• вторник, 24 декември 2024

Мишел: Силно ја осудуваме руската воена агресија врз Украина, која е без преседан

Мишел: Силно ја осудуваме руската воена агресија врз Украина, која е без преседан

Киев, 24 февруари 2022 (МИА) - Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, остро ја осуди воената „агресија на Русија против Украина без преседан“ и најави нов пакет санкции на Европската унија, за кои лидерите на ЕУ ќе разговараат вечерва на самитот во Брисел.

Мишел вели дека ЕУ ќе обезбеди политичка, финансиска и хуманитарна помош за Украина и ја повика Русија и вооружените формации кои ја поддржуваат да го почитуваат меѓународното хуманитарно право.

„Силно ја осудуваме руската воена агресија врз Украина, која е без преседан. Со своите неиспровоцирани и неоправдани воени дејствија, Русија грубо го крши меѓународното право и ја поткопува европската и глобалната безбедност и стабилност“, рече Мишел во писмената изјава.

Претседателот на Европскиот совет ја повика Русија веднаш да ги прекине непријателствата, да ја повлече армијата од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина.

„Оваа употреба на сила и принуда нема место во 21 век“, вели Мишел.

Претседателот на Европскиот совет вели дека на вонредниот состанок на лидерите на ЕУ вечерва ќе се разговара за кризата и натамошните рестриктивни мерки кои, според него, ќе наметнат огромни и тешки последици врз Русија поради нејзините постапки.

Тој додава дека деталите од пакетот санкции ќе ги презентира претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, а ќе ги усвои Советот на ЕУ.

„Жалиме за загубата на животи и хуманитарните страдања. ЕУ и нејзините земји-членки се подготвени да обезбедат итен хуманитарен одговор. ЕУ стои цврсто со Украина и нејзиниот народ додека се соочуваат со оваа незаменлива криза“, заклучи Мишел. паг/

Остани поврзан