• недела, 22 декември 2024

Младите Британци ретко гласаат за десничарите, причината е економска

Младите Британци ретко гласаат за десничарите, причината е економска

Лондон, 9 февруари 2024 (МИА) - Процентот на млади кои гласаат за десничарски партии е најмал во Велика Британија, во споредба со другите западни земји, а експертите оценуваат дека причината е од економска природа, односно тоа што помладата популација во таа земја трпи значителни економски тешкотии, пренесува Фајненшл тајмс.

Во САД, на последните претседателски избори во 2020 година, за Доналд Трамп гласаа околу 40 отсто од гласачите во дваесеттите години, а истото се очекува и годинава. Тој процент е околу 30 во Франција, Германија и Шпанија, додека процентот на млади кои ја поддржуваат Конзервативната партија во Велика Британија е на историски најниско ниво - само 10 отсто од луѓето до 40 години планираат да гласаат за владејачките конзервативци.

Експертите посочуваат дека најважен фактор за тоа е огромниот пад на социјалната мобилност во Велика Британија, што многу потешко ги погоди младите Британци отколку нивните врсници во другите земји на Запад.

Како што наведуваат, тоа целосно ги промени политичките ставови на младите во таа земја. Во минатото, младите Британци можеа да очекуваат полесно и побрзо да добијат сопственост на домот, па нивните политички интереси природно беа насочени кон партијата која се залагаше за ниски даноци.

Истражувањето на Универзитетот Оксфорд покажува дека младите во таа земја ја изгубиле вербата во социјалната мобилност што ја ужива генерацијата на нивните родители.

Истражувањето спроведено од Focaldata за Фајненшл Тајмс покажува дека културните и економските убедувања на младите Британци и конзервативните гласачи се речиси дијаметрално спротивни.

Процентот на 18 до 34-годишници во Британија кои велат дека „не ја сакаат“ Конзервативната партија бил стабилен на околу 20 отсто пред референдумот за ЕУ ​​во 2016 година, но во годините оттогаш е двојно зголемен. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан