Миљазим Мустафа побара разрешување на претседателката на Врховен, одбраната на Адеми бара постапката да запре
- На јавна седница, Судскиот совет денеска одржа расправа за иницијативата поднесена од членот на Советот Миљазим Мустафа. Тој како подносител на иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд Адеми, во завршните зборови на расправата побара одлука со која ќе се утврди нејзина одговорност и разрешување. Од друга страна, одбраната на претседателката на Врховниот суд побара одлука со која постапката ќе запре.
Скопје, 29 декември 2023 (МИА) - Судскиот совет дополнително ќе одлучува за иницијативата за дисциплинска постапка за претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.
На јавна седница, Судскиот совет денеска одржа расправа за иницијативата поднесена од членот на Советот Миљазим Мустафа. Тој како подносител на иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд Адеми, во завршните зборови на расправата побара одлука со која ќе се утврди нејзина одговорност и разрешување. Од друга страна, одбраната на претседателката на Врховниот суд побара одлука со која постапката ќе запре.
Комисијата која ја разгледуваше иницијативата треба во рок од 15 дена да го изготви извештајот за утврдената фактичка состојба и да го достави до сите членови на Судскиот совет, по што Советот на седница ќе расправа и ќе донесе одлука.
По однос на расправата за двете точки од иницијативата, за непојавувањето на седници на Судскиот совет на Адеми без да даде соодветни докази, како и интервјуто во кое зборува за политички притисоци, беше посочено дека со неприсуството на седниците на Судскиот совет таа покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамки на правосудниот систем. Според Адеми, пак, сите случувања во Судскиот совет биле демотивирачки од професионален аспект.
На расправата, која се одржа со присуство на поголем број медиуми и стручна јавност, подносителот на барањето, членот на Судски совет Миљазим Мустафа, се произнесе по однос на наводите во барањето и ги образложи двете точки за утврдување одговорност на Адеми. На овие наводи одговори одбраната на Адеми и ги оцени како неосновани. Потоа беа изведени доказите и дадени завршните зборови по што Советот дополнително на седница ќе одлучува за иницијативата. ар/ев/
Фото:МИА