• недела, 22 декември 2024

Мицотакис: Потребна е практична заложба на европското раководство и земјите членки за забрзување на ЕУ перспективата на регионот

Мицотакис: Потребна е практична заложба на европското раководство и земјите членки за забрзување на ЕУ перспективата на регионот
Солун, 10 јуни 2022 (МИА) – Време е да одиме напред со порешителни чекори во интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство; потребна е практична заложба од европското раководство и земјите членки за забрзување на процедурите; 2033 година е амбициозна и реална цел, беа пораките што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги испрати од Солун по завршувањето на Самитот на високо ниво во рамките на претседавањето на Грција со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, на кој учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски, јави дописничката на МИА од Атина. Грчкиот премиер, во неговата изјава детално и опширно се задржа на европската перспектива на Западен Балкан, рече дека поминаа речиси 20 години „од тогаш кога се отвори патот, исто така во Солун за време на грчкото претседателство во 2003 година“, истакна дека регионот што се нарекуваше буре барут во Европа, може да се претвори „во зона на напредок, мир и просперитет“, а го повтори и неговиот предлог објавен денеска во колумната за „Политико“. - Денес мислам дека дојде време да одиме напред со порешителни чекори во интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство. Секако признавајќи дека треба да се направат важни чекори на нивно усогласување со европските стандарди. Само така нивната интеграција ќе биде суштинска. Но, потребно е и нешто повеќе, практична заложба на европското раководство, како и на земјите членки дека ќе се забрзаат соодветните процедури. Затоа и во мојата колумна што денеска беше објавена во „Политико“ ја предлагам 2033 година како временски рок за вклучување на сите земји во Европската Унија. Тоа е амбициозна цел за Западен Балкан, но верувам дека може да биде и реална, ако во вредносното јадро на Унијата се врати идејата за проширување, истакна Мицотакис. Грчкиот премиер потенцираше дека „тектонските промени што ги носи руската инвазија во срцето на нашиот континент, ја истакнува потребата да се финализира пазлот на стабилност што Европската Унија им ја нуди на нејзините членки, вклучувајќи го и Западен Балкан“ и изрази уверување дека регионот ќе одговори на двојниот предизвик: енергетската автономија и суверенитетот, „преку неповредливост на границите и соработката меѓу соседите“. За енергетиката го спомена терминалот во Александруполи за течен природен гас, што може „нашето соседство да го стави во фокусот на стратешкото енергетско снабдување на Балканот и југоисточна Европа во целост“. - На второто поле, фактите се јасни по неиспровоцираната руска инвазија во Украина, ќе треба да испратиме јасна порака дека никој во третата декада од 21 век не може да го прифати деспотскиот ревизионизам кој е закана не само за меѓународниот геополитичка баланс, туку и прифатените граници врз кои се изгради современиот свет. Историјата не се пишува одново бидејќи некој своеволно си ја замислува, порача Мицотакис. Мицотакис рече дека на поканата за Самитот позитивно одговориле и присуствувале на највисоко ниво 11 од 12 земји членки во процесот, секако освен домаќинот Грција, учествувале шест претседатели, четири премиери и еден вицепремиер. Се осврна и на присуството на Самитот на претседателот на Европскиот Совет Шар Мишел, велејќи дека со тоа се испраќа јасна порака за перспективата за проширување на ЕУ, а учеството на германскиот канцелар Олаф Шолц на вечерата на 12-те лидери, „го покажува неговиот посебниот интерес за ЈИ Европа“. Посочи дека земјите членки на ПСЈИЕ едногласно ја усвоиле Декларацијата од Солун, која се темели на мир, заедничка безбедност и просперитет, а потписниците се обврзуваат за принципите на демократијата, владеењето на правото, на меѓусебно почитување и солидарност, со основен приоритет ЕУ перспектива на целиот регион. ср/нд/

Остани поврзан