• петок, 22 ноември 2024

Младите на ХЕРА организираа герила акција во Скопје по повод Меѓународниот ден на младите - 12 Август

Младите на ХЕРА организираа герила акција во Скопје по повод Меѓународниот ден на младите - 12 Август

Скопје, 12 август 2024 

На Меѓународниот ден на младите, 12 август, „ХЕРА МЛАДИ“ организираа герила акција во Скопје со слоган „Промени ја сликата, ти си разликата“, истакнувајќи ја важната улога на младите во обликувањето на иднината на нашето општество.
Преку организирање на интерактивни изложби, улични уметнички инсталации и јавни дијалози, „ХЕРА МЛАДИ“ успешно создадоа позитивна и поддржувачка атмосфера која ги инспирираше младите и пошироката заедница во нашиот град. Скопјани денеска на повеќе локации ги видоа пораките:
„Зајакната младина денес значи подобро утре“,
„Слобода, креативност, младост - тоа е твојата моќ“,
„Никогаш не си премлад за да ја промениш иднината“ и многу други.


Герила акцијата се организираше со идеја да се зголеми свесноста кај младите со потенцирање на концептот дека нивните идеи, нивната вклученост во општествениот живот е од важност токму за нив самите. На тој начин односно со нивна вклученост активно ќе се искористи нивниот потенцијал и капитал, а истовремено ќе се мотивираат да бидат дел од сите процеси кои ги засегаат. Младите, како носители на иднината имаат уникатна способност и моќ да иницираат бројни позитивни трансформации во своите заедници, но и пошироко. Преку младински активизам, младите може да се борат за своите права, да се залагаат за социјални промени, да генерираат иновативност и креативност и да изнаоѓаат нови решенија за проблемите со кои се соочуваат.


Скопје ги прочита денеска и пораките „Кога мислам на љубов мислам на тебе“ и „Дали веруваш во вистинска личност во погрешно време“. Суштината на пораките е во еден од главните фокуси на младите односно љубовта, како и тинејџерските и адолесцентните врски. Грижата за младите и нивниот развој и искористување на нивниот потенцијал е во нивното здравје, а инвестицијата во сеопфатното сексуално образование е од суштинско значење за нивниот развој. Преку сеофатно образование се покриваат сите аспекти на сексуалноста, од физичките до емоционалните и социјалните, и истото им помага на младите да донесат секогаш информирани одлуки за своето сексуално и репродуктивно здравје.


„ХЕРА МЛАДИ“  преку оваа акција укажаа од потребата за промоција на здрава комуникација и информираност на младите преку зајакнување на механизмите на општеството и имплементација на сеопфатно сексуално образование, бидејќи само на овој начин можат да се решат проблемите на адолесцентна бременост, предизвиците поврзани со родовите идентитети и само на овој начин потенцијалот на секој млад човек во нашава држава ќе може да биде целосно искористен.

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување

______________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ХЕРА

 

Остани поврзан