓаните, здруженијата, институциите. До нас стигнуваат барања од најразличен тип. Од наједноставни барања, што се институционални и многу едноставно можат да се решат. До најкомплицирани барања, што исто така претставуваат предизвик за нас. На пример, целосна промена или измена на закон, додаде Колева.
Кампањата „Собрание за граѓаните“ се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, 10-годишен проект поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку Швајцарска Амбасада во Република Северна Македонија. „Програмата за парламентарна поддршка“ се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП).
Граѓани од различни возрасти се сретнаа со пратениците и поставуваа најразлични прашања до нив.  свд/цр

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан