Млад кумановец ненадејно починал во Kумановската болница, истражната постапка во тек
- Млад кумановец вчера почина ненадејно во Kумановската општа болница откако примил терапија, информираа денеска од болницата, а случајот го потврдија и од СВР Куманово. Триесет и двегодишниот кумановец се јавил во Kумановската болница поради стомачни болки. Пациентот починал во 11 часот вчера, обидите за реанимација биле неуспешни. Случајот е пријавен во Jавното обвинителство и СВР Куманово.

Куманово, 18 март 2025 (МИА) - Млад кумановец вчера почина ненадејно во Kумановската општа болница откако примил терапија, информираа денеска од болницата, а случајот го потврдија и од СВР Куманово. Триесет и двегодишниот кумановец се јавил во Kумановската болница поради стомачни болки. Пациентот починал во 11 часот вчера, обидите за реанимација биле неуспешни. Случајот е пријавен во Jавното обвинителство и СВР Куманово.
Од ОЈО Куманово денеска потврдија дека телото на починатиот е предадено на обдукција за да се испитаат причините за смртта. И комисија ќе испитува дали се испочитувани протоколите.
Директорот на болницата Стефан Трајановски денеска информираше дека пациентот прvo се јавил на дневна болница на хирургија, претходниот ден во вечерните часови за преглед за стомачни тегоби.
- Првин да изразам длабоко сочувство до семејството на починатиот. Дежурниот лекар хирург го прегледал. Аплицирана му била соодветна терапија. Пациентот си заминува и доаѓа во утринските часови, повторно да се пожали дека ги има тегобите. Ординирана му е соодветна терапија. Дадена му е соодветна терапија по повторениот преглед и по повеќе часови, значи некаде околу 07.00 часот утрото дојде на повторен преглед, а околу 11:00 часот дојден е да ја прими терапијата. По аплицираната терапија прашање било, од тоа што јас сум известен по неколку секунди настанува градна болка, веднаш е прекината терапијата. Веднаш била повикана и анестезиолошка служба целосна екипа-анестезиолог со двајца анестезиолошки техничари и е пристапено кон оживување. За жал, немало позитивен одговор на процесот на оживувањето, пациентот е прогласен за починат, изјави директорот на Општа болница - Куманово Трајановски.
Лекарите го известиле директорот, повикана била и полиција и обвинител. Пчната е истражната процедура за причината за смртта на младиот кумановец. Постапката, како што информираше Трајановски ќе оди службено, бидејќи веднаш се известени ОЈО и СВР Куманово. Во болницата ќе следи комисиски состанок со засегнатите во случајот за да се утврди дали се испочитувани протоколите.
- Од моите првични сознанија, интервјуа што ги имам направено со персоналот, со сите кои биле во контакт со пациентот реагирано е соодветно и навремено во согласност со протоколите. Но, подетално утре комисиски ќе ги разгледаме дали соодветно е реагирано во однос на протоколите кои ги имаме во болницата, изјави Трајановски.
Одговарајќи на новинарски прашања, Трајановски рече дека и тој слушнал дека пациентот починал по алергиска реакција од аналгетик.
- Има такви шпекулации, сега кога веќе сме во истражна постапка ќе се одреди точно зошто е настаната оваа ситуација. Мене многу ми е жал, што навистина во овој траорен момент за целата нација по она што се случи во Кочани, сега и оваа смрт на млад човек, се случува вакво нешто, но ова е болница, овде луѓе се раѓаат и луѓе умираат и тоа е процес кој е секојдневен во нашата работа. Лошо е кога ќе се случи на еден млад човек, вели Трајановски.
Од полицијата потврдија дека на 17 март годинава во 11.35 часот во СВР Куманово од Општа болница Куманово било пријавено дека во болницата со влошена здравствена состојба бил донесен В.А.(32) од Куманово, по што му била дадена терапија, но по кратко време починал. По наредба на јавен обвинител телото било предадено за обдукција, а полициски службеници од СВР Куманово извршиле увид и извршиле разговор со сите присутни медицински лица. Полицијата работи на расчистување на случајот. ам/мд/
Фото: МИА