• вторник, 24 декември 2024

МНД-Битола го одбележа Меѓународниот ден на науката

МНД-Битола го одбележа Меѓународниот ден на науката

Битола, 8 ноември 2024 (МИА) - Македонско научно друштво-Битола, најстаро научно друштво во државата кое 65 години дава значен придонес за развој на науката, со тркалезна маса на тема „Науката кај нас“, го одбележа Меѓународниот ден на науката.

МНД-Битола со организирање на научни конференции, симпозиуми, собири, тркалезни маси, но и преку научната работа на членовите на МНД која е евидентна во објавените научни резултати во многубројни референтни научни публикации или презентирана на меѓународни научни конференции, почнувајќи од 1960 година и денес, посветено е на науката, истакна професор д-р Даниела Андоновска Трајковска, претседателка на Друштвото.

-МНД-Битола од своето основање е сериозна научна институција која има за цел да ја развива науката и тоа во сите научни дисциплини. Годинава, меѓународниот ден на науката го одбележуваме со дискусија околу некои клучни прашања поврзани со статусот на научната мисла кај нас. Кои научни дисциплини се развиени или се развиваат, а кои се во стагнација како резултат на глобалните трендови, но и на општествените прилики во државата, со какви потешкотии се соочуваат истражувачите при истражувачката работа или при објавувањето на научните резултати во научни публикации во земјата и странство, дали научните институти во државата ја добиваат соодветната финансиска помош за научно-истражувачка работа, дали универзитетите ја поттикнуваат научната мисла и во какви форми или облици го прават тоа, дали постои меѓуинституционална соработка за научни цели и за научно-истражувачка работа, дали постои меѓународна меѓуинституционална соработка во таа насока, колку од научните проекти се финансирани од државата, а колку од меѓународни грантови, што е потребно за да се добијат финансиски средства за научна работа и кој има пристап до нив, каква е поврзаноста меѓу научната мисла и наставните предмети кои се реализираат во основното, средното и високото образование, бидејќи наставниот предмет е дидактички обликувана содржина која припаѓа на некоја научна дисциплина, какви стратегии се потребни за да се поттикне и развива научната мисла во вонинституционални и институционални рамки, која е улогата на високообразовните институции, но и на Македонското научно друштво во тој процес, во која насока треба да се движи нашето МНД за да ја оправда целта на своето постоење, посочи Андоновска Трајковска.

Пред академскиот аудиториум во Битола, Андоновска Трајковска потсети на актуелните трендови во светот и посебно подемот на вештачката интелегенција во сите пори на општеството.

-Обидувајќи се да си го олесни животот со измислување на сè пософистицирана и посовршена технологија, човекот не е ни свесен дека сè повеќе се затвора во себе и сам си ја одзема слободата на одлучување живеејќи во кафез сочинет од единици и нули. Не е ни свесен дека неговата потрага по силиконската долговечност, брзата заработка, лесниот депресивен живот и постојаната трка со времето го оддалечува драстично од тоа што тој треба да е – човек. Оттука си го поставуваме прашањето во која насока треба да се развива науката за да биде во функција на враќање на човекот кон вистинските вредности и негово ослободување и благосостојба, нагласи Андоновска Трајковска.

Панелисти на тркалезната маса на тема „Науката кај нас“, беа поранешните претседатели на МНД-Битола, Игор Неделковски, Борис Ангелков, Марјан Танушевски и Невена Груевска. мт/сст/

Фото: МНД-Битола

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан