• недела, 22 декември 2024

Мишел: Лидерите на ЕУ не постигнаа договор околу носителите на врвните функции (ДПЛ)  

Мишел: Лидерите на ЕУ не постигнаа договор околу носителите на врвните функции (ДПЛ)  

Брисел, 18 јуни 2024 (МИА) - Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на вечерашната неформална средба во Брисел не успеаја да постигнат договор околу изборот на највисоките функционери во Унијата, информира претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.  

- Средбата претставуваше добра можност да се разменат мислења околу изборните резултати и за подготовка на формалната средба на Европскиот совет што ќе се одржи овде во Брисел следната недела. Мислам дека дискусијата се одвиваше во вистина насока, но во оваа фаза вечерва нема договор, изјави Мишел по завршувањето на неформалниот состанок на европските лидери. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Мишел истакна дека политичките партии на средбата ги изнеле своите предлози за кандидатите за водечките позиции во ЕУ и врз основа на нив ќе се работи на постигнување договор. 

Според него, во целиот процес на носењето на оваа одлука е важна транспарентноста и во нејзиното усвојување да бидат вклучени сите 27 земји членки на ЕУ.  

- Оваа средба беше важна за таа цел. Потребна е доверливост и одредено ниво на доверба за да се донесе одлука, рече Мишел, додавајќи дека од суштинска важност е да се зачува единството во Европскиот совет.  

Тој нагласи дека целта на денешната средба и не била да се донесе одлука околу носителите на врвните функции, туку само да се разменат мислења и да се изнесат очекувањата, надежите и приоритетите, за секој да може да го слушне секого, што, како што истакна, е важен чекор во процесот на носењето одлуки.  

Мишел изрази надеж дека лидерите на земјите членки на ЕУ сепак до крајот на јуни ќе постигнат договор околу имињата на носителите на водечките позиции во блокот. 

- Многу е јасно дека во текот на јуни мора да донесеме две важни одлуки. Едната е во врска со институционалниот циклус врз основа на резултатите од изборите за Европскиот парламент, а втората важна одлука е за Стратешката агенда на која почнавме да работиме пред многу месеци, нагласи Мишел.  

Тој додаде дека заедно со одлуката околу носителите на врвните функции во ЕУ, на дневниот ред на Самитот на ЕУ следната недела ќе се најде и Стратешката агенда, која, како што рече, ќе ги дефинира насоките на Унијата во следниот период. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан