• понеделник, 23 декември 2024

МНР: Шпекулации се објавените информации дека во ОН не се употребува македонскиот јазик

МНР: Шпекулации се објавените информации дека во ОН не се употребува македонскиот јазик
Скопје, 8 јуни 2022 (МИА) - По однос на објавените шпекулации за употребата на македонскиот јазик во рамки на Обединетите нации, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија информира дека единствениот референтен документ на ООН за главните обележја и податоци за земјите е UNTERM (кратко од UN Terminology). Објавените информации, се оценува во соопштението од МНР, преставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста, и не одат во прилог на интересите на Северна Македонија. Во документот на UNTERM, како што се наведува во соопштението, се дадени основните информации за секоја земја: официјалното име, кратко име, јазик на држава, назив на валута, ISO кодовите и др. Линкот на UNTERM за личната карта на земјата е секогаш достапен он-лајн и на него може да пристапи секој. (Линк: https://unterm.un.org/UNTERM/Display/Record/UNHQ/NA/1c98d616-3b6a-4d15-a7cb-f88c7f988b83) Секретаријатот на ООН, како и сите негови тела е обврзан да се придржува и да ги почитува податоците изнесени во истиот (UNTERM). Вработените во Секретаријатот на ОН немаат надлежност за толкување на вакви прашања. Секретаријатот на ОН раководи и има надлежност во менаџирањето на прашањата околу употребата на шесте официјални јазици на Организацијата (англиски, француски, шпански, арапски, кинески и руски). Постојаната Мисија на Северна Македонија при ОН во Њујорк, одржува редовни средби со претставници на Секретаријатот на ОН, и во таа насока нема никакви индиции што одат во прилог на објавените шпекулации. -Согласно појавениот интерес на јавноста, нашата мисија во Њујорк стапи во контакт со претставници на Секретаријатот, од каде дополнително и официјално ни беше потврдена важечката пракса и регулатива преку која категорично ги отфрлаат сите шпекулации изнесени во медиумите за наводна „внатрешна инструкција во ООН за начинот на користење на терминот - Македонски јазик“, се наведува во соопштението. Од МНР посочуваат дека објавените информации преставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста, и не одат во прилог на интересите на Северна Македонија. ев/са/ 

Остани поврзан